Виртуелниот момент никогаш не може да го замени реалното доживување на едно дело во галериски простор, вели Дита Старова Ќерими, директорка на Национална галерија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Дита Старова Ќерими е уметник, професор на Факултетот за архитектура и дизајн на Американскиот колеџ и на два пати директор на Националната галерија на Македонија.
Родена 1984 година во Скопје, таа дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ кај професорот Симон Шемов. Докторирала на тема „Муралното сликарство во исламските сакрални градби во Република Македонија низ практична анализа на човековиот придонес“, под менторство на проф.др. Мехмет Ибрахим – Ѓил од Факултетот Гази на Универзитетот во Анкара, Турција. Член е на ДЛУМ, здружението „Арт визион“ и ДРАУДАКУМ, а зад себе има 14 самостојни и над 50 групни изложби во САД, Франција, Турција, Косово, Бугарија и во родната Македонија.
Добитничка е на наградите „13 ноември“, „Методија Ивановски Менде“ – Мал формат во 2012 година, на признанието „СИАБ“ и на други домашни и странски признанија. Нејзини дела се наоѓаат во колекциите на Музејот на современата уметност и на Националната галерија на Република Македонија во Скопје како и во колекции во Канада, Турција и Франција.
И, она што е особено важно како директорка на Националната галерија Дита Старова Ќерими, со својот тим на соработници, преку бројните проекти реализирани през годиниве, успеа Националната галерија да ја направи видлива и не само за љубителите на уметноста, туку и воопшто на динамичната македонска културна сцена и да иницира бројни соработки со сличните институции во регионот.
Старова – Ќерими, по една исклучително успешна година со прогласувањето на светската пандемија и мерките за превенција и заштита од ковид-19, портите на Националната галерија одеднаш беа затворени за уметниците и љубителите на уметноста. Што ви беше првата мисла како директор за натамошното делување на оваа наша институција?
– Кога застанав на чело на оваа институција сакав да создадам една динамика на постојаност на некои активности. Љубителите на уметноста да знаат дека нешто се случува во Националната галерија. Дали е тоа изложба во Даут пашин амам, Чифте амам или во мултимедијалниот објект Мала станица, сеедно. Наеднаш таа динамика на посетеност на случувањата во објектите, тој ентузијазам што постоеше помеѓу нас дека треба да се отвори некоја од галериите, во случајот дека треба да ја отвориме големата традиционална изложба посветена на жената, беше заменето со чувството на неизвесност и со бројни прашања – дали треба да биде отворена поставката, дали со тоа ќе бидат изложени на опасност посетителите, дали да се откажеме од проектот. Едноставно немавме никакво искуство со таквата закана и брзо ни стана јасно дека едноставно музеите треба да се затворат. Значи еден музеј чија примарна функција е да ја презентира уметноста, уметничките дела, убавото, едноставно мораше да стави катанец на портата. Исто така, целата таа насоченост кон нејзиното претставување едноставно исчезна и ние моравме веднаш да започнеме со размислување како да стигнеме до оние кои се затворени дома, но кои сепак имаат потреба да не следат и да ја уживаат уметноста. Затоа требаше да создадеме еден мост за комуникација и тој мост да биде изграден со помош на дигиталните медиуми.
Значи решивте да ја продолжите работата со изнесување на уметничкото благо што го има Националната галерија, но во случајов виртуелно. Да останете присутни во јавноста?
– Верувајте не беше лесно бидејќи и во самиот тим беше присутна неизвесноста како она што ќе го креираме, ќе и го претставиме на публиката. Како дигитално ќе и го пренесеме тоа чувство на презентирање на едно дело. Оној што седи дома и се фокусирал на екранот пред себе да ја осети магијата, енергијата, боите, што авторот на делото ги втиснал на платното и решил да ги сподели со публиката. Наспроти она што се случуваше в светот, првичните фотографии и видеа од испразнети плоштади, музеи, галерии, со нашата понуда, со нејзината динамика, со она што го нудиме како избор од овдешното творештво да бидеме интересни за домашната публика, за публиката воопшто. Тимски одлучивме не само да ги претставиме одбраните дела со основните информации, туку и да создадеме интеракција помеѓу нас. Оние што се насочени кон екраните да почувствуваат дека се поврзале со Галеријата. Тој транзит беше присутен и требаше само да ја најдеме и да ја негуваме таа врска помеѓу љубителите, уметниците и самиот тим во кој имате различни карактери, некој поагилен, друг инертен и така со ред. Да се создаде една работа која нема да изостанува во чинот на презентирање на нашето национално благо и да бидеме присутни во свеста. Да не заборават луѓето дека постои Националната галерија и дека преку културата ние можеме да ги надминеме сите потешкотии. Да бидеме отпорни на тоа што реално ни се случува и да живееме со уметноста што ја нуди најголемата Галерија овде во земјата. Притоа имавме неколку предизвици од кои засебен е оној едно уметничко дело преку социјалните медиуми да го пренесеме до љубителите. Но, со особено внимание му пријдовме и на предизвикот да допреме до најмладите бидејќи сакавме со сите категории на возрасти да работиме. Од најмладата до најзрелата за да ја имаме пожелуваната интерактивност. Не помислувавме дека треба да се доведеме во ситуација да се заборави Националната галерија за да кога ќе се заврши овој момент, потребата на следбениците на нашите медиуми, тој мост што го создадовме го нема и тие да се вратат и да бидат физички присутни онаму каде што претходно биле во нашата Галерија.
