ПЕТАР МАРКОВ
Докторите можат да издржат сè, бидејќи виделе сè. Спасиле животи, соопштувале вести кои се на ниво на изрекување смртни казни на пациентите, биле столбови во неодржливи семејства… Почувствувале и неблагодарност, и замор, и разочарувања. Го претрпеле патот на лична дехуманизација за време на студиите и специјализациите, но физички напад од страна на пациент на работно место е – неприфатлив
Кога станува збор за опасни професии, медицината не е баш полето кое прво ни доаѓа на памет. Секако, полицијата, пожарникарите, градежните работи се професии каде што работниците се соочуваат со ризици константно, но докторите. Малку се тие кои се запознаени со суштинските ризици на медицинската професија, но, од друга страна, и оние кои се, не мислам дека премногу се грижат околу тоа.
Пациент може да биде секој, а луѓето кои влегуваат во здравствената установа со себе го носат нивниот најактуелен проблем. Дали се работи за телесна болка, нарушен континуитет на телесно ткиво или орган, психолошки товар од кој не можат самите да се ослободат.
Додека фокусот на докторите е решавањето на проблемите на пациентите, во мала мера се става акцент на изложеноста на опасностите со коишто се соочува медицинскиот работник. Не се забележува опасноста од инфективни заболувања, доаѓајќи во контакт со телесните течности на пациентите. Не се забележува редовното минување по 8-12 часа „на нога“ секој работен ден. Како докторите да се отпорни на радиоактивното зрачење од радиолошките апарати, на континуираниот стрес при соочувањето со состојбите на пациентите, на канцерогените пареи од каутеризација во операционите сали?!
Докторите имаат силна ментална бариера пред потребата да ја преземат очигледната одговорна работа кон самите себе. Да побараат помош! Сакале или не, тие мораат да почнат да говорат како луѓе. Да ги покажуваат истите потреби како луѓе и да ги бараат истите права како луѓе. Но, кој има енергија да се бори за права по 26-часовно дежурство или 10-часовен работен ден?
Децении поминати работејќи екстремни работни часови, злоупотреби на работнички права, константно неисплаќање на прекувремени работни часови; тоа се работи кои го креваат прагот на толеранција кон нивниот лош социјален и институционален третман. За сето ова – ниту збор! А, во меѓувреме, продолжуваат да се јавуваат одговорно на своите работни места, извршувајќи ги работните задачи во полн капацитет, најчесто настојувајќи тоа да го прават надвор од нивните физички и технички можности. Никој не сака да биде докторот кој го оставил на цедило својот тим и многу малку сакаат да се јават дека не можат да се појават на работа бидејќи се болни – иако е така!
Секојдневната адаптација на стотици карактери е предизвик којшто малку професии можат да го издржат. Секако, сето ова понекогаш може да колуминира со поткренат тон и ирационализација, но во сите ситуации настојувањето кон извршување на лекарската задача е константа. Од друга страна, докторите немаат потреба да се смеат, да ги гушкаат и да ги тешат своите пациенти, ама сепак го прават тоа. Немаат потреба да го даваат својот телефонски број и да бидат достапни во секое време, додека обавуваат домашни работи, социјални активности, па и во четири часот наутро а за сето тоа време да не се чувствуваат како да работат.
Една работа која на докторите им е добро позната, а сепак ја занемаруваат е дека физиолошкиот капацитет на човечкото тело е ограничен. Кога се млади единствено посилни се компензаторните механизми. Стресот, недостатокот на сон, хроничната исцрпеност сигурно ќе го стаса секој, но тоа најверојатно ќе биде кога во раце ќе треба да го кренат првиот внук.
А ниските плати?! А субоптималните услови за работа?! Тоа можеби се проблеми кои не потекнуваат како резултат на организацијата на работната средина, но се работи кои влијаат на работоспособноста на луѓето. Ако се прашаме сите „каков доктор би сакале да нè лечи“, одговорот што се нуди е овој тип: „Доктор којшто има академско познавање од проблематиката што е предмет на обработка, има способност за негова етичка примена и се наоѓа во состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само во отсуство на болест“. Оваа дефиниција е добро позната во медицинските кругови, но колку зборови од неа се реален одраз на положбата на докторите во нашето општество?
По сето досега наведено, останува да се прашаме – дали вреди?
Одговорот на ова прашање го содржи луксузот за етичкиот пристап од кој докторите нема да отстапат и секое решение го бараат преку адаптација на самите себе. Си заминуваат во поголеми бројки од кога било, не само заради ниските плати и злоупотребата на работните места, туку и заради културата на создавање конфликти кои резултираат со континуирани вербални и физички напади. Тоа е нешто кое ја поминува границата на толеранција за нерационално однесување во состојба на стрес, а посегнувањето по физичкиот интегритет на која било личност, особено на оној којшто на себе го има белиот мантил, е неприфатлива!
И за овој проблем постои решение, но само треба да се посака да се најде и да се погледне во очите на вознемирувачките факти. И треба да биде забележано: дури и во вакви случаи, докторите го отфрлаат статусот на жртва бидејќи за секое брутално однесување е прифатлив брутален одговор.
Прашањето не е дали можат да дадат таков одговор – можат, но тоа не би било решение кое потекнува од самите нив, скроено по нивна желба и според нивна потреба.
Докторите можат да издржат сè, бидејќи виделе сè. Спасиле животи, соопштувале вести кои се на ниво на изрекување смртни казни на пациентите, биле столбови во неодржливи семејства… Почувствувале и неблагодарност, и замор, и разочарувања. Го претрпеле патот на лична дехуманизација за време на студиите и специјализациите, но физички напад од страна на пациент на работно место е – неприфатлив! Се надевам ова не така ново дно ќе даде мотив за конечно холистичко решавање на статусот на медицинските работници. Доста е! Докторите смеат да плачат само пред испит!