Концепцијата крена голема врева во јавноста, но во какофонија што се создаде, тешко можеше да се слушне каков било аргумент или издржана критика
БРАНИСЛАВ ЈОВАНОВИЌ
Се воведуваат и повеќе изборни предмети. Како странски јазик, ќе може да се избере и албански јазик, а некои од новите изборни предмети се програмирање, математичко-логичко резонирање, сексуално образование, разни спортови, глума, фотографија, готвење, градинарство.
Секое училиште ќе треба да понуди и како задолжителна активност (не предмет) изучување на јазикот и културата на помалите етнички заедници, и задолжителна општествено хуманитарна работа.
Севкупно, се намалува бројот на предмети и часови, а се зголемува времето на престој во училиштето, за да се работи помалку дома. Се зголемува времето за менторирање на учениците, а се намалува времето за предавање.
Наставниот пристап се предвидува да биде интерактивен, со повеќе активни методи на настава, помали групи, повеќе истражувања и проекти. Се става фокус на стимулирање на мислење, наместо на памтење, и се креираат содржини кои се поврзани со реалноста. Се воведуваат дигитални и интерактивни учебници, а се укинува и училишното ѕвонче.
Концепцијата крена голема врева во јавноста, но во какофонија што се создаде, тешко можеше да се слушне каков било аргумент или издржана критика. Од сите промени кои се предвидуваат, најмногу реакции имаше на интегрирањето на историјата со другите предмети во новиот предмет „општествени науки“. Се ширеа дезинформации дека се укинува историјата како предмет и дека тоа се прави за да им се излезе во пресрет на Бугарите.
Ваквите реакции се очекувани, барем до некаде. Кога главна тема во државата, веќе со недели, е насилничкото однесување на официјална Бугарија, кога нивни функционери скоро секојдневно ги негираат македонската историја, јазик и нација, логично е дека домашните „ловци во матно“ ќе пробаат да ја искористат и оваа прилика за да ѝ нанесат штета на власта и да добијат евтини поени.
Ситуацијата ја подгреаја и дел од „инфлуенсерите“ од социјалните мрежи, кои не пропуштаат вакви шанси за набрзина да начкрабаат некаков непромислен статус и да соберат неколку лајкови, небаре не можат да живеат без нив. Тука беше и clickbait новинарството, кое не можеше да одолее на можноста да продуцира сензационалистички наслови и вести кои ќе бидат читани, независно дали се точни или не.
Секако, плодна почва за ваквите реакции е големата недоверба на јавноста во образовните реформи, бидејќи токму претходните неуспешни реформи го доведоа македонското образование на сегашното дереџе. На ова се надоврзува и општата разочараност од тековната влада, поради бројните киксови, на скоро секое поле.
Несомнено, голема улога во негативната атмосфера што се створи имаат и грешките при комуникацијата на Министерството за образование и наука, кое, просто, не смеело да дозволи јавноста да дознае за оваа реформа од случајно откриено видео од некоја консултативна средба. Така се нарушува довербата на јавноста и се остава впечаток дека се сака да се „прошверцува“ нешто.
Но, лошиот начин на кој реформата излезе во јавност, бројните дезинформации што се појавија околу неа и прашината која се крена, не смеат да ни го замаглат видот и да нè спречат реформата да ја гледаме објективно и рационално.
Со години трубиме како на ПИСА тестирањата сме секогаш на европското дно, како образованието ни продуцира функционално неписмени млади. Како училиштата немаат ни сапун, како тоалетите се распаѓаат. Како издвојуваме најмалку средства за образование и наука во цела Европа. И сега, кога некој конечно решил да го средува образованието, и тоа по примерот на Финска, ние се противиме?
Да, претходните реформи во образованието беа неуспешни, и се главната причина зошто образованието денес ни е вакво какво што е. Но, ако секоја предложена промена по автоматизам се дочекува на нож и се отфрла, како очекуваме да се сменат работите?
Трагично е што целата дискусија за реформата се сведе на тоа дали историјата ќе биде посебен предмет, или ќе биде модул во рамки на предмет што ќе се вика „општествени науки“ (или можеби и некако поинаку), во кој ќе има модули и за граѓанското образование и за географијата, при што модулите и понатаму ќе бидат предавани од истите наставници како и до сега. Фокусирањето на една ваква формалност целосно ја промашува суштината, и на предложената реформа, и на нејзините недостатоци.
(продолжува)