ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Стоиме пред фактички доказ како нашата самонаречена „Левица“ е маскирана „Десница“, а „десницата“ ВМРО-ДПМНЕ, пак, е фарисејски, антихуманистички популизам маскиран под назив – десница. Маскенбал! Едвај чекам коалиција меѓу нив, можеби коалицијата меѓу преправандуси доведува до софт-анихилација по природни закони
Кој играл како мал Расипан Телефон со другарите, сигурно ќе се сети на многу смеење. Кога бевме тројца или четворица, од „мармалад“ стануваше „галама“, ама кога бевме повеќемина, знаеше да стане и „бумбарка“! Се смеевме на без-врската меѓу почетокот и крајот. Заради немањето логична врска меѓу почетокот и крајот, некои ја цитираат оваа игра како пример од категорија на non-sequitur („нема следство“ или „не следува“ во смисла – логички), но не се согласувам – всушност немањето логична врска меѓу зборовите во игра која однапред претпоставува такво правило ја прави баш sequitur. Проблемот настанува кога однапред се претпоставува правило дека почетокот (изворот) и крајот имаат логичка врска, но го добивате само крајниот дел без да знаете колку се разликува од изворот. На пример, кај нас ЗНМ, СЕММ, МАН и АВМУ тврдат чесно новинарство, но не реагираат баш на нечесно, (реагираат на наши реакциии на нечесноста!), при што медиумите никако не ни го даваат контекстот и изворното значење, туку само обработената опашка (објавата на медиум). Таа состојба не е Расипан Телефон, туку е Темна Шума (Liu Cixin) и воопшто не е за смеење… Не знам колку докази се потребни за да се констатира организирано злонамерно дејство на истуривање глупости наместо информации, но секој ден ги има со багер да се товарат во 100 „Скании“ и сигурно има закон кој го кршат.
Но, non-sequitur може уште пострашно да дејствува – всушност низ историјата тоа и го правел. Имено, знаеме дека еден non-sequitur „заклучок“ може подмолно да содржи и зборови како „значи“, „затоа што“ итн. и пак да биде не-следство, на пример ако се тргнува од нешто неточно. Од неточно се добива сѐ и сешто и ова е апсолутно. Исправно гледајќи, токму заради задолжителноста на точноста на премисата кога се прави добар заклучок, не може примателот на некоја содржина да се повикува на non-sequitur само заради своите непознавања на контекстот (елементи од премисата). Проблемот е што заради ова, во пракса, сме соочени со една подмолност која тешко се решава: Ако не прифаќаш non-sequitur од многубројна група, тогаш, во најмала рака, си „обвинет“ дека ја немаш целосната информација. Идејата во заднината е дека не може да се докажува комплетност на информација кога си на опашката на расипаниот телефон – но забораваат дека мислата не се храни од глупавости, туку може да извлече правилен заклучок од контрадикциите меѓу нив (полесно од детективските логички главоломки во забавните катчиња). Да се објаснува резонирање на обожувач на non-sequitur е залудно и непотребно надвор од образованието. Имено, држењето со нокти за магичноста на следување на сѐ и сешто од очигледно неточно не е непресметливо, туку само ужасно лицемерно, бидејќи е јасен резултат од анализа на „трошоци-придобивки“ (cost-benefit analysis) или обичен економски принцип за корисност – троши интегритет за да добие сѐ и сешто (што ќе му падне на памет).
Некои групи или личности од оваа ситуација (на наводно незнаење „на работите“- па оттаму, демек, тврдиме non-sequitur), го изведуваат она катастрофално „право на свое мислење“ во која фактите се деградираат на „мислења“, а non-sequitur –от се воздигнува до „свој“. Толку се пумпа личното или колективното его со тој „свој“ non-sequitur, што би згазиле и на најголи податоци и факти, а камоли на посложените норми од најповршната етика. Да не нѐ чуди од каде излезе толку јавно ликувањето на несреќа, тогаш: Тоа дошло токму од истото недржење до точноста, односно, уште повеќе, заради држење до очигледни неточности, од глупав, non-sequitor протест против најосновна етика. Јасно, истото одамна повлекло промоција на грдиот морален релативизам, многу покомплексна творба отколку слепилото за баш sequitur општи факти и норми применливи во сегашноста (да не зборуваме за иднини – моќта на предвидувањето стои уште пострашно со non-sequitur).
