БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Држењето на Балканот на дистанца е како држење на апчињата на маса од која тешко болната Европа не може да ги дофати. Тоа се визии достојни на малиот Ѓокица од нашето школо, тие можат да бидат проекции и на еден претседател, но, остатокот на континентот мора да собере сила да му каже дека не е можно глобалното затоплување да се сопре во Нормандија дури и ако така се договориле во Париз или во Брисел
Цел ден се шлаам низ градот во потрага по еден негативен одговор на прашањето дали Мини Шенгенот e замена за Европската унија. И откако не налетав на ниту еден човек со таков став, седнав во “Пелистер” и му реков на авторот на овие редови: пиши, пизда ти материна!
Мини Шенген не е замена за Европската унија, темам таква да била и идејата и намерата на оној што го смислил овој проект.
Јас, се разбира, не ја исклучувам и таа варијанта, историјата на Европа и на Европската унија, е полна со волшебни занесеништва кои и во своите најблагородни изданија знаеле да завршат неславно, а понекогаш и трагично. Во случајот со Балканот, идејата да се прави некаква “воена краина” во форма на зона на слободната трговија и сл., демек, бедем кој на дистанца, ќе ја штити Унијата и од балканскиот примитивизам и уште повеќе од оној што доаѓа од подалеку, таму некаде од широките пространства на Блискиот и на Средниот исток, таков е, имено, тој западњачки поглед од високо, е тежок политички и геополитички и културолошки инфантилизам, кој, како што напишав вчера, ќе нанесе големи штети, но на крајот нема да го спречи природниот процес на обединување на континентот. Освен, се разбира, ако континентот не реши „да престане да управува со своите интереси (Макрон)”. Односно да умре како геополитички фактор. Држењето на Балканот на дистанца е како држење на апчињата на маса од која тешко болната Европа не може да ги дофати. Тоа се визии достојни на малиот Ѓокица од нашето школо, тие можат да бидат проекции и на еден претседател, но, остатокот на континентот мора да собере сила да му каже дека не е можно глобалното затоплување да се сопре во Нормандија дури и ако така се договориле во Париз или во Брисел.
Тоа е.
А мини Шенген си е океј. омекнување на границите, полесен и побрз протик на луѓето, стоките и услугите, без колони, помалку папири, веројатно и трошоци, позитивни безбедносни и геополитички импликации, контексти за решавање на некои важни прашања, молам, никој нормален не е против таа работа. Најмалку од Македонија, зашто тука нормалноста стана поретка од облачноста во лето.
Омекнувањето на границите за полесен проток на луѓе, стока и услуги, е добра вест. Во таа смисла градењето на зоната на таканаречениот “мини Шенген”, меѓу Албанија, Србија и Северна Македонија, е активност која ги заслужува сите адмирации. Проектот не може, а да не даде големи бенефити за луѓето и за стопанствата, посебно за извозот, трговијата и инвестициите.
Тоа е на најелементарното ниво на расудувањето.
Во геополитички контекст могу е важно тоа што проектот несомнено ќе води кон релаксирање на српско-албанските односи како најважен аспект на стабилноста на регион. Јас верувам дека ќе формира и поповолен контекст и амбиент за решавање на односите меѓу Белград и Приштина около статусот на Косово.
Што се однесува до Северна Македонија, може да се каже дека е исклучително важно таа да биде на масата и во проектите во кои се Албанија и Србија. Тоа е јасно. Мислам дека нема потреба од дополнителна елаборација на тоа прашање.
Тоа што Србија има специални релации со Евроазиската унија, нема да го однесе регионов на исток, туку ќе ги релаксира глобалните напнатости и ќе пружа дополнителни поволности и во трговијата и во евроинтеграциите.
И конечно, централното прашање кое по блокадата на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија и по необично интензивното реализирање на идејата за “балканскиот Шенген”, се врти и кај нас, а и во регионот, е прашањето дали е овој проект замена за европските идеали, цели и интереси на земјите од овој дел на Европа.
Ако под замена мислиме на крај на европската приказна за Западниот Балкан, во некаква мини Југославија, одговорот е- не. Поради најмалку две причини. Прво, тактичките надмудрувања или лутања во рамките на Унијата, нема да можат да го исклучат регионот од целината на европскиот проект, дури и некој да сака, природноста на интеграцијата и интересите на континентот и на сите земји посебно, во крана линија ќе бидат посилни од повремените промашувања, независно од мотивите кои ги генерираат. Се разбира, во меѓувреме се можни не мали штети на сите страни, некаде повеќе некаде помалку. И, второ, интегрираниот регион им дава на кандидатите за членство во Унијата предности, интеграцијата не хендикепира.
Верувам дека ревизијата на одлуката за Албанија и Македонија, во март и дефинитивно во мај, ќе ги потврди овие становишта.
Така што, честитки за Рама, Вучиќ и Заев.