ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Македонски шофери, слично на „синдромот на полските водинсталатери“ и стравот од губење на работни места во Франција по приемот на Полска во ЕУ, пред неколку години фигурираа во медиумите во Шведска во контекстот на дебатата поврзана со отворените граници и ризиците поради доаѓање на евтина работна сила од Исток.
Во архивите на шведските медиуми може да се најде цела серија написи за протестите на голем број шведски транспортни претпријатија поради нелојалната конкуренција со ниски плати, несоодветни работни услови и непочитување на законската регулатива, при што на тапет се најдоа и бугарски фирми кои за својот транспорт во скандинавските земји вработуваат шофери од Македонија.
Таа бугарско-македонска поврзаност отпрвин не беше доволно разјаснета, но сликата постепено созреваше откако медиумите беа објавени извештаи за полициски контроли и запрени македонски возачи, меѓу кои имало и такви кои покажале фалсификувани бугарски возачки дозволи и пасоши. Еден од главните заклучоци во целата приказна беше дека причината поради која на шведските патишта се појавуваат поголем број македонски шофери е можноста што ја искористиле да добијат возачка дозвола од некоја ЕУ-членка, во случајов Бугарија, а со што им се отвора портата кон Европа и слободен пристап до пазрот на трудот во ЕУ.
Тоа е, накусо речено, феноменот дека македонски граѓани, за да добијата право на престој во ЕУ, се пријавуваат како државјани на Бугарија. Со зголемувањето на нивниот број во Шведска постепено се зголемуваше и потребата од ангажирање на преведувачи за разни потреби во судовите, агенциите за вработување, здравствените установи или во училиштата, но тоа во првиот период беше проследено и со извесна конфузија во употребата на јазиците. Не беше ретка појава да бидат нарачувани преведувачи на бугарски, но по извесно време институциите почнаа да прават разлика, дека станува збор за луѓе кои се пријавени како бугарски државјани, но имаат и македонско државјанство. Бугарскиот јазик го разбираат само делумно, но за обезбедување на претпоставки за правна сигурност во комуникацијата со институциите е неопходно да им се обезбеди превод на нивниот мајчин македонски јазик. Денес поискусните шведски обвинители и адвокати, кои имале допирни точки со предмети повразни со Балканот, прават јасна дистинкција на тој план.
Во последните години прилично се зголеми бројот на македонски имигранти, посебно на смејства со мали деца, во шведските градови. Се разбира, не станува збор само за шофери, туку за луѓе со разни професии и занаети. Добија и прекар – „новодојдени“, а со што најчесто се означува нивниот статус меѓу „македонските староседелци“ во Скандинавија, односно меѓу припадниците на бројната македонска заедница преселени на овие простори пред неколку децении.