Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДОВОЛНО ЗРЕЛИ ДА ПРИФАТИМЕ РАЗЛИЧНИ МИСЛЕЊА?

August 19, 2025 Filed Under: Ревија

Англиската книжевна теорија и критика и понатаму продолжува да негува различни мислења за Шекспир, да овозможува да се анализираат и да се објавуваат и колонијалистичките и расистичките и патријархалните елементи во неговите дела. И никој не мисли дека тоа е удар на англиската книжевност или поткопување на англискиот идентитет. Напротив

ЛИКОВИ: Сцена од „Диво месо“ – речениците од претставата се дел од уметничка креација, не може да се цитираат како „дефинитивна мудрост“

КАЛИНА МАЛЕСКА

Како да замолчиш некого, да обесхрабриш полемика, да сосечеш различно мислење? Наречи го предавник, и со тоа навлечи општа омраза против него, па никој друг да не се осмели да искаже гледиште поинакво од гледиштето на оној што си дал себеси право да ги означува луѓето како предавници или со кој било друг жиг. Или претстави го општеството како место во кое постојат само два меѓусебно непријателски табора, и дискредитирај ја секоја самостојна и независна мисла со нејзино прилепување кон едниот табор – идеологиите сакаат да цртаат вакви едноставни слики со јасни поделби меѓу нив и нас.

Во историјата на книжевните толкувања на Шекспир, на пример, се надминати таквите поделби. Дека Шекспир е светски признат драмски автор и поет не е непобитен факт, туку е сложен историски израз на мислењата на автори како Бен Џонсон, Џон Драјден, Семјуел Џонсон, Морис Морган, Томас Карлајл, С. Т. Колриџ и многу други книжевници. Тие ги запишувале своите впечатоци и сопствени искуства од читањето или гледањето драмски изведби врз основа на дела од Шекспир, во комбинација со идеолошките постулати што владееле во нивното време. Англиската книжевна теорија и критика и понатаму продолжува да негува различни мислења за Шекспир, да овозможува да се анализираат и да се објавуваат и колонијалистичките и расистичките и патријархалните елементи во неговите дела. И никој не мисли дека тоа е удар на англиската книжевност или поткопување на англискиот идентитет. Напротив, и негативните гледишта за Шекспировите драми овозможуваат тие да не бидат цензурирани, да продолжи нивната светска слава, да не паднат во заборав, а фактот (непобитен) дека се поттикнуваат различни мислења во вредносна и во секоја друга смисла е дел од идентитетот со кој се гордее англиската книжевна теорија и критика. Тоа негување на различни гледишта, меѓу кои и остри критики, никој не го нарекува омаловажување.

Ова во некој иден момент ќе стане реалност и во македонската книжевност, иако засега не е. Дури и негативното мислење за книжевното творештво на признаените македонски писатели (за кои често се употребува терминот великани, што само по себе обесхрабрува поинакво мислење) ќе им даде поголема тежина на нивните дела отколку со децении да се повторуваат истите некогаш изречени судови, во разни варијанти. Стагнацијата на мислења за нивниот опус и нивниот статус во македонската книжевна историја нема да им направи никаква услуга. Само создава имагинарни вистини кои лажно се претставуваат како неприкосновени вистини, а каква било критика, макар за некој аспект на нивното дело, е изложена на опасноста да биде означена како предавничка, и да го навлече на себе гневот и омразата на самопрогласените носители на правото да ги жигосуваат другите со пејоративни ознаки. А пеојоративни ознаки се користат или во недостиг на аргументи или со цел да предизвикаат набој на негативни емоции. Но, се разбира, тие што ги употребуваат добро го знаат тоа.

Една од најпознатите и најчесто користените реплики од Горан Стефановски е онаа што почнува со: „Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша.“ Се употребува во разноразни прилики и без да се обраќа внимание на фактот дека тоа се зборови на лик од драмата, кои може, а и не мора да се совпаѓаат со оние на авторот. Како и да е, оваа реплика никогаш, во ниту еден контекст, не сум видела (барем јас) да се толкува, да се анализира нејзината смисла. Само се пренесува со одобрување, без коментари. А што е нејзината можна смисла?

Ликот кој ја искажува оваа реплика смета дека оние кои не ги делат неговите вредности не заслужуваат да живеат. Ако не признаваат ред каков што признава тој, ако сакаат да имаат поинаков живот од неговиот, тогаш подобро да не се ни роделе. Ако за мене ова е надменост и нетолерантност, можеби за друг е нешто сосема друго. Но како ќе знаеме ако не дебатираме за содржината, формата, суштината на книгите?

Она што останува недоволно препознаено е дека заштитата на културното наследство е неприкосновена вредност и дека критичките гледишта кон нечие дело не значат негирање на културното наследство. Дека не е ни важно какви се нечии лични критички и вредносни ставови кон одредно дело. Го бранам правото на негативни согледби и за книгите што ги сметам за врвно остварување во светската или во македонската книжевност. Во македонскиот културен простор, имам впечаток дека човек може да биде метафорички распнат ако неговите критички и вредносни ставови не се совпаѓаат со оние на мнозинството, наместо да биде дел од дебата, па нека е и жестока дебата.

Ваквата атмосфера на страв и замолчување е погубна за развојот на критичкото мислење. А критичкото мислење е од суштинска важност за развојот на свеста. Критичи однос и кон книжевниците наречени великани – зошто да не?

 

Filed Under: Ревија

БИТИЌИ: ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е ОД ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, ВЛАДАТА ПРЕФРЛА ВИНА
МИЦКОСКИ – МЕЏИТИ: ЕТНИЧКА ПОЛАРИЗАЦИЈА НА НИВО НА ПРЕМИЕР И ВИЦЕПРЕМИЕР
АКАДЕМСКИ ГЛАСОВИ, ПРИОПАГАНДНО ЕХО: КАКО ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ НА БАЛКАНОТ ШИРАТ ПРОРУСКИ НАРАТИВИ
СОРЕНТИНО И СТРУГАР МИТЕВСКА ЈА ОТВОРААТ ФИЛМСКАТА СМОТРА ВО ВЕНЕЦИЈА: БУНТОВНИОТ ПАНК-РОК ДУХ И ЖЕНСКИОТ СВЕТОГЛЕД НА МАЈКА ТЕРЕЗА ВО ФИЛМОТ „МАЈКА“
ПРЕДИЗБОРНИ „ПОТЕМКИНОВИ СЕЛА“ НА ВЛАСТА ИЛИ ВИСТИНСКА НАМЕРА ДА СЕ ПРАВАТ ШТЕТИ НА ДРЖАВАТА?

Најново

  • БИТИЌИ: ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е ОД ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, ВЛАДАТА ПРЕФРЛА ВИНА
  • МИЦКОСКИ – МЕЏИТИ: ЕТНИЧКА ПОЛАРИЗАЦИЈА НА НИВО НА ПРЕМИЕР И ВИЦЕПРЕМИЕР
  • АКАДЕМСКИ ГЛАСОВИ, ПРИОПАГАНДНО ЕХО: КАКО ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ НА БАЛКАНОТ ШИРАТ ПРОРУСКИ НАРАТИВИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet