Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДИЈАСПОРА: ОМД СО ГРУБИ НАПАДИ КОН ЗАЕВ И ДИМИТРОВ, ФДМ НА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ГЛЕДА РЕАЛИСТИЧНО

June 25, 2018 Filed Under: Македонија

Додека Обединетата македонска дијаспора (ОМД) смета дека „пакет-решението за промена на името на државата е неосновано, ФДМ е со став дека се работи за „веројатно најдоброто можно решение во овој момент

ПОИНАКВИ ОЦЕНКИ ФДМ смета дека постигнатиот компромис е добар почеток за градење меѓусебна доверба меѓу двете соседни земји

„Никој не поседува мандат да го одземе правото на идните генерации да бидат Македонци, и никој нема право да го избрише државно-правниот континуитет на државата, со што се деградира заветот на нашите предци”, смета Обединетата македонска дијаспора

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) смета дека „пакет-решението за промена на името на државата е неосновано, поради сериозното отсуство на јавна дебата, нулта-вклученоста на македонската академска фела и пренебрегнатата транспарентност во преговарачкиот процес што се сведе на самоволие на два политички субјекта“. Во своето соопштение, ОМД истакнува дека политиката на премиерот Заев „за валидизација на договорот преку референдумско прашање, е суицидална за македонската држава и народ“.

Според ОМД, „Северна Македонија од Западен Балкан во Југоисточна Европа, како решение на 27-годишниот билатерален спор помеѓу Република Македонија и Грција, со својот ултиматум за уставна промена, промената на Преамбулата, промената на членот 49 – за македонското национално малцинство и ерга-омнес за севкупна употреба, како дел од пакетот-решение, претставува триумф на грчката дипломатија и фијаско за македонскиот идентитет, историја и иднина“.

ОМД смета и дека „избрзаната и аматерска дипломатија на премиерот Заев и министерот Димитров, е водена од други мотиви, кои не се евроатлантските интеграции“ и обвинува за велепредавство, за загрозување на независноста на Македонија и за повреда на нејзиниот углед. ОМД бара од „креаторите на решението – најитно прекинување на преговорите, извинување кон македонскиот народ и преземање мерки за враќање на македонското достоинство, углед и благосостојба, меѓудругото, и со распишување на предвремени парламентарни избори“.

ОМД Повеќе пароли од протестанти

По вчерашните настани пред Собранието, ОМД со соопштение најостро реагираше и поради полициската бруталност врз демонстрантите, потенцирајќи дека „протестот е демократско право на поединецот како начин да се изрази незадоволство и несогласување кон актуелни политики или одлуки, но протестот во никој случај не смее да прерасне во насилие и говор на омраза, било од страна на демонстрантите или силите од редовите на службите за јавен ред и мир“. ОМД повика и на лична одговорност на „сите оние кои со злоупотреба на своето демократско право со насилство, со злоупотреба на својата службена должност со примена на агресивни и несразмерни безбедносни мерки, како и со недоволно основана наредба за употреба на шок-бомби, солзавец и гумени куршуми врз граѓаните, доведоа до ескалација на протестот на 17-ти јуни“.

Пред две седмици, ОМД испрати писмо и до Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутиерес, со барање тој да го искористи својот авторитет и да ја повика меѓународната организација за спроведување на правото на самоопределување, со што би и се доделило рамноправно членство на Република Македонија во ООН под нејзиното уставно име, и би прекинала неправдата со која државата се соочува дваесет и пет години, а пред Самитот на земјите од Западен Балкан во Софија, на 17 мај, ОМД), ги канализираше „пораките канализирани преку 40 мирни и демократски собири со излезност од над 150.000 Македонци ширум светот преку глобалното движење ‘Ние Сме Македонија’“, и апелираше до владите „да се воздржат од преговорите за промена на името, уставот, суверенитетот и идентитет от на Република Македонија“.

Но, по потпишувањето, генералниот секретар на ОН го нарече договорот – историски, срдечно им честиташе на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев и ги охрабри двете влади да ја продолжат нивната силна заложба за ратификација и за спроведување на договорот.

И втората организација на македонските иселеници Форумот за демократска Македонија, го поздрави договорот и низ соопштение го изрази ставот дека промената на името „од Република Македонија во Република Северна Македонија, не го менува идентитетот на етничките Македонци и македонскиот јазик. Напротив, договорот ги гарантира идентитетот и јазикот без да навлегува во правото на национално определување“.

ПОИНАКУ Австралискаа влaда гледа на актуелната Влада поинаку отколку нејзините државјани со македонско потекло! – австралиската министерка Бишоп и домаќинот Димитров

Според ФДМ, „наметнатиот проблем со името, иако неправеден, со децении беше пречка за остварување на евроатлантските аспирации на Македонија. Затоа, ФДМ смета дека постигнатиот компромис е добар почеток за градење меѓусебна доверба меѓу двете соседни земји, поместување од мртвата точка и надминување на блокадата за членство во НАТО и ЕУ“.

Иако не го смета договорот за идеален, ФДМ е со став дека се работи за „веројатно најдоброто можно решение во овој момент. И секако, со решавањето на спорот со името, оваа и сите други идни влади отсега ќе треба да преземат одговорност и да се посветат на економските, правните и корупциските проблеми во државата кои се од основно значење за сите граѓани“.

Македонските медиуми го пренесоа и ставот на Македонското меѓународно движење за човекови права кое го осуди „западното покривање на настаните“ околу договорот, како „фактички неточно… и расистичко, затоа што потенцијалната промена на името на една земја и на етничкиот идентитет, потекло, јазик и историја на нејзиниот народ – сè во име на удоволување на нејзините потчинители – не може да биде повод за ‘славење’“.

ММДЧП потенцира дека „еден премиер не може самоволно да го смени името на Македонија; секој предлог за промена на име го прекршува македонскиот Устав, и прекршителот-водач се соочува со затворска казна; за секоја голема промена која не го прекршува Уставот: потребно е парламентарно гласање и референдум“, како и дека „македонскиот претседател има право на вето, кое веќе најави дека ќе го употреби“.

На прашањето – што ако која било друга земја беше во ситуацијата на Македонија, Македонското меѓународно движење за човекови права децидно одговара дека „Запад ќе го осудеше секој обид за прекршување на нејзиното основно право на самоопределување“.

(ВОА њуз – опремата е на Глобус)

Filed Under: Македонија

ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД
ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ: НЕ ЗНАМ ЗОШТО СЕ ПЛАШИМЕ?
НОВО ОБМИСЛУВАЊЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА РАЗВОЈОТ ОД ПЕРИФЕРИЈАТА

Најново

  • ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
  • ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
  • ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet