Девизите од печалбарите во Македонија ги надминуваат и годишните износи на странските директни инвестиции. Поради неповолната социјална слика во земјата, со децении овие девизни приливи се користат за покривање на „дупките“ во домашните буџети. Тоа го покажуваат и анкетите на Народната банка за приватните трансфери, кои покажуваат дека најголем дел од овие приливи или околу 80 отсто се наменети за покривање на тековната и лична потрошувачка
Да не се слеваат девизи, некои граѓани на Србија нема да можат да врзат крај со крај. „Децата одамна заминаа одовде, изгледа ги нема веќе цел век, но да не испратат по некоја паричка, тешко дека ќе успеам да стигнам до крајот на месецот со мојата пензија“.
„Секој 15-ти добивам по 300 евра на сметката бидејќи ќерка ми може да потроши толку, а тоа ми е повеќе од доволно“, со тажен глас вели Зорица Словиќ од Нови Сад, вториот по големина град во Србија.
Таа за Би-Би-Си на српски додаде дека пари и праќа и нејзиниот син, кој исто како и нејзината ќерка живее во Германија.
Според податоците на Народната банка на Србија (НБС), приливот на дознаки во Србија од јануари до октомври 2023 година бил 4,267 милијарди евра, што е за два отсто повеќе во однос на истиот период во 2022 година.
Најмногу пари во регионот од дијаспората пристигнуваат во Косово, каде според податоците на Централната банка на Косово се слеале повеќе од една милијарда евра во првите девет месеци од 2023 година.
„Веќе 20 години живеам во Швајцарија, имам добра работа и навистина можам да му помогнам на моето семејство во Пожаревац. Им пратив пари на моите родители да ја исчистат куќата во која живеат и речиси секој месец им уплаќам по некој денар на сметката за да им се најде, иако никогаш не побарале“, вели Драгана Станимировиќ. која живее во Швајцарија и по потекло е од Пожаревац.
Економистот Милојко Арсиќ вели дека дознаките од странство овозможуваат зголемување на личната потрошувачка и стандардот на српските граѓани, а само мал дел од овие приливи се користат за инвестиции.
„Србија припаѓа на група земји кои имаат прилично високи и релативно стабилни приливи врз основа на дознаки“, објаснува Арсиќ.
КОСОВО РЕКОРДЕР ВО РЕГИОНОТ Централната банка на Косово објави дека дознаките до септември 2023 година ја надминале вредноста од една милијарда евра. „Косово е рекордер во регионот и тоа може да се поврзе со процентот на населението кое живее во странство.
Косово, Албанија и Босна и Херцеговина водат во регионот бидејќи имаат релативно висок процент од населението во дијаспората, но сега веќе има и многу девизни пензионери“, изјави Арсиќ за Би-Би-Си.
Економистот додава дека не треба да се заборави и на традицијата, бидејќи албанските семејства се интегрирани и често неколку членови заминуваат во странство, па ги поддржуваат оние што остануваат.
„Во Србија, на пример, парите се испраќаат само за блиски роднини, додека во Косово, Албанија и Босна и Херцеговина парите стигнуваат и до поширокото семејство“, објаснува Арсиќ.
СРБИЈА: ДОЗНАКИТЕ РАСТАТ ВО КРИЗА Во текот на 2021 година во Србија се слеале околу 3,6 милијарди евра по основ на дознаки, а таа сума би изнесувала повеќе од пет милијарди евра една година подоцна, наведува НБС. „Од 2022 година се засили растот на приливот на дознаки, кој продолжи и во текот на 2023 година. Во период на кризи, зголемена глобална неизвесност и геополитички тензии најчесто се случува нивен раст“, наведуваат во НБС.
Практично, луѓето кои живеат во странство, додава НБС, во такви околности повеќе им помагаат на членовите на семејството и пријателите кои живеат во Србија. Дополнително, наведуваат, растот на инфлацијата во сите земји довел до тоа што сите клучни макроекономски показатели, вклучително и дознаките, номинално да се зголемат.
На зголемувањето на дознаките влијае и зголемениот број граѓани од други земји кои живеаат во Србија“, објаснуваат од НБС.
Најмногу дознаки во Србија доаѓаат од Германија, Швајцарија, Австрија, Франција и САД. Не доаѓаат само пари од роднини и пријатели од странство, туку таму се бројат и странски пензии и социјални надоместоци.
Во однос на бруто домашниот производ, дознаките во 2022 година достигнале 8,2 отсто.
„Во последните 20 години се зголеми и бројот на луѓе од Србија кои заминаат во странство, но има и повеќе инвестиции, бидејќи младите праќаат пари да купат стан или куќа во Србија“, нагласува Арсиќ.
