Нашиот министер за надворешни работи потсетува дека никогаш веќе нема да одиме сами, со нас ќе бидат 29 сојузници
Македонскиот министер за надворешни работи и неговиот грчки колега Георгиос Катроугалос во Вашингтон го објаснуваа значењето на Преспанскиот договор, зачленувањето во НАТО, но и руското мешање во регионот
Навреден сум кога некои земји, или аналитичари велат дека правиме нечија туѓа агенда. Ова е за нашата земја да ја направиме многу постабилна во друштво со група земји што се грижат за човековите слободи, за владеење на правото и за демократските институции. Ова го правиме за нас самите, имаме целосна поддршка од нашите граѓани.
Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров кој денеска во Вашингтон учествуваше на меѓународната панел сесија „НАТО Енгејџис“ (NATO Engages: The Aliance at 70) што се одржа по повод седумдесет години од постоењето на Алијансата, а во организација на Атлантскиот совет.
Во полна сала на мултимедијалниот центар „Антем“, Димитров имаше заедничка сесија со грчкиот министер за надворешни работи, Георгиос Катроугалос. Двајцата зборуваа за значењето на Договорот од Преспа, за процесот на зачленување на Македонија во НАТО, но и за руското мешање и негодување на тој процес.
„Од Москва доаѓаат изјави против договорот постигнат со Грција. Сепак, отворено велам и одговарам на таквите изјави дека ова е добро за стабилноста на регионот. Ова е наша одлука“, рече Димитров и додаде дека и натаму треба да се одржуваат разговори со Русија.
„Силни сме колку што ни е силна армијата и економијата и колку што ни се силни демократските институции. Но, силни сме и толку колку што имаме пријатели! Никогаш веќе нема да одиме сами. Со нас ќе бидат 29 НАТО сојузници – еден за сите, сите за еден!, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на настанот „NATO Engages: The Alliance at 70”, што минатата недела, во средата и четвртокот, се одржа во Вашингтон, по повод 70 годишнината од формирањето на НАТО.
„Јас, всушност, ја потпишав декларацијата од Вилнус во 2000 г. и ние сме последната земја што конечно ќе стане членка. Ова одамна требаше да се случи. Тогаш ветивме дека солидарно ќе си помагаме, да ја направиме Европа цела и слободна и мислам дека конечно сме блиску до таа линија на сигурност. За нас ова во суштина е една од двете најголеми стратешки цели од нашата независност во 1991 г. Во 1993 г., Парламентот консензуално одлучи дека би сакале да станеме дел од Алијансата. 84 отсто од нашето јавно мислење ја поддржува оваа стратешка насока, па, навистина е посебно чувството што по сите овие години… Пред сè, ова е незавршена работа, а добро е кога работите ќе се завршат и се чувствувам привилегирано што имав удел во осигурувањето дека наредната генерација ќе има посигурна, постабилна, попредвидлива држава, рече Димитров.
– Како што кажав, ова е за нашиот народ и навреден сум кога некоја држава или некој аналитичар ќе каже дека спроведуваме туѓа агенда. Ова е за да ја направиме нашата држава постабилна во друштво на земји што се грижат за индивидуални слободи, за владеењето на правото и за демократските институции. И тоа се подразбира под сила – колку се демократски и колку се функционални контролите врз власта и институциите, колку е независен судскиот систем и колку се слободни медиумите. Ова го правиме за нас, имаме целосна поддршка од нашиот народ. 84 отсто од граѓаните ја поддржуваат нашата одлука да станеме членка на НАТО и иако во 2008 г., на пример, ова не беше проблем за Москва, не е тајна дека од Москва постојано доаѓаат соопштенија и изјави против договорот и секакви критики. Јас отворено им одговарам – ова го зборувам јавно, но и зад сцената – ова е добро за стабилноста на регионот, одлуката е наша, и кога-тогаш, ова е прашање на лидерство и време, мора да разговараме. И ние – Алијансата – како наредна 30-та земја членка се надевам дека ќе го имам тоа право до декември оваа година, да зборувам и во име на Алијансата – и ова разбирање ќе треба да се заснова врз некои важни принципи на меѓународното право, но треба да се ангажираме, па дури и да не го подобриме односот, сепак треба да разговараме. Знаеме каде одиме, ја знаеме насоката, се движиме во таа насока и тоа е добро. Стабилноста е добра за Балканот, добра за Европа и ќе продолжиме да ги убедуваме сите дека ова е нешто добро, рече Димитров во настапот.
– Светот, нашиот свет, станува помал и меѓусебно поврзан и бара поголемо заедничко дејствување; одговорноста е заедничка на сите овие фронтови – основните причини – и не можеме да си дозволиме да не се справиме со проблемите. Мора да се соочиме со проблемите, да инвестираме ако треба да се инвестира во поголеми трошоци за одбраната, бидејќи ни треба сила за да имаме мир, и да дејствуваме. Сега имаме големо искуство во чекање. Поминавме 18 МEP циклуси како земја во подготовки и мислам дека добивањето на членството нема да го земеме здраво за готово. А вистинската цел не е да станеме членка, вистинската цел е да станеме земја што е силна, има функционални демократски институции, која е сигурен, предвидлив партнер, за Атина, Вашингтон, Берлин, да можат да се обратат кон нас и да кажат: „Потребни сте ни овде, таму, во регионот, надвор од регионот“. Па мислам дека ова е целта, а не формалното. Но, ќе биде добро да добиеме и некои придобивки од членството, сепак, процесот е двонасочен, порача Димитров.