И, кога сме веќе кај „промените“, една работа во однос на третманот на ДЛУМ останува константа. Друштвото и натаму, по нешто повеќе од седум децении и натаму останува без своја Галерија, сопствен галериски простор, а посебна приказна е нивниот 20 квадратен „кираџиски статус“ во Домот на АРМ
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Друштвото на ликовните уметници на Македонија со две изложби едноподруго, силна заложба да стане Дом за сите уметници и одлучност да се справи со долгогодишните и тековните небулози – немањето сопствен галериски простор и скандалозниот третман од Министерството за култура.
Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) се чини започнаа да дуваат некои нови ветришта. По нешто повеќе од месец дена, новото раководство на оваа наша асоцијација со амбициозни планови пред јавноста. Во периодов што следува најавени се две изложби – „Современа скулптура“, поставката чие отворање се одржа на 10 април и потем „Поместени граници“, проектот што треба да се случи на 20 април, исто така во Галеријата на Младински културен центар – Скопје, со што барем времено ќе биде заокружен зафатот на обете институции кои поодамна успешно соработуваат насловен како „Месец на ДЛУМ во МКЦ“.
И, кога сме веќе тука, како што велат од ДЛУМ, „Современа скулптура“ е реобновена изложба којашто треба да ја продолжи традицијата на она што некогаш ( пред многу децении) било зачнато како „Современа македонска скулптура“, за да во еден период и се некаде до згаснувањето во 1980-те биде именувано како „Ситна пластика“. На ова издание на старата убава идеја која пред неколку години воскресна како „Современа скулптура“ ќе учествуваат 24 автори со 30 дела и згора на тоа ќе биде изложено уште едно од академик Боро Митриќевски, чие семејство како покровител ќе ја додели и наградата за скулптура
На изложбата ќе учествуваат современи автори и неколкумина поканети искусни творци како Илија Аџиевски, Васил Василев, Драган Попоски – Дада и Симон Шемов.
„Оваа изложба ја правиме сами. Исклучиво со помош на нашите поддржувачи и постојани соработници и без било каква интервенција од државата, од Министерството за култура, град Скопје…иако за чудо, со желба да бидеме коректни, нивните имиња ќе може да ги видите на каталогот што го печатевме“, ќе рече Филип Фидановски, ликовен уметник и актуелен претседател на ДЛУМ
Инаку „Поместени граници“, авторскиот проект на Кристијан Санев, поранешниот прв човек на Друштвото, од годинава станува кураторска изложба и за неа овојпат е задолжена Александра Зиновски – Вилиќ. Поставката е именувана „Молк за…“, а на неа ќе се најдат дела на автори коишто се бават со концептуална уметност, творци кои имаат „храброст, желба и надеж дека нешто ќе може да се смени“.
И, кога сме веќе кај „промените“, една работа во однос на третманот на ДЛУМ останува константа. Друштвото и натаму, по нешто повеќе од седум децении и натаму останува без своја Галерија, сопствен галериски простор, а посебна приказна е нивниот 20 квадратен „кираџиски статус“ во Домот на АРМ, за што, пак, членовите му се благодарни на соодветното Министерство кое со години покажува разбирање за нивната незавидна позиција во градов и во општеството.
Во однос на галеријата Филип Фидановски знае да каже дека веќе разговарал со премиерот Зоран Заев за нивен простор во централното градско подрачје и дека се надева „на позитивна одлука од Владата и оти предметот е во процедура“. За проблемот и „за отстапување простор кадешто би изложувале уметниците“ било дискутирано и со Дита Старова Ќерими, директорката на Националната галерија на Северна Македонија, па така како едно од можните решенија во случајов се споменува куќата на големиот Лазар Личеновски.
Но, ако во случајов се гледа некаков зрак светлина на крајот од тунелот што и не мора ништо да значи познавајќи го дијалогот политика – култура, се чини дека далеку полош е третманот на ДЛУМ ( и не само на оваа асоцијација) од страна на Министерството за култура за што има бројни примери.
Од таму, не случајно претседателот информира дека Друштвото на ликовните уметници од Министерството за култура на Конкурсот за проекти од национален интерес добило 210.000 денари за печатење на каталози, но не и и за изложбите на кои тие се однесуваат?!
„Јас можам реално да оправдам пред Министерство за култура со документација само 44.000 денари. За што друго и како да ги искористам преостанатите 166.000 денари до 210.000. Јас сум познат како многу радикален човек. На крај може да отпечатиме само каталози, да им ги дадеме на Министерство, а изложби да нема. Настрана тоа, пративме приговор до Министерството, во тек е жалбената постапка до второстепената комисија, а каков ќе биде исходот не знам. Ние како ново раководство реагираме на одлуките на Конкурсот за проекти од надлежното министерството за кој сметам дека е небулозен. Нема никаква логика за сето ова што се случува во културата. Едноставно не можете да му најдете заеднички именител на сето она што е објавено во Програмата на Министерство за култура“, вели Филип Фидановски.
Тој и со информација дека не помалку скандалозна е одлуката на Министерството за култура да не обезбеди средства за Гран-при на Зимскиот салон на ДЛУМ, наградата што самото ја доделува како покровител на манифестацијата.
„Покровител на наградата која подразбира уметнички престој во Париз, Франција, е токму Министерството за култура, а победничката на ланскиот Зимски салон Шќипе Мехмети ја нема во оние што се поддржани на Конкурсот за програми од национален интерес. Од таму се правдаат дека станува збор за превид, ние се разбира поднесовме приговор и на ова решение, но каков ќе биде натамошниот след на настаните останува да видиме“, истакнува претседателот на ДЛУМ.
Сепак, наоружани со трпение и со желба за дијалог со сите општествени чинители, јавноста и посебно со ликовната публика, од ДЛУМ порачуваат дека тие нема да развеат бело знаме на хоризонтот. Напротив. Убедени во своите заложби дека Друштвото треба да биде Дом за сите уметници, дека треба да се комуницира со останатите сродни уметнички асоцијации од регионот и од светот, дека преку творештвото треба да се комуницира со општествената стварност и со новите идеи во неа…да се биде бунтовен и конечно да се тежнее кон здружување, тие порачуваат дека имаат сили да истраат во таквите свои настојби.
„Не зависиме само од Министерството за култура. Ние сме борци во душа. Мене не ми треба Министерство за култура за да творам. На друштвото исто така. Можеби нема да му треба каталог, ќе се откажеме од каталог, меѓутоа добра изложба може да се направи. Може да се направи на улица, во подрум…на разни локалитети коишто се напуштени ако тргнеме така да работиме. Овдека ги кажуваме проблемите коишто се институционални и што не следат многу години, меѓутоа таа бунтовност, тој оптимизам не можат да ни го земат. Јас буквално не сакам да зависам од никого. Сакам да си ја купам слободата. Да си работам, да бидам среќна додека работам и тоа да го изложам. Сметам дека целото Друштво треба со заеднички сили да добие волја да излага и да биде бунтовно на тие изложби. Зошто само на некои изложби каде се поканети да излагаат или ги вика некоја друга институција. Ајде да се здружиме како фела, како еснаф. Можеме тоа да го направиме? Можеме ако имаме некој добар критериум“, вели уметницата Дијана Томиќ Радевска, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.