Судбината речиси постојано не не милувала а ете пак, кога имаме шанса да наравиме похрабри чекори за излез од стагнацијата која не толчи на сите полиња, одново се соочуваме со антиисторицизмот на ВМРО!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога се случи една од многуте средби во Пржино, во средината на 2016 година да биде прогласена за продуктивна, стана чудно како ВМРО ДПМНЕ на крајот на долгата борба даде зелено светло за формирање на СЈО. Иако се обидуваше од петни жили да ги спроведе парламентарните избори со исклучување на можноста од институционална имплементација на доказите против политичката врвушка по пат на користење на аудио материјалите, објавени од тогашниот лидер на опозицијата Заев, сепак некој изгледа добро му свитка рака на тогашниот премиер како преговарач. Тогаш конечно се воспоставија некакви базични претпоставки за функционирање на правната држава иако се чини дека „совладаниот“ проценил дека има „асови во раквот“ со што ќе ја оневозможи СЈО да биде функционална..
Еден познаник, кој денес не се бави со неговата првобитна професија – новинарството, следното утро по спомената долга ноќ во Пржино, практично неколку часови после тој договор, ми се јави и процени дека Груевски со истиот договор веројатно не е оштетен. Проценка е дека тоа со формирањето на СЈО едноставно ќе добиеме институција која ќе биде задушувана на стотина начини во дејствувањето и дека само тоа е причината што Фамилијата се согласила на ваков договор како предуслов за одење на фер парламентарни избори. Едноставно согласноста е дадена, бидејќи, власта има многу трикови со кои ефектуирањето на тоа решение ќе го оневозможи, а избори нека да има.
Овој коментар секако дека се обестинува во постојани циклуси а и сега сме сведоци за тоа како Фамилијата си тера по авое уште од периодот после споменатиот договор, да го наречеме прибиевски, по оној скромен ама умен бриселски „чиновник“, кој педантно и трпеливо работеше на претпоставките за остварувањето на пржинските заклучоци.
Потсетување за тоа како се одвивале тие пржински договори и каде се судирале најмногу учесниците на тие настани, деновиве уследи по интервјуто на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска дадено за Канал 5.
„Дури 90 проценти од времето на лидерските средби беше потрошено на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија – рече по овој повод Шеќеринска, поврзувајќи ги веројатно и тие пржински ама и овие предреферендумски лидерски средби:- Одговорно тврдам и барам јавно да ме демантираат дека 90 проценти од времето на лидерските средби беше потрошено на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија.
Таа потоа појасни дека барањето не било изнесено директно преку чин на амнестија, туку преку измена на членот 353 од Кривичниот законик, кој ја дефинира злоупотребата на службена должност, а потоа и еден мал обид тоа да се направи и преку измена во Законот за финансирање на политичките партии.
– Единствениот интерес кој го имаа на таа маса беше да се промени Кривичниот законик за да паднат во вода клучните обвиненија кон првите луѓе од поранешното раководство во ВМРОДПМНЕ. Ние рековме дека со тоа не се согласуваме, и дека нема да дозволиме заради референдумот да бидеме уценети со амнестија, изјави Шекеринска. Кога ВМРО-ДПМНЕ требаше да одлучи, продолжи таа, дали повеќе да мислат на државата или на поранешната врхушка, тие го избраа второто.
– Очекуваме секој од членовите на Парламентот да донесе одлука која е добра за државата. Членот 353, нема што да го дискутираме ако ВМРО-ДПМНЕ не бараше амнестија. Таков тип на уцени се лоши за ВМРО-ДПМНЕ, таков тип на уцени се лоши за СДСМ, но таков тип на уцени се катастрофа за оваа држава, рече таа.
Ако многупати сме пишувале во Глобус за тоа како Фамилијата ја малтретира целата земја, почнувајќи се разбира од партиската мрежа на ДПМНЕ, веројатно директно притискајќи ги оние од на самиот врв на избраниците со парттска книшка, најнапред оние кои се согласиле да и служат со повисок степен на верност кон таа групација, одново преку интервјуто имаме потврда зошто сега, кога на земјата и се заканува вистинско цунами ако не успееме во овие евроатлански асприрации, Фамилијата се грижи дали ќе може некаде да го врзе своето мало чамче, натоварено со единствениот интерес – спасување на сопствената кожа.
Македонија овие години после 2015 и објавените аудио записи од телефонските разговори на најодговорните во земјава, имаше – што би се рекло – и среќа во „делењето на картите“, што често пати и го немала во историјата. Јавното мнение во релевантниот дел од светот едноставно ни беше наклонето, увидувајќи во оваа политичка екипа која сега е на власт ама и претходно, додека беше само претендент на промените, гарант за водење на една сосема поинаква политика во регионот, По малку како дребна земја и им носевме нервоза со своите обиди да останеме локален епицентар на кризи (кумановските настани, кои исто така беа драматичен обид Фамилијата да ја сврти фортуната на своја страна!), но на крајот на краиштата нашите добри карти дојдоа на масата.
Говорејќи пред камерите на една телевизија деновиве, забележав дека таа ситуација со среќата која за промена не следи и нас, сега се менува. Има настани околу нас на кои не можеме да веруваме ама каде нашата евроатланска определба е како „греда во окото“ за сие актери на тие промени. Таквиот развој на настаните само покажува дека „добрите карти“ не се трајна придобивка, туку можност која треба молневито да се искористи, за потоа да не ни биде виновна „онаквата Европа“.
Околу Косово се врзуваат непријатни настани кои навестуваат можна дестабилизација. Косовско- српските разговори со посредство на Брисел се исцрпени, се нуди под маса некаква територијална верзија за разрешување на кризата во односите и таа треба да стави крај на ситуацијата која започна со кумновската спогодба од 1999 година, меѓу воемата Алијанса и тогашниот српски претседател Милошевиќ. Таа разрешница лесно може да се претвори во криза од пошироки размери, особено со вклучувањето на некои албански политичари од прешевската долина и нивното барање да се „дел од решението“ за Косово, потоа со изјавата на Зукорлиќ, политичарот од Санџак кој вели дека неговиот Нови Пазар е надвор од влијанието на српските централни власти и така натаму. Да не говориме дека стигна и веста дека Путин доаѓа во Белград на 15 септември, со јасна насока да се вмеша на некој покровителски начин во разрешницата на кризата околу Косово.
Треба ли да се спомене дека Кремљ очевидно не е задоволен од рускиот амбасадор во земјава и го менува (!) а исто се случува и со српскиот, испраќајќи ни личност со многу чудно педигре.
За жал, можна е политичка криза и во Атина и тоа по сосема друг повод – премиерот Ципрас најави дека ја презема на себе политичката вина околу последиците од пожарите кои ја зафатија околината на Атина, при што, знаеме, имаше голем број на човечки жетви, чиј конечен број не е дефиниран. Што значи тоа за нас? Дали Ципрас можеби ќе даде отставка или ќе распише вонредни парламентарни избори? Далеку било дека тоа се некои добри вести и по нас!
Па, да сопреме тука, додека не сме го рашириле дефетизмот. Впрочем, треба да се потпреме на она што се ушпе е во наши раце а тоа е исходот од референдумот, кој треба да покаже дека знаеме да одлучуваме за својата судбина во драматични околности.