Др. Весна Прчковска (36), нашиот најмлад невронаучник и претприемач, работи на многу возбудлив научно истражувачки проект кој го проучува човечкиот мозок, неговата анатомија и функција
Весна го завшила Електротехничкиот факултет како една од најдобрите во генерација со просек 9.93. Отсекогаш беше фасцинирана со мозокот, со мистериите кои се кријат во него и комплексноста што една научна дисциплина треба да ја содржи со цел да се истражува истиот. Затоа, после завршувањето на студиите се одлучи да се запише на интердисциплинарни докторски студии во странство. Аплицирала за докторски студии на Техничкиот Универзитет во Ајнтховен, Холандија, еден од топ рангираните технички универзитети во Европа. Проектот бил во колаборација со уште еден познат универзитет, Техничкиот Универзитет во Делфт. Беше избрана помеѓу бројните кандидати и во летото 2006 година се пресели да живее во Холандија и да започне да работи и истражува во областа на Невро-имиџинг. Ова беше моментот кој целосно го промени нејзиниот живот и донесе голем број на новини и предизвици, меѓутоа и многу успеси.
– Кога заминав за Холандија, мојот живот целосно се промени. Условите за истражување во Холандија се беспрекорни. Универзитетот вложуваше многу средства за подлабочување на знаењето на докторските кандидати во области специфични за истражувањата кои треба да ги извршуваат. Следев голем број на курсеви кои беа исклучително важни за мојот истражувачки проект и имав можност да посетам бројни топ конференции од мојата истражувачка област. Но исто така имав и голем број на предизвици во новата околина. Начинот на живот и работа е многу поинаков во споредба со нашиот. Универзитетот во Холандија беше технички, што значи се работи повеќе на практични отколку теоретски проблеми, што не беше случај со моите претходни студии во Македонија. Јас и моите колеги развивавме совтверска програма која беше наменета за доктори на медицина кои работат со невролошки болести како и неврохирурзи. Значи не само што требаше да објавуваме трудови во компетитивни списанија, исто така требаше да работиме како програмери нешто слично како работа во софтверска компанија. За да успеам да се вклопам во таквиот начин на работа, требаше да се надградувам и да работам често пати прекувремено. Кога гледам наназад на тој период од мојот живот, мислам дека беше еден од најтешките, но и полн со предизвици. Токму тие тешки години ми помогнаа да станам личноста која сум денес – вели Весна (36).
Во Холандија докторските студии траат 4 години со скоро целосна посвета на истражувања. Во тој период Весна работеше на една иновативна и попрецизна техника на реконструкција на нервните влакна користејќи податоци кои доаѓаат од скенери на Магнетна резонанца. Весна има објавено бројни трудови во топ списанија од нејзината област, но истовремено заедно со нејзините колеги, разви програма за напредни медицински имиџинг техники за визуелизација на мозокот. Кога докторираше нејзиниот успех доби и внимание и од македонските и од медиумите во Холандија.
– Една од најголемите дилеми во мојот живот се појави кога докторирав. Не бев сигурна дали сакам да продолжам во научно-истражувачката дејност на академија или во индустрија. Она што ме привлекува во академија е можноста за изведување на напредни истражувања, запознавање најдобри научници од мојата област на истражување и соработка со истите. Ставање на нови идеи во пракса, едноставно невронауката е една од највозбудливите области на истражување според мене, со огромен број на прашања кои чекаат одговор. Меѓутоа, еден од проблемите во оваа област е премостување на јазот во комуникацијата помеѓу стручните лица од областа на медицината и стручните лица од областа на техниката. Понекогаш бев задоволна дека работам на напредна технологија и развивам софтверска алатка која ќе им го олесни животот на неврохирурзите, невролозите итн., и која ќе им овозможува услови за витална анализа, но најголемиот проблем беше како да им се донесе до нивните раце. Тогаш кај мене се разви идејата за креирање на компанија која ќе донесе вредност на истражувачката работа во невроимиџинг. Меѓутоа, страста која ја имав за истажување на мозокот, за Невронауката преовлада и продолжив да работам во академија но во група која извршува повеќе клинички истажувања. И ете така се најдов во Барцелона во еден од најдобрите истражувачки центри во Шпанија – објаснува таа.
Весна продолжила со истражувања во невроимиџинг. Се пресели овојпат од Холандија во Шпанија, во Барцелона. На почетокот беше повикана како визитинг истражувач на Универзитетот Саинс во Малезија. Таму започна соработката помеѓу групата во Шпанија, нејзината поранешна група во Холандија и Универзитетот во Малезија.
– Беше уникатна можност да се посети една земја која е во фаза на рапиден развој на наука и технологија. Останав во Малезија нешто повеќе од два месеци и не само што имав можност за соработка со групата за процесирање на слики, која ме хостираше, но и со неколку клинички партнери кои беа заинтересирани за новите технолошки напредоци во имиџинг и мобилна технологија. Ова беше истотака еден од највозбудливите искуства во мојот живот – раскажува д-р Прчковска.
Во моментот Весна работи како постдокторски истражувач на истражувачкиот институт ИДИБАПС, кој е рангиран највисоко во Шпанија. Весна е дел од невроимунолошката група која развива нови биомаркери за мултипла склероза и слични невродегенеративни болести. Скоро беше наградена со престижната Марија Кири награда за нејзините истражувања. Со оваа награда Весна ќе биде стипендирана за шест месечна посета на Харвард и една кратка посета на Универзитетот во Лозана, Швајцарија. Групите кои ќе ги посети се лидери во истражување на таканаречениот мозочен конектом (human brain connectome). Оваа област е една од најфинансираните истражувачки области во моментот насекаде во светот.
– Кога дознав дека ја добив оваа престижна награда не можев да поверувам. Мојот проект беше многу високо оценет а тоа е добра индикација дека истражувањата се одвиваат во вистинска насока. Мојата цел е да користам напредни техники, подобро познати како мозочен конектом (brain connectomics) за истажување на мултипла склероза како невродегенеративна болест која ги напаѓа мозочните влакна. Овој пристап не само што ќе отвори можности за откривање на нови имиџинг маркери за оваа болест чија што патофизиологија сеуште не е добро разбрана, но исто така ова истражување ќе отвори уникатна можност за истражување на човечкиот мозок во поширока смилсла, за истражување на неговата архитектура и функционирање. Можете да направите аналогија на човечкиот мозочен конектом како мапа на сите конекции во мозокот на еден човек, уникатен отпечаток за секоја личност. Овој принцип е моќен и природен начин на истражување на мозокот. Она што беше човечки геном проект во претходната декада, денеска е човечкиот конектом проект. Овој проект е фундиран со билионски суми во Америка, но и во Европа и Азија веќе се појавуваат слични проекти. Многу сум возбудена што сум дел од сето тоа. На пат сме да откриеме нешто многу уникатно за најкомплексниот и сеуште мистериозен орган во човековот тело, човечкиот мозок.
Весна само што започнува еден од највозбудливите моменти во животот на овој млад невронаучник. Таа е ко-основач на Mint Labs, компанија која ќе го донесе целото нејзино иновативно истражување од областа на невроимиџинг во клиничка употреба. Mint Labs веќе освои две награди во Шпанија за својот иновативен и технолошки пристап со цел да им помогне на неврохирурзите и невролозите во процесот на извршување на дијагностика, прогноза и третман на пациенти со невролошки болести и мозочни тумори.
– Овие ни се првите денови во зградата на Telefonica R&D. Искуството е прекрасно, да се биде дел од двата света – академија и индустрија. Академијата на Telefonica’s Wayra ни понуди силна поддршка за да понатамошен развој на нашата компанија. Тие се нашите ментори и не ставаат во контакт со потенцијални клучни инвеститори. Иднината изгледа многу возбудливо, ветува успех но и не чека многу напорна работа.
И покрај тоа што успесите ги постигнува надвор, Весна со топли зборови зборува за Македонија:
– Еден од најголемите мои сонови е да ја промовирам Македонија и да помогнам истражувањата во областа на невронауката и невроимиџингот да се пренесат и во мојата земја. Ние сме земја со огромен потенцијал и многу интелигенти млади луѓе. Во моментов постојат идеални услови за тоа. Веќе имаме неколку Македонски научници кои вршат истражувања од областа на невроимиџинг во неколку земји во светот и за кои сум сигурна дека го имаат истиот сон како мене. Имав среќа на една конференција во Хаваи да запознаам некои од нив, Др. Никола Стиков (Универзитет McGill, Канада) и Др. Борјан Гагоски (MIT, САД). Оттогаш сме во контакт и се надевам нашите напори еден ден ќе се конкретизираат. Истотака остварувам соработка со МАНУ и со Проф. Љупчо Коцарев со кој аплициравме заедно на неколку Европски проекти. Постојат повеќе клинички апликации кои ќе имаат директен бенефит од истражувачките техники кои ги развивам. Невродегенеративни болести како Паркинсонова, Алцхајмерова и слични можат да се проучуваат на сличен начин со помош на Магнетна Резонанца. Планирање на операција на ресекција на тумор е процедура која целосно ќе го промени начинот на работа на денешните неврохирурзи со помош на детална три-димензионална реконструкција на нервните влакна. Но истотака нервни заболувања како Аутизам, Шизофренија, Би-поларно растројство и Депресивно растројство можат на ист начин да се отсликаат со Магнетна резонанца, да се мониторираат и подобро да се третираат во иднина. Сепак, болестите кои го напаѓаат мозокот афектираат една третина од човечката популација насекаде во светот. Тоа ја чини Европа околу 800 милијарди евра. Среќна сум што моите истражувања придонесуваат во подобрување на здравствените услуги во областа на нервните и невролошките болести.