По кризата со пандемијата со коронавирусот глобално, рече Димитров, ќе се соочиме со прашањето дали ќе се разбудиме во свет со национален изолационизам или повеќе глобална солидарност
Министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на он-лајн видео конференција во ко-организација на Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, насловена „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19#.
За справување со кризата со коронавирусот и последиците од неа потребна е, смета Димитров, заедничка реакција и солидарност и на регионално, но и на глобално ниво. „Овој предизвик може да го надминеме само заедно. Вирусот не може да биде победен во една земја, а да остане во друга. Тогаш тој ќе се врати и затоа е потребно заедништво, солидарност и усогласени акции“, рече Димитров.
По кризата со пандемијата со коронавирусот глобално, рече Димитров, ќе се соочиме со прашањето дали ќе се разбудиме во свет со национален изолационизам или повеќе глобална солидарност. Она што го правиме сега преземајќи брзи мерки и одлуки во борба со пандемијата, потенцира шефот на дипломатијата, ќе придонесе за нашиот избор глобално по нејзиното завршување.
„Мора да ја победиме оваа битка заедно. Вирусот не може да се победи само во границите на една земја. Ако тој биде биде победен во една земја, а не во соседството ќе се врати. Затоа треба да се справуваме со него во глобална солидарност“, рече Димитров.
Тој вели дека она што сака да го види на глобално ниво, сака да го види и во регионот и соседството.
„Она што сакам да го видам во нашиот регион е повеќе заедништво, регионална соработка и усогласување на политиките со нашите пријатели и сојузници. Ако ЕУ на почетокот и требаше време да се разбуди мислам дека нејзината машинеријата дава конкретна помош. Мислам дека колку повеќе сме дел од мерките толку побрзо ќе се опоравиме. Мислам дека и на билатерално ниво кога се соочуваме со заеднички предизвик би требало да го применуваме принципот на заедништво и да го применуваме и во билатералните односи исто така“, рече Димитров.
Тој во своето излагање се осврна на влијанието и значењето на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата, како и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со земјава, притоа нагласувајќи ги, како што рече, вистинската сила и способност на двете организации да се прилагодат на новосоздадените услови и да донесат и други значајни стратешки одлуки.
„Овие два историски и долгоочекувани исчекори претставуваа зраци на светлина и надеж за нас, за Регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Благодарни сме за досегашната поддршка, која се надеваме ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите, како побргу би излегле од тунелот“, истакна министерот во своето обраќање.
Покрај министерот Димитров, други учесници на виртуелниот панел беа: Александрос Диакопулос, советник за национална безбедност во кабинетот на грчкиот премиер, Метју Палмер, заменик помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот Совет и Катерина Соку, новинарка од дневниот весник „Катимерини“ и дописник од Вашингтон.