Во спорот околу фотелјата на министерот за правда двете макеодонски партии излгеда го губат „спорот“, бидејќи кругови од ВЛЕН велат дека функцијата ќе влезе кај некој трет односно кај нив. Од СДСМ велат дека деновиве Мицкоски веќе создава „ЗНАМ 2.0“ додека актуелната партија прави политички театар со каравани

Опозицискиот СДСМ преку официјално соопштение упати остри критики до владејачката коалиција, нагласувајќи дека покренувањето на партискиот караван на ЗНАМ под слоганот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ претставува очајнички политички театар. Според опозицијата, овој чекор доаѓа во момент кога партијата ЗНАМ се соочува со внатрешен распад и целосно отсуство од анкетите и рејтинзите, додека премиерот Христијан Мицкоски веќе работи на создавање нов политички сателит, односно проект „ЗНАМ 2.0“, кој треба да послужи за разбивање на гласовите на опозицијата на следните избори, се наведува во партиското соопштение на СДСМ.
Од СДСМ потенцираат дека огромниот пад на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, празниот државен буџет и загрозеноста на пензискиот фонд го принудуваат премиерот да бара нови начини за дефокусирање на јавноста од реалните економски проблеми. Опозицијата смета дека е апсурдно за европска иднина да зборува партија која е дел од, како што ја нарекуваат, тендер-коалицијата со десницата, која ја доведе државата до целосна меѓународна изолација, додека истовремено највисоки функционери од власта си обезбедуваат фирми и државјанства во Бугарија.
ПОЛИТИЧКИ ИНСТРУМЕНТ ЗА БИЗНИС ИНТЕРЕСИ Во партиската реакција се нагласува дека партијата предводена од Максим Димитриевски никогаш не претставувала автономен политички субјект, туку обичен инструмент кој сега се обидува да го продолжи својот политички век преку празни слогани додека зад кулисите се делат милионски тендери.
„Додека караванот минува, тие делат последни тендери и пари за да ја наплатат својата улога на сателит на Мицкоски на последните избори, кога ја издадоа својата партија, а потоа и своите гласачи. Наместо да се соочат со економскиот колапс, наместо да одговорат зошто Буџетот е празен, зошто пензиониот фонд е загрозен и зошто Македонија е целосно изолирана од европскиот пат, тие прават политички театар“, обвинуваат од СДСМ.
На крајот од соопштението, од Бихаќка порачуваат дека граѓаните веќе целосно ја препознале оваа политичка игра и дека новите обиди за создавање сателитски партии нема да поминат кај јавноста, најавувајќи дека доаѓа време за вистина и одговорност за економското уназадување на државата.
Претседателот на политичката партија ЗНАМ, Максим Димитриевски неодамна изјави дека до вторник сè ќе се знае околу најавената реконструкција на Владта.
Димитриевски оцени дека ЗНАМ, иако е нов политички субјект, дава значаен придонес во работата на Владата преку двата ресора со кои раководи, како и преку своите претставници во пониските ешалони на власта.
Одговорајќи на новинарско прашање какви понуди добило ЗНАМ и дали можеби би се согласило на замена на кадрите во министерствата со кои раководи, Димитриевски рече дека има многу предлози и размислувања, индивидуални и партиски.
– Ние како владини партнери, а слушам и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта, сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри – истакна Димитриевски.
На прашањето, дали е прифатлива размената на ресорите земјоделство со правда, Димитриевски одговори дека сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира.
Не треба да се заборави дека Димитриевски на локалните избори побара владината коалиција да го поддржи неговиот кандидат за градоначалник на општина Центар а тогаш го стави министерот Филков (Министерство за правда) како замена и тоа веднаш а не во некаква реконструкција. Желбата му беше ислушана ама неговиот кандидат изгуби во таа трка а Максим си го задржа Министерството за правда за својот пулен, иако имаше мрморења дека не си го држи зборот.
(Р.Г.)




