Мислам дека власта носи некои погодности и привилегии кои си имаат своја, обично, мошне висока цена. Некои ја плаќаат таа цена. На други им тргнува од рака да не платат ништо. По малку отсутниот, меланхоличен тон со кој одговараше министерот Н. Димитров на прашања од „змиулчето“ (Нег. Бл. Михаил) на О. Трајковска ме уверуваат дека тој веќе ги плаќа тие погодности и привилегии
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Две третини од емисијата „Вин-Вин“ на Оливера Трајковска на Телма, чиј соговорник беше нашиот министер за надвотрешни работи Никола Димитров, беа посветени на прашањата: односот на македонската влада кон Петер Хандке, годинашен добитник на Нобеловата награда за литература, и односот на БАН кон македонскиот јазик во светлината на Договорот за добрососедство, некој вид претходница на „Преспанскиот договор.“
По однос на првото прашање дознавме дека министерот Димитров (преку „Твитер“) му порачал на нашиот амбасадор во Шведска да ја избегне свечената церемонија на која му се врачува Нобеловата награда на писател кој, во свое време, не се колебал на симболичен начин да ја изрази својата поддршка на политиката на С. Милошевиќ така што дури зборувал на неговиот закоп. Ако на тој „симболичен начин“ Хандке ја легитимирал авторитарната политика на С. Милошевиќ, тогаш, на имплицитен начин искажал некој вид рамнодушност кон жртвите на таа политика (на пр. оние од Сребреница), а пак тоа заслужува осуда. Следува од тоа дека личноста и делото на еден писател се иста работа, иако се знае дека делата барем на некои писатели се подобри (во етичка смисла) од нивните творци. Со простиот факт што ги – надживуваат! Или, како што кажа Џорџ Орвел во еден свој есеј: ние не можеме да со согласиме со Шекспир ако имал склоност да напаѓа девојчиња по возови затоа што очекуваме да напише уште еден „Крал Лир,“ но затоа пак не можеме да се лишиме од тоа да читаме ремек-дело од истиот од тој „опак“ писател. Во тој случај нашиот министер за надворешни работи постапи како Александар Мегалос кој, место да отплеткува „Гордиев јазол“, вади меч и го – пресекува.
Во вториот случај, кога авторот на емисијата О. Трајковска го потсети нашиот министер дека сега БАН рекла оти македонскиот литературен јазик бил еден од дијалектите на бугарскиот кој поминал низ некоја „српска машина за пишување“, Димитров пропушти добра можност да им врати „шило за огнило“ на нашите „Братја Б’лгари“ така што ќе рече, дека, и нивниот литературен јазик поминал низ некоја „руска машина за пишување,“ затоа што графиите “я“ и “ю“ се позајмени од руската граѓанска азбука од времето на Петар Велики. Тука треба да се рече дека нашиот министер постапи онака како што препорачува Блаже Конески кој вели дека, македонската делегација секогаш била примана со симпатии на меѓународните славистички конгреси кога се воздржувала од „агресивни“ тонови во макдонско-бугарските „междособици“, кога строго држела до научните факти, до словото и духот на модерната наука за јазикот, отколу до краткотрајна привлечност на „полемичката победа“ на меѓународна сцена. Или, ушто појасно кажано, Димитров се повика на една „претпазлива логика“ која, за жал, не е онаа во случајот на австрискиот писател Петер Хандке; таа беше брза и остра како мечот на Александар Мегалос (го нарекувам по „хеленски“ затоа што и нашата влада најавува таблички со натпис дека и тој споменик во центарот на Скопје припаѓал на „хеленската“ – читај грчка! – култура).
Како да се разберат тие две логики на еден министер за надворешни работи: една остра и брза, друга бавна и “претпазлива“? Немам друг одговор на тоа прашање освен дека, во првиот случај, е помалку присутна личноста (со нејзината длабока интима), а во вториот доаѓа повеќе до израз таа „длабока интима на таа личност“, а помалку улогата министер зад која стои еден жив човек „од крв и месо.“ Што поточно сакам да кажам со тоа?
Не можам, на пример, јас во својството министер на влада да му вратам со иста мера, па дури и со камата, на својот аналогон од Софија. Тој ми вели: твојот јазик поминал низ „српска машина за пишување.“ Јас му враќам без „страв и зазор:“ и твојот поминал низ „машина за пишување“, ама „руска.“ Не можам, затоа штро сум должен, пред тоа, не се раскусурам со својот роден татко кој, во своите филозофкси, учени книги, одамна го напишал и потпишал тоа што го велат сега Е. Захариева, Б. Борисов со нивната велеучена верзија БАН.
Ако се „раскусурам,“ јас се ставам, сакал или не, во позиција јавно да му судам на родител како што, своевремено, тоа го направи Павлик Морозов: тој ги пријави своите родители затоа што криеле жито (од кое го хранеле и Павлик) од советската власт. Или – власта е повеќе од животот! Тоа беше таа наивна, инфантилна логика на Павлик Морозов која заврши со трагедија. Не мислам дека е лесно да бидеш министер за надворешни работи со таков, длабоко интимен семејно-биографски багаж, кога „контекстот“ (околности, историја) бара од тебе не само да „речеш“ туку и да – „пресечеш.“ Напротив, мислам дека власта носи некои погодности и привилегии кои си имаат своја, обично, мошне висока цена. Некои ја плаќаат таа цена. На други им тргнува од рака да не платат ништо. По малку отсутниот, меланхоличен тон со кој одговараше министерот Н. Димитров на прашања од „змиулчето“ (Нег. Бл. Михаил) на О. Трајковска ме уверуваат дека тој веќе ги плаќа тие погодности и привилегии.