Во игра е бизнисмен од Австралија веќе врзан во бизнисот со власта ама и со МПЦ!

Нема да дозволиме здравјето на граѓаните во Крива Паланка, да биде загрозено поради бизнис интересите на оваа власт, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на неодамнешната прес-конференција во Собранието. Филипче посочи дека СДСМ секогаш ќе биде на страната на интересот на граѓаните, и тие имаат право да ја знаат вистината за рудникот во Кривопаланечкиот регион.Меѓу другото дека еден од потписниците на тие договори што ќе го користат рудникот е донатор во ВМРО ДПМНЕ.
„Каква врска има во какви односи сум јас лично и какви се тие двојни стандарди и двојни односи, едни за пред камери, а едни зад камерите. Е, тоа треба да објасни градоначалникот. Ние стоиме на страната на интересот на граѓаните. Има обврска градоначалникот кога станува збор за таков проект за кој што гледаме дека зад него стојат бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ, еден од потписниците на тие договори што ќе го користат рудникот е донаторот во ВМРО ДПМНЕ, и тоа не е ништо чудно. Сè досега е поврзано со бизнис интересите на премиерот и на оваа владејачка гарнитура. Тоа се знае. Секојдневно излегуваат информации“, рече Филипче.
Воедно, Филипче порача дека СДСМ нема да дозволи здравјето на граѓаните да биде ставено во втор план и побара вклучување на јавноста во носењето на вакви одлуки.
„Нема да дозволиме здравјето на граѓаните да биде загрозено поради бизнис интересите на оваа власт. И тоа луѓето мора да го знаат. Што треба да дозволиме таков рудник во Кривопаланечко, без да се прашат граѓаните? Иима обврска градоначалникот без разлика од која партија дали од СДСМ, дали од ВМРО ДПМНЕ, без разлика, мора да ги праша граѓаните што мислат за еден таков проект. Не е бизнис интересот и финансискиот интерес пред здравјето на граѓаните, а посебно не е бизнис интересот на оваа корумпирана и криминална власт“, рече Филипче.
Кои се тие инвеститори во еднаш напуштен рудник, веројатно заради нерентабилност?
Австралијанец со потекло од Македонија е сопственикот на фирмата кој нашата делегација го однесе на стратешкиот дијалог со САД, за да потпише договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари за истражување критични минерали во Македонија. Станува збор за Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“, фирма чија главна стратшка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во Македонија, која веќе е инсталирана тука и длабоко навлезена во бизнис водите во државава поврзани со минералите и енергетиката.
„Призма“ неодамна објави дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија (!) формирала заедничка фирма со „Пела глобал лимитед“ за производство на електрична енергија од обновливи извори, при што влогот на МПЦ бил 20 отсто, а на австралиската компанија 80 отсто. Она што е битно исто така е дека МПЦ не плаќа даноци во државата, а наголемо формира фирми со странски партнери зад кои стои привилегирана релација со актуелната политичка гарнитура.
Според соопштението од Владата, со овој договор во Вашпингтон се отвораат можности за „понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини“.
Граѓаните на социјалните мрежи масовно реагираа на веста, обвинувајќи за распродажба на рудните ресурси, со клучно прашање – ако има вредни метали зошто не ги копаме ние, туку им ги даваме на Американците? Од овие информации сега испаѓа дека им ги даваме на Австралијанци со блиски врски со МПЦ, а преку неа и со власта.
Николче (Ник) Јовановски е само еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, австралиска фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа. На страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија е
унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
Во кратката биографија за Јовановски пишува дека течно говори македонски, член е на дијаспората и клучен за успехот на „Пела глобал лимитед“ како нејзин основач и извршен директор уште од нејзиното основање.