Но, да се вратам на општествено по-назадувачката варијанта, во која не се признава очевиден non-sequitur дека е тоа. Намерноста на тоа треба да ни стане јасна на сите. Имено, корените на општествената поларизација се банално биолошки – истражувањата на мозокот со помош на fMRI (функционална магнетна резонанца), спроведени од невронаучникот Грегори Бернс (со дипломи и од биомедицинско инженерство и физика) од Универзитетот Емори на Одделот за психологија, покажуваат дека во мозокот има центар за однесување регулирано преку правила и центар за однесување регулирано преку cost-benefit анализа. Кој центар ќе биде поактивен повеќе зависи од окружувањето на единката отколку од генетиката (од вежбањето, практично, на конкретните центри). Однесувањето на индивидуата преку догматски non-sequitur правила се процесира во мозокот со огромна негативна емоционална активност (бес), кога, за она што индивидуата го сфаќа како догматско правило во облик на „света вредност“, се предложи анализа на „трошоци-придобивки“. Но, нема бес кога се разбираат следствата за конкретно правило (на пример, за хигиена и заштита на здравјето, макар што за последново популистите во ковид-пандемијата успеаа да ги прекинат следствата, па non-sequitur глупости кои водат до незачувување на здравјето добија квалитет на „светост“). Резултатот со обземањето бес е потврден на конкретни индивидуи од страни во конфликт – Палестинци-Израелци, Индуси-Муслимани во Кашмир и Иран, во САД про-избор и про-живот групи, итн. Резултатите покажале дека кога ќе се предложат материјални или услужни погодности во замена (релаксирање или напуштање) на догмите од „свети вредности“, луѓето ги обзема бес до физичко насилие, а истото се случува и со предлог за санкционирање и колективни казни, при што центарот за cost-benefit анализа сосе резон – комплетно се исклучува. Емпириски, ова го знае секој идеолошки тинк-танк и без fMRI, веројатно со векови, па оваа невролошка слабост е намерно, сосема пресметливо (со користење на cost-benefit анализа!) – претворена во оружје. Мислам дека сега е јасно зошто религиите се маша во рацете на некои многу пресметливи авторитарци – маскирањето во „религија-без-принципите“, туку само во наметка од non-sequitur ритуали, има потенцијал да собере голема маса топовско месо: Присвојување на масата и именување како постоечка религија, но со отстранета цивилизирана суштина и превртена во нецивилизирана.
Форсирањето на незнаењето преку негрижа за образованието, медиумската култура и интегритет, па уште и воздигнато до идеал за универзално незнаење (нели, што мисли еден бог е „тајна“, додека човекот се сместува во категорија на нижо суштество), е токму „аргументот“ со кој речиси формално се воспитуваат цели нации, со цел да се спротивставуваат на нормалните работи – на вистината, на хуманоста, на стремежот за повисока цивилизираност, а тоа пак, со цел да се потчинуваме на диктатори и ешалони од негови дворјани. За да се одржува незнаењето и нељубопитноста, потребен е страв од семоќник, а во фазата на присвојување и испразнување на одредена религија, тоа е натприроден, апстрактен пара-бог. Односно, таквото спротивставување би било нецелосно, секако, ако уште поцврсто не се „закатанчи“ кон уште поголем non-sequitur: Плукајќи на заколнатиот непријател – просветителството и наметнувајќи го примарниот non-sequitur на „нивниот“ семоќен пара-бог, бајковидните „свети вредности“ и други блабладности над здравиот разум на најосновните следства, дополнително имаат навика да повторуваат како папагали. Односно, освен што секоја самопромоција е идиотизирачки сведена на „аргументот“ од лулашки „Ќе го викнам брат ми да те истепа“ (т.е Господ во улога на „брат ми“), со сиот бес и насилство видено на магнетната резонанца на Бернс, дополнително имитираат модус поненс со идиотарии како, (за неутрален) пример: „Клупата е дрвена, затоа што клупата е дрвена и клупата е дрвена“. Ова е исто така non-sequitur. Агрегаторите на вести се показатели за оваа состојба во медиумите, културата и општеството.