ДИЈАСПОРАТА ОД ЕУ, БИХ И ЦРНА ГОРА Централната банка на Босна и Херцеговина за Би-Би-Си на српски јазик посочува дека во првите девет месеци од 2023 година во БиХ на име дознаки од странство пристигнале 1,38 милиони евра, што е повеќе од 2022 година.
На крајот на 2021 година се слеале 1,53 милијарди долари, покажуваат податоците на Централната банка на Босна и Херцеговина.
Најмногу пари доаѓаат од земјите од Западна Европа, Скандинавија и Северна Америка, каде што е најприсутна дијаспората од БиХ“, наведуваат во оваа институција.
Централната банка на БиХ немала процент на дознаки во однос на БДП за 2023 година, додека во 2022 година изнесувал 7,9 отсто.
За првите девет месеци од 2023 година, приливот на пари по основ на дознаки изнесува 595 милиони евра, покажуваат податоците на Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ). „Тоа претставува 11,68 отсто од учеството во бруто домашниот производ (БДП). „Во 2022 година од странство пристигнале 832,74 милиони евра, што е 14,35 отсто од годишниот БДП“, наведува ЦБЦГ за Би-Би-Си на српски јазик.
Црногорската централна банка додава дека лани најмногу дознаки имало од Италија, САД, Ирска, Велика Британија и Србија.
РЕКОРДНИ ДОЗНАКИ ВО ХРВАТСКА Во текот на првите шест месеци од 2023 година, дијаспората испратила речиси три милијарди евра во Хрватска, покажуваат податоците на Хрватската народна банка (ХНБ) до кои дојде Би-би-си на српски јазик. Само една година претходно на име дознаки биле примени 5,1 милијарди евра, додека оваа сума во 2021 година изнесувала 4,2 милијарди евра.
Од Хрватската народна банка велат дека најмногу пари се одлеваат од дијаспората од Германија, Ирска, Холандија, Австрија, Словенија, Швајцарија, САД, но и од Унгарија, Сингапур и Естонија. Освен приливот на девизи, хрватските жители испраќаат пари и во други земји.
Но, таму се бројат и пензиите испратени во странство.
Податоците на ХНБ покажуваат дека најмногу пари одат во Босна и Херцеговина, а потоа следат Германија, Србија и Словенија.
МАКЕДОНСКИ ДИЛЕМИ Кога говориме за девизните дознаки во Македонија сме на дилема. Дали воопшто постои сериозна статистика? Да, ако се комбинираат податоци од повеќе извори, како што се прватните менувачници, на пример. Јавна тајна е дека постоеја дознаки по однос на поттикнување на „исламско однесување“ на семејствата (носење на традиционална облека), што оди по легални трансфери, ама кој знае дали се успева да се регистрира во официјалните банки. Потоа, тука е се поголемиот број на сезонци од земјава во Хрватска. Тие парите веројатно ги внесуваат во кеш. Потоа многу работодавачи од Хрватска им даваат „лежарина“ во текот на зимските месеци (велат по околу 500 евра месечно) на псотојаните сезонци за да им се вратат догодина. И податоците од Хрватската народна банка говорат дека има сериозен одлив на девизи од земјата преку гастарбајтерите кои ги имаат тие таму!
Зголемените животни трошоци на жителите на Европската Унија, поради енергетската криза и високата инфлација, не влијаеле на намалување на девизните трансфери на иселениците што ги испратиле во своите матични земји. Македонските иселеници, од кои најголем број се на работа во земјите од Унијата, во 2022 година преку девизни дознаки испратиле 350,24 милиони евра, што е за шест милиони евра повеќе во споредба со 2021 година. Во 2019 година, пред да се јави пандемијата со коронавирусот, девизните дознаки изнесувале 229,22 милиони евра, а од 2022 година тие бележат позитивен тренд. Вкупните приливи на девизи од странство, со дознаките и приливите од менувачките работи, минатата година изнесувале 1,980 милијарди евра, во однос на 1,523 милијарди евра во 2021 година.
ДОЗНАКИ И ОД ГАСТАРБАЈТЕРИ АМА И ОД ДРУГИ ИЗВОРИ Има тука фрапантен скок во приливот од рабоТници во странство и од организации кои финансираат во потрошувачка во земјава, пред се од Ориентот, за што не се говори.
