АТАНАС ВАНГЕЛОВ
„помирување со помилување“ на премиерот Заев погази некои основни морални начела во името на возвишени, државни цели (пат кон НАТО и ЕУ). Парадоксално, тоа доведе во позиција обвинети за „терористичко загрозување на уставен порадок“ да пишуваат „закон за амнестија,“ еден политички цинизам од највисок ред. Така, серијата поситни огрешувања кон закон и морал стануваа некој вид цинична логика и прагматизам на власта од која врти глава јавноста, од која дига раце
Што значи кога еден од клучните министри (Шекеринска) во владата на Заев ќе ви каже јавно, со леснина од која, во најмала рака, боли глава: а) дека Македонија е „мала земја“; б) дека во една „мала земја“ секој со секого е „некој род“ (М. Дира велеше: груба реконструкција на семејно стебло за 20 генерации наназад покажува дека секој секому е – род!); в) дека функцинерите од власта и на власт не можат да ја избегнат таа зла коб-род; г) главен виновник за тоа што, тие (мора да) туркаат свои на добро платени места во државни фирми?
Да се прогласи кобта (fatum) за главен виновник кога роднини на видни функционери од власта доаѓаат лесно до добро платени места во државни фирми (најнов е случајот со баџанакот на Т. Џафери), тоа значи да се заборови дека е на дело озлогласемиот механизам – „трговија со влијанија.“ Смее да му се случи тоа на министер кој води клучен ресор во владата на Заев? Смее кога прибегнува кон метафизичко објаснение на проблем од практичниот живот. Што прави тогаш таа метафизика? Поткопува еден „прагматизам“ на премиерот на чија страна е, барем на зборови, истиот министер. Значи уште дека се работи за политички фатализам против кој не може ништо една световна власт како онаа на Заев. Па, според тоа, таа ни не може да сноси одговорност за тоа што некои злобници го нарекуваат „трговија со влијание“.
Така изгледа таа работа на прв поглед. На втор, помалку видлив затоа што е подзаскриен, станува збор за своевиден политички цинизам кој полека но сигурно добива свој легитимитет и легалитет во јавниот живот. Со мошне добри изгледи да стане институција за себе (и тоа најважна!) која ќе ги суспендира сите други во својата борба за „место под сонце.“ Ако веќе не ги суспендирала. Сега, два-три збора за тој политички цинизам чиј татко е цинизмот.
Формата „к’не“ во разговорниот македонски е заемка од влашкиот (cȃnе) со романски еквивалент „cȃine“. Силни се трагите, во таа форма, на латинската „canis“, блиска по звучење значење до старогрчката форма „kynos“ (пес, куче). Таа форма дава основа за зборовите „циник“ (зајадлив човек; оној што „каса“) и „цинизам“ (зајадливост).
По таа проста етимолошка логика политички циник е оној што, во најмала рака, ви вели дека му поставувате неумесни прашања кога сакате да дознаете дали е допуштено висок функционер од власта и на власт да поработи за свои роднини кога бараат добро платени места во државни фирми. Неумесни, затоа што треба да знаете барем толку: дека, во „мала Македонија“, вака или онака, „секој секому е род“. Ако не знаете, тоа си е ваш проблем. Ако знаете и згора поставувате прашање од тој вид, тогаш сте „човек кој каса,“ кој ужива во тоа и кој, дури, се храни од тоа. Или, со еден збор, вие сте „циник“.
Силата на цинизмот воопшто и, во тие рамки, на политчкиот цинизам лежи во една древна логичка итрина позната под името ignoratio elenhi. Се работи за тоа да се измести расправа од тоа за „што“ станува збор во тоа „кој“ (и, особено, „каков е тој“) што покренува такво прашање – во случајов новинарот на “Телма“ Боби Христов. Ако ми појде од рака да покажам дека оној што покренува такво прашање го прави тоа било од незнаење, било тенденциозно (скриена зла намера) јас сум докажал, иостовремено, дека прашањето, во најмала рака, не заслужува внимание. Се разбира, јас го правам тоа дискретно. Таа дискреција ми помага да навлечам маска на стрплив и добронамерен човек. Таа маска, од своја страна, добро ја скрива мојата зајадливост (цинизам) која тешко поминува во јавноста затоа што таа го препознава како вид агресивност.
Кога некој политички лик од формат и, згора на тоа, со долгогодишно политичко искуство (Шекеринска, на примир) го повикува на помош мајсторот политички цинизам? Тогаш кога знае дека некои работи кои ги прави било тој, било владата во целина (еден непотистички бран кој добива на сила и разорна моќ), не само тешко се бранат туку ни не можат да се одбранат. Кога знае, исто така, дека тој политички цинизам има добри шанси да помине во јавноста поради неговата „дволика природа.“ Од една страна таа јавност го осудува поради агресивноста; од друга, го прифаќа затоа што треба да разоткрива како скриена порака, а пак оној што разоткрива се издига во своите очи; тоа е непосредниот доказ за неговата остроумност.
Агресивната, корозивна и деструктивна црта на цинизмот и, во тој склоп, на политичкиот цинизам упатува на еден отров кој тивко се таложел во душата на некој политички лик од формат. Во даден момент мора да го исплука за да не го парализира и духот и телото. Она славно „помирување со помилување“ на премиерот Заев погази некои основни морални начела во името на возвишени, државни цели (пат кон НАТО и ЕУ). Парадоксално, тоа доведе во позиција обвинети за „терористичко загрозување на уставен порадок“ да пишуваат „закон за амнестија,“ еден политички цинизам од највисок ред. Така, серијата поситни огрешувања кон закон и морал стануваа некој вид цинична логика и прагматизам на власта од која врти глава јавноста, од која дига раце.
Во тој контекст политичкиот цинизам е силна индиција за тоа дека таа власт тешко се носи со свеста за сè што прави (и не прави!) во тек на две години, дека некои работи ја печат и дека се чувствува непријатно кога некој тура рака сол во отворена, жива рана. Што треба да сврши тогаш мајсторот политички цинизам? Тој треба, макар симболично, да го убие непријатниот сведок.