И сега со ова искуство што го имате од изминативе четири и повеќе месеци, со тој излез или вентил што го креиравте на интернет, можете ли Вие, прво како директор на оваа установа, а потем и како автор, ликовен уметник да проектирате каква ќе биде натамошната интеракција на публиката со делата, со нивните творци? Ќе за сочуваат ли галериите својата примарна функција?
– Мислам дека како и сите сегменти во животот и културата имаше потреба од застанување. Преиспитување на тоа што се случува на еден поширок план. На огромниот консумеризам што постојано се менуваше. Наеднаш се најдовме исправени пред една голема размисла и барање на одговор: Што дотогаш ни се случуваше и што ќе ни се случува во иднина? Повеќето светски музеи, еве како Лувр на пример, не случајно ја ја земам Франција како пример, одеднаш се најдоа затворени. Но сите бргу се со зедоа и најдоа начин како да излезат од кризата со една успешна светска изложба. Ете во музејот „Жорж Помпиду“ беше отворена изложбата на Кристо, големиот уметник кој почина некаде пред месец дена, значи еве една изложба којашто ја врати ликовната публика во галериите иако во овој период во Франција имаше неколку турбуленции кои следеа една по друга и кои реално влијаеа на создавање на едно поинакво размислување за тоа како треба да се посети една изложба.
Ова нè учи дека тенденциите се покривање на светската уметност која финансиски бара многу средства, но која секако е потребна за да ги согледаме реалните вредности. Не е потребата само да се изложува за да се исполнат нашите простори, нашите галерии и музеи. Треба да се најде сила и финансиски да се застане зад еден проект кој ќе биде издржан и во кој има вистински вредности кој, пак, ќе ја врати публиката. Колку што следиме културна криза има насекаде, но спротивно на тоа се изроди една голема солидарност помеѓу музеите и сите заедно го бараме патот кон одење напред. Се обидуваме да проектираме какво ќе биде тоа чувство на влегување во објектот со маска на лицето, сознанието дека некој те следи за да не се доближиш до некого, а напротив добро е да се оствари не само визуелна туку и вербална комуникација со другите љубители на уметноста кои во тој момент се присутни во објектот. Една голема непозната која сега не очекува и за која ќе треба убаво да размислиме. Не е важно да се направи нешто колку да се презентира пред публика, туку навистина на оваа публика треба да и се понуди нешто што таа го заслужува. Имаме едуцирана публика, публика која знае што сака. Затоа и се надевам дека во догледно време Министерството за култура како база на сите нас ќе рефлектира на тоа дека сите наши институции во овој период имаат потреба од поголема инфраструктурна поддршка за да можеме да размислуваме за еден чекор понапред во однос на изложувањата на нашите дела. Од таму сега во овој период како Национална галерија разбирливо ќе ги промовираме уметниците од Македонија бидејќи големо прашање и натаму ќе останат проблемите околу транспортот со делата на уметниците од странство. И времето што ќе биде потребно тие да стигнат во земјава. Едноставно има еден куп прашалници што не мачат, посебно кога знаеме дека бројот на инфицирани на дневна основа никако не се смалува, па така дефинитивно ќе треба и културата, и човештвото, сите да размислиме кој е тој начин што ќе треба да го надминеме за да комуницираме во поинаквите услови. Ние уметниците сме познати по таа инспиративна изолација која ја иницираме кога создаваме една изложба. Сите сме затворени со мислата дека делото веќе уште утре ќе комуницира со јавноста. И сите некако го очекуваме тоа силно чувство на наплив на народ, на различни реакции на отворањето на поставката. На сознанието дека нешто си создал и дека сега претстои индивидуално доживување на делото од публиката. И сега работите се изместија. Делото веројатно ќе има можност да оствари дијалог со мал број на публика или да биде ставено само на некоја од дигиталните платформи. Така во суштина се губи и самата идеја за претставување на уметноста. Она што не учеа нашите професори, нашите авторитети – дека треба да создаваме, а потоа дека делата треба да се видат, да се почувствуваат, со него да шетаме по светот и да го видат и доживеат во други средини. Виртуелниот момент никогаш не може да го замени реалното доживување на едно дело во галериски простор.