Девизните дознаки од иселениците и лицата на привремена работа во странство се важни за македонската економија. Покрај тоа што дознаките се значаен дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата, кои го подобруваат нивниот животен стандард, тие имаат и пошироко макроекономско значење, зголемувајќи го девизниот потенцијал на економијата. Дознаките се битен извор на средства во тековната сметка на платниот биланс и придонесуваат за одржување низок дефицит на тековната сметка. Сумата што нашите иселеници ја испраќаат за своите роднини и блиски во Македонија претставува и значаен „инвестициски“ потенцијал. Девизите од печалбарите ги надминуваат и годишните износи на странските директни инвестиции. Поради неповолната социјална слика во земјата, со децении овие девизни приливи се користат за покривање на „дупките“ во домашните буџети. Тоа го покажуваат и анкетите на Народната банка за приватните трансфери, кои покажуваат дека најголем дел од овие приливи или околу 80 отсто се наменети за покривање на тековната и лична потрошувачка на граѓаните во Македонија.
– Како дополнителен извор на приходи за домаќинствата тие претставуваат и втора најзначајна компонента на реалниот расположлив доход. По масата на плати, околу една четвртина од расположливиот доход на населението е од средствата од иселениците – објаснуваат од Централната банка.
АКО СЕ ВЛОЖУВА ВО БИЗНИСИ, СКОКА БДП-ТО Но и покрај тоа, од досегашните анализи во одредени периоди може да се забележи дека има „поврзаност“ меѓу трендот на стапките на промена на приливите со дознаки од иселениците во странство и позитивните економски трендови во земјата. Ова од причина што некои од семејствата на иселениците одлучуваат да вложат и во обновување на своите домови или во купување нови недвижности или почнување мали локални бизниси, со што се влијае и на растот на БДП. За какви цели се трошат девизните приливи од иселениците, во голема мера зависи од деловната клима во земјата.
Во редовните финансиски извештаи на меѓународните финансиски институции индивидуалните банкарски дознаки во земјите во развој претставуваат значаен извор на недолжничко финансирање на дефицитот на тековната сметка. Во 2021 година сумите на личните трансфери од жителите на Европската Унија во земји што не се членки на Унијата изнесувале 37,7 милијарди евра, што е повеќе од 11 отсто од претходната година, а во 2020 година изнесувале 34 милијарди евра. Паричните одливи надвор од ЕУ покажуваат растечки тренд уште од 2015 година и тие се зголемени за 47 отсто во 2021 година, што претставува повеќе од еден отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП), во Хрватска (2,7 отсто од БДП), Бугарија (1,6 отсто), Романија (1,5 отсто).
За Македонија приватните дознаки претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето-прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2021, изнесуваат околу 14 проценти од БДП, а со тоа се значајна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот. Земјите од регионот што имаат поголема дијаспора остваруваат и повисоки девизни приливи од иселениците. За споредба, во Србија се 1,1 милијарда евра минатата година и тие сочинуваат 10 проценти од нивниот БДП.
ПОГЛЕД КОН МЕНУВАЧНИЦИТЕ Вкупните парични трансфери на иселениците се сметаат за особено важни за економскиот развој на матичната земја и нивната релативна стабилност. Формалните приливи од приватни дознаки во Македонија имаат релативно стабилно учество, но тоа е мало, наспроти учеството на приватните трансфери што се примаат по неформални канали прикажани преку нето-откупената ефектива на менувачкиот пазар што се канализира во банкарскиот сектор. Приватните трансфери по неформални канали бележат постојано стабилно релативно учество во БДП.
Според мислењата на економистите, долгорочно гледано износот на личните трансфери од иселениците со години ќе се намалува, затоа што новите генерации иселеници својата иднина не ја гледаат во нашата земја.
– Единствена можност за попродуктивна употреба на дознаките преку инвестиции се макроекономските услови, пред сѐ во гарантирање на договорите и инвестициите, поефикасното судство и јавна администрација, па до намалувањето на корупцијата и зголемувањето на институционалниот капацитет на нашите доста слаби институции – смета професорот Абдулменаф Беџети.
На одлуката на иселениците за испраќање парични средства во матичната земја влијаат повеќе фактори. Искуството на другите земји во светот покажало дека за разлика од тековите на приватен капитал, паричните трансфери на иселениците се значително повисоки во земјите со повисок кредитен ризик. Имено, нискодоходните земји, од кои потекнуваат најголемиот број иселеници, вообичаено имаат понизок кредитен рејтинг, односно поголем кредитен ризик, генерално поголема невработеност и поголема дијаспора. Како важен фактор е инфлацијата, која има позитивно влијание врз паричните пратки на иселениците. Тоа значи дека иселениците им испраќаат поголема парична поддршка на членовите од семејството во услови на пораст на цените во матичната земја. Исто така, висината на личните трансфери од странство зависи и од економските услови од земјите од каде што се испраќаат девизите, како и од условите за инвестирање во матичните земји на иселениците.
(Користени се податоци од BBC, но и од македонски извори на оваа тема)