НИКИЦА КОРУБИН
Василије II Македонецот е на врвот на Империјата, од редот на Македонската династија, еден од најдолговечните владетели, а на другата страна е Самоил, инзвонредно битен лик од нашата, но веројатно и бугарската историја. Тие својот примат го извлекуваат од прекарот на Василије Boulgaroktonos што би значело Бугароубиец. Дали се реферира на потеклото, земјата, подемот на Бугарското кралство; а дали пак Василије Македонецот, својот прекар го добива по потеклото?
Историјата не познава желби и впечатоци, таа знае за факти и толкување на истите. Најважната работа во односот кон историјата е контекстот во кој нештата се случуваат. Од него зависи вистината и нејзиното толкување. Слично, како и контекстот на сегашноста, која некогаш ќе биде, успешна историја. Нашиот контекст има неопходност од толеранција, меѓусебна почит, разбирање и неопходен компромис. Токму тоа е духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Или како што вели воведниот дел … ,,Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи.,,
Нема земја во нашиот регион, кој е дел од големиот комплекс на источномедитерански цивилизации со многу долг континуитет и неверојатен низ на историски случувања, која не споделува заедничка историја. Концептот на нација, која се врзува за одредена територија е релативно нов концепт, идеја и реализација на 19-от век, која за таа цел конструира историја за потребата на новото време. Тоа е и времето на почетокот и на историската наука, а и на било која наука во современа смисла. А, конструктот на нацијата не означува еднаквост со поимот ,,народ,, или етнос. Бидејќи ова второто е врзано за културата, цивилизацијата и создавањето како такво, а не исклучиво за територијата. Но, идеалот и контекстот на 21-от век, со сите трауми и придобивки од историјата пред нас, е означен со еден збор: обединување. Како заедништво на вредности, како почитување на различности, како практикување на човекови права. Како граѓани, како луѓе со единствена цел; хуман и цивилизиран живот.
Членот 1 од Договорот вели: Двете договорни страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството.
Членот 3, вели; Двете договорни страни ќе помагаат за развој на соработката меѓу државите од Југоисточна Европа, за зајакнување на разбирањето, мирот и стабилноста во регионот и при реализацијата на регионални проекти, како дел од процесот за создавање на единствена Европа.
Членот 8, во вториот став предвидува формирање на заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, за да придонесе за објективно, засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. За, во следниот став да се потврди … ,,заемна согласност за организирање на заеднички чевствувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности,,.
И тоа не треба да не плаши. Ниту една историска дилема која е и ќе биде предмет на историско проучување е причина за радост, а не за фобија и затвореност, дилема и прашање. Или како што прашува, легендарниот и контраверзен Бранимир Џони Штулиќ, водачот на уште полегендарната Азра, во едно од своите ретки обраќања до јавноста: … ,,Па, добро вие сте Македонци по Самоил или по Василије Македонецот?,, Навидум, нејасна сентенца, но всушност суштинска дилема и рефлексија на тоа што историјата всушност претставува. Двата историски лика потекнуваат од ист временски период, 10-от и 11-от век, во време кога Византија е се уште најмоќната светска сила. Василије II Македонецот е на врвот на Империјата, од редот на Македонската династија, еден од најдолговечните владетели, а на другата страна е Самоил, инзвонредно битен лик од нашата, но веројатно и бугарската историја. Тие својот примат го извлекуваат од прекарот на Василије Boulgaroktonos што би значело Бугароубиец. Дали се реферира на потеклото, земјата, подемот на Бугарското кралство; а дали пак Василије Македонецот, својот прекар го добива по потеклото? Затоа, историјата е возбудлива приказна, мината реалност која спојува, а не разделува. Идентитетот е лична работа, и таа нема да биде дефинирана ниту со овој, ниту со било кој друг договор. Слично, како и овој Договор, што само ги јакне врските помеѓу две соседни земји.
За мене суштината се крие во деталите, односно според ставот два од Членот 4, кој вели: ,,Двете договорни страни ќе помагаат за одржување на контактите меѓу локалните власти и граѓаните на двете држави.,,
Тоа е суштината на секој договор, бенефит и корист од него да видат граѓаните, да биде прифатлив и применлив за секој еден. Бидејќи концептот на Европската Унија и зачленувањето во неа, е прифаќање и споделување на заеднички цивилизациски вредности, но пристапувањето кон неа треба всушност да означува првично врски со најблиските, со соседите, кое историско заедништо секако е несомнено. Токму тука се споделува менталитетот, обичаите, традицијата, навиките, секојдневниот живот. Тоа е придобивката која малку кој ја приметува, а која ја означува суштината на нашите евро-атлантски аспирации: да влеземе во поширокото семејство, не за да заминеме далеку, туку да останеме тука блиску со соседите, со пријателите, со најблиските.
Затоа, овој Договор означува историја, но не онаа која треба да ја проучуваме, туку онаа која ќе ја живееме. Ослободени од предрасудите и стравовите, со јасна идеја за контекстот во кој живееме, и како поединци, но и како држава која сме обврзани да ја развиваме. За доброто на сите.