Како ќе се однесува ДИК во предметот Ставревски, кој го доби како !жежок костен“? Дали незадоволната страна ќе оди на Управен суд и со тоа ќе се скуси периодот на нормално предизборно функционирање на МВР? Особено откако Чулев прави дар-мар во ова клучното министерство. Да не заборавиме дека ДИК не води кривилна постапка, туку треба да одлучува според очевидноста и едноставно да не дозволи човек кој не ја заслужува својата функција да го заземе тоа важно место. За тоа се доволни и индиции
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во политичките дебати во земјава Државната изборна комисија, со сите контрадикторности кои беа пенетрирани во нејзиниот состав, начин на работа и притисоци кои се вршеа кон оваа институција, тајмингот бил врзан строго за пред изборите, за време на нивното одржување или непосредно потоа, се до прогласувањето на изборите за завршени. Може да се каже дека потоа, после изборите, ова тело, каде членовите имаат високи плати, кои наводно треба да ја гарантираат нивната „непоткупливост“ влегууваат во административноста „зона на самракот“: не ги гледаш ама тука се некаде.
Во актуелниот миг ДИК е активиран малку предвреме, со барањето на привремениот министер за внатрешни Наќе Чулев таа да се прозинесе дали неговиот предлог за прв човек во СВР на градот Скопје да биде избран Ристе Ставревски. Мора да се увиди дека неговата заменичка Славјанка Петровска, со можност да става вето на вакви предлози, претходно се согласи со другите 11 кадровски барања на Чулев, иако можеме да веруваме дека истите не и биле по вкус или чувство за одговорност, но кај Ставревски не можела да одмолчи. Иако не сме чуле за тоа ДИК да се користи во ваква, толкувачка функција кога времените кадровски решенија се во прашање Тоа право наводно произлегува од членот 48, став 1, од Законот за Владата.
Во тој член стои дека „во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата од членот 2 од овој закон во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство“. И воставот 2 се додава дека „одлуката на Државната изборна комисија е конечна. Во ставот 3 се остава можност „во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд“.
Каде лежи основот за сомнвањето во кадарноста и моралната вертикала на споменатиот шеф на скопската полиција?
Најнапред неговиот глас го има во „бомбите“ на Заев и тоа токму во врска со една од изборите и тогашните нерегуларности!. На таа тема тој муабети со министерката за внатрешни, во тоа време – Јанкуловска. Од ВМРО ДПМНЕ нагласуваат дека Ставревски не е осуден, ниту против него се водела постапка. Тоа е точно, но по промените на власта или поточно – промените во Обвинитлството едноставно постоеше дилема: од каде да се почне? Големите риби беа секако приоритет ама и тука постоеја стотици форми на опструкција, добро пресметани … впрочем, Ставревски не бил на врвот на деконструкцијата на државата, туку во средината на пирамидата. ВМРО ДПМНЕ просто и нема од каде да ги бира кадрите кои не се под обвинение и црпи малку подлабоко во ревирот на матните води со кои е преполн партискиот бунар. Факт е дека Ставревски има дури и безбедносен сертификат ама тоа се должи само на надворешните притисоци на новата влада во 2017 година, кога се инсистираше на некоја форма на национално помирување!
Впрочем, истото лице се појави како име во судскиот процес „Титаник“ како дел од една реплика на екс-началничката на одделот за лични карти во МВР, Јадранка Гулевска. Ставревски и бил во судницата како сведок во случајот „Тенк“ (оној со мерцедесот од над 600 илјади евра). На ова потсетуваат поранешните обвинители од СЈО. Да не заборавиме дека ДИК не води кривилна постапка, туку треба да одлучува според очевидноста и едноставно да не дозволи човек кој не ја заслужува својата функција да го заземе тоа важно место.
„Јавноста го памети Ристе Ставревски од политичките бомби како со Гордана Јанкуловска разговара за изборни измами во предизборен период, како тогашен нејзин советник во кабинетот. На рочиштата за овој процес („Титаник“ – н.з.) меѓу доказите биле и смс – преписки на Ставревски и Јанкуловска од кои се гледа како се подготвувале списоци за предизборни партиски вработувања, но и притисоци кон политички неистомисленици“, рече на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска Ванчева, потенцирајќи дека „човек кој бил десна рака на Јанкуловска, а потоа го бранел криминалот на Груевски, не може да раководи со СВР Скопје”.
Проблемите во МВР се множат до мерка која ја загрозува безбедноста на земјава и дипломатските престаништва, како и граничните премини. Така, Чулев издал телеграма со која ги укинува наредбите за извршување задачи на полицајците во други организациони единици. Со тоа Чулев создава недостиг на полицајци за обезбедување и директно ја загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има законска обврска да ги обезбедува, како и амбасадите на неколку држави, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ и други. Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност и безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава, односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата, обвинија од СДСМ.
Ако вака почна годината што не очекува до април?