Бидејќи бесот на толпата е добредојден за „пастирите“, а моралните принципи во учењата – не, јасно е дека ниеден бог воопшто нема врска со ниедна религија (да, добро читате), ниту со целите на секоја, па макар и монотеистичка религија. Имено, секоја од нив оригинално била замислена како напредна филозофија за обединување на народот околу идеи со кои едни на други луѓето ќе си овозможуваат благосостојба и мир, со кои едни на други би биле блиски и неексклузивно би си правеле добро и така заедно би постигнувале сѐ повисока цивилизираност. Навистина, религиите веќе не се напредни, бидејќи многу филозофи, психолози, невронаучници, итн., ги надминале религиските добри желби над 100+ скалила (и никој не станал филозофски или невронаучен „пророк“ или „месија“), но насоката била битна, а таа е прото-либералистичка, прото-центар-лева, про-социјалистичка, гледано по денешни стандарди. Ниедна религија не се појавила како пандан на десничарско движење (на пример, не содржи традиција – самата почнала како револуција), туку сосема е спротивното. Мислам, лесно се гледа: Како може Исус, човекот кој вели „сврти го другиот образ“, „прави им добро на тие што те мразат“, „благословени се милостивите и миротворците“, итн. – да биде десничарски ориент.. Од друга страна, оние што роваркаат по општеството употребувајќи ги религиите како маша (второво – од што имаат потреба од семоќен „брат -тепач“), се квази-религиозни имитатори со идеја и смисла за култови. Од ова денес се дефинира популистичкото „десно“. Суштински, тоа воопшто не е десно, оти ако користиме терминологија „конзервативизам“, надвор од економските принципи и традиционално-религиските додворувања, аденауеровото десно на пример е сосема конгруентно со центар-левото. Дури и во својата идеална форма за интегритет како „клеточна обвивка“ на индивидуите и групите, може да биде и комплементарно со левото. За разлика од модерното постаденауерово хумано десно, популистичкото „десно“ секогаш било поприсутно: Во времето на Исус, на пример, така можеме да ги идентификуваме неговите фарисејски противници со самодопадните, тесноумни, нехумани „учења“. Денес тоа е разведениот Трамп со библијата в раце, разведениот Салвини бакнувачот на бројаници, антимиграцискиот радикал Орбан – самонаречен водач на христијанска Европа, а можеби и немажената христијанка со деца – Мелони. Не пречи што се разведени и немажени, тоа спаѓа во маскираните „христијанења“, но пречи лицемерието за „вредностите“ кои самите не ги исполнуваат и пречи што се отворени националисти, расисти и протофашисти.
Настрана од идеите на Конрад Аденауер за христијанска демократија (нагласокот е на демократија, но голема штета што христијанството го вовел во идеологијата!), квази-десното, односно култистичките идеолози, инсистираат баш на non-sequitur-ите од ритуалите, обредите, итн., односно тие да се усвојуваат за „религија“ иако за видните авторитарни „кралеви“ очигледно не мора да важи премногу христијанство ниту „христијанство“. Всушност, тие и не инсистираат баш, туку ангажирано се возат на бранот на мрзата, необразованието и несфаќањето – јасно е дека работливоста, образованието и разбирањето бараат нега, па ако таа не е обезбедена од индивидуа до индивидуа – ете необразовно општествено цунами за диктаторско топовско месо. Користењето на non-sequitur се случувало и кога не постоеле држави и експлицитни општествени уредувања. Како динамика толку е надвор од логичниот тек на уредувањата и генезата на државите, односно толку незабележано си паразитира на сите напредувачки социјални концепти – што токму побудува идеја дека се издвојува како посебен сигнал, како што канцерот се издвојува од здравото ткиво: Сведоци сме дека многу луѓе смислата на својот живот ја бараат во тотално non-sequitur ритуали, обреди, тотеми, симболи, догми и „традиции“. Некои ги запазуваат „правилата“ – која бандера носи несреќа, а која шахта среќа, иако секој знае дека тоа се симптоми за пореметено психичко здравје. Истите се во состојба на утеха и мир баш кога се уплашени од „семоќен“ ентитет. Замислете да известите ваква душа – дека тие ритуали, обреди и догми немаат врска со неговото приближување до „семоќниот бог“, туку оригинално биле замислени како потсетници за подобрување на себеси и на својата околина. Дека божествата се смислени заради насочување на стремежот кон човечко самоподобрување, а не се реални ентитети. Дека се извитоперени до пара-реални ентитети. Таква личност ќе смета дека ѝ ја загрозувате смислата на животот. Популистичките извртувања на монотеистичките религии ги бришат хуманистичките принципи, ги бришат линиите на конвергенција кон замисленото идеално добро и ја оставаат само таа крајна точка „бог“ изолирана од сѐ човечко. Така влечат конци кон преодна фаза на пара-реалистичен бог како посебен издвоен ентитет, а не конвергирачка идеална точка која е дозволено да не постои како ентитет, со цел – да „фати мајата“ на авторитарниот овоземен бог – Трамп, Орбан, Путин… Во овој момент, многу од десните со интегритет мора да бидат замолени да се оттргнат од вакво „христијанење“, и да си го редефинираат конзервативниот наратив, односот кон авторитарноста, диктаторството и делот од non-sequitur „традициите“, бидејќи трампутиновата „теологија“ не е ни религија, ниту христијанство – всушност е неразумно ѓубре на под-мајмунско ниво и антиинтелектуална непочит кон цело историско просветителство.
Кај нас, популистичката про-авторитарна ВМРО-ДПМНЕ исто така се маскира во „христијанска“, „десна“ партија, но таа тоа воопшто не е. Таа промовира фарисејство и авторитаризам, нејзините дела, изјави и однесување се во спротивност со секој морален принцип, вклучувајќи ги таквите принципи од сите религии, па и христијанската. ВМРО-ДПМНЕ е во колосекот со силите што се борат против напредокот на човештвото вмешувајќи ја државата во тоа свое поведување и не воздржувајќи се од non-sequitur-и секаде кајшто ќе стигне, од секој облик, во секоја сфера од нормалното живеење. По којзнае кој принцип од неа се назначени индивидуи кои носат повеќе од 1/3 законодавна власт и милион плетканици во судската власт. Сега на власт во Македонија не е баш извршната (треба да си се замислат за својот однос со јавноста), туку е non-sequitur-от „бугаризирање“ заради признавање на бугарско триилјадно малцинство по Копехагенските критериуми! Ова е поставено наспроти здраворазумното воведување на ЕУ-стандардите овде (и самиот Копенхагенски критериум е ЕУ-стандард), кои згора на сѐ, се стандарди посакувани и од најгорчливите циници. Тоа се пак социјалдемократски стандарди, као што и светот се движи нанапред според нив. Но, социјалните и демократските промени во општествово се движат како во слалом со пречки. Неопходноста на ВМРО-ДПМНЕ да го митологизира Уставот како некаква „светост“ ги произведува бесовите видени на fMRI-то на Бернс. Резонот на топовското месо – исклучен на чиста 0. Самите безобразни слогани со „продавање име“, а сега „бугаризирање“ или „диктат“ (ова е и копи-пејст од Хитлер, да биде уште поглупаво), ги носат токму маркерите од fMRI-то на Бернс. Односно, исто како во експериментот, самиот спомен да олабават со „светоста“ заради придобивка или казна, продуцира бес во кој резонот тотално се гаси. Надежта им е дека „мајата на светост“ ќе се пренесе на шефот на ВМРО-ДПМНЕ, за еден ден да можат да си црпат од буџетската чешмичка за себе заштитени во ѕидини од бесни хиени што слинат кон сите останати. Левица, преправандусот во „лева“, ќе стане про-НАТО (хаха) кога ќе коалицира со преправандусот во „десна“ ВМРО-ДПМНЕ, чиј шеф, пак, до скоро не сакаше да ѝ го изусти името туку ја викаше „опозиција на опозицијата“ (август, 2023 на ТВ Алфа, кај Момировски и Милосављевиќ). Мислам дека стоиме пред фактички доказ како нашата самонаречена „Левица“ е маскирана „Десница“, а „десницата“ ВМРО-ДПМНЕ, пак, е фарисејски, антихуманистички популизам маскиран под назив – десница. Маскенбал! Едвај чекам коалиција меѓу нив, можеби коалицијата меѓу преправандуси доведува до софт-анихилација по природни закони.
Уште од Стара Грција, светот суштински напредува преку социјалдемократските идеи (со денешна терминологија), вклучувајќи ги тука и Исус, и Мухамед, и Буда, итн., во продолжение низ просветителството, а назадува со тесноумните, егоцентрични, нехумани, инквизиторски, фарисејски канцери, т.е. денес – популистичките „десни“ и ултрадесни. Да се надеваме дека Македонија ќе влезе во хуманистичкиот светски тек, а нема да се вазалира сама себе преку култистичко-теолошката авторитарна доктрина што се истура на тони во медиумите. Драго ми е што е дојден момент кога општествата ги препознаваат не-следствата и се заситени од нивната преупотреба за анти-граѓански цели (кој е во тек – знае). Кај нас заситувањето е можеби и повеќе отколку кај други земји, бидејќи образованието е оставено на венење и трулеж, додека некои од поразвиените земји, крпејќи се со образованите кадри, сѐ уште успеваат да ги затнат дупчињата од популистичките глупарии. Мило ми е што пропонентите на не-следства се принудени веќе да си ги одржуваат во живот истите тие не-следства, па се во полоша позиција отколку негувателите на образованието и воспитанието. Повторно надоаѓаат генерации кои не се воздржуваат да прашаат „Зошто?“ и за најмали работи и не прифаќаат „затоа што така треба“, „затоа што така се прави“ или затоа што „сите така прават“. И кај нас децата да се охрабрат да бараат и истражуваат суштински одговори и за најмалата работа што ќе им текне и да се храбри да ги дознаваат премисите на сѐ од што од нив лично се бара заклучок. Да не учат напамет и да не скокнуваат без одговор во бандвагон вовчиња, бидејќи тоа е вовед во догми и слугување на авторитарни мајмуни! Да почитуваат правила затоа што ги знаат сите премиси и последици на почитувањето и непочитувањето, а не слепо да се повинуваат, оти еден ден второво може да ги доведе само до безумен бес за некакви „светости“ и ќе им го исклучи резонот, можеби грижливо граден. Според резонот сме луѓе, а не животни и нема зошто да живееме во Темна Шума.