Едно неодамнешно истражување на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажува дека училиштата имаат еден компјутер на 23 деца. Како со ваква опременост ќе се спроведува новиот начин на поучување
БРАНИСЛАВ ЈОВАНОВИЌ
Предложената концепција за основното образование е во основа добра. За поздравување се намерите за сеопфатна реформа на образованието, за еднаквост, инклузивност и мултикултурност, за воведување општествено хуманитарна работа, за намалување на стресот на учениците, за повеќе менторирање а помалку работење дома, за интерактивни начини на поучување, за истражувања и проекти, за холистички пристап во наставата, за стимулирање на размислувањето наместо учењето напамет, за осовременување и збогатување на наставните содржини, за подобро мотивирање на наставниците. Сè е ова во насока на осовременување на македонското образование и негово приближување кон нордискиот модел.
Но, се поставуваат и многу прашања. Дали ќе има обуки за наставниците, за тие да можат да ги предаваат новите модули холистички и со примена на активни методи? Дали ќе се заострат критериумите за упис на педагошките факултети? Што друго ќе се направи за да се подигне квалитетот и угледот на наставниците? Дали ќе има покачување на нивните плати, кои се пониски од државниот просек, за разлика од спомнуваната Финска, каде се за околу 10 отсто повисоки од просекот?
Дали ќе има инвестирање во нова опрема во училиштата, за наставата да може да се изведува современо, со интерактивни содржини и на активен начин? Едно неодамнешно истражување на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажува дека училиштата имаат еден компјутер на 23 деца. Како со ваква опременост ќе се спроведува новиот начин на поучување? Дали, за да може да се користат новите дигитални учебници, училиштата ќе обезбедат таблети за учениците, и како ќе се обезбеди инклузија на учениците кои не можат да си дозволат такво нешто?
Што со материјалните услови во училиштата? Како ќе се обезбеди еднаквост, инклузивност и интерактивност, кога, според ОЕЦД, на дури една третина од училиштата во Македонија им е потребно крупно реновирање? Според гореспоменатата студија на ЗМАИ, 23 отсто од училиштата имаат дотраен инвентар, а 21 отсто стари санитарни јазли. Дали има план за инвестирање во овие работи и зошто не слушнавме ништо за ова?
Дали се планира зголемување на вложувањата во образование, од сегашното ниво кое е пониско од 4 отсто од БДП, на ниво слично на финското, од околу 7 отсто од БДП? Според студијата на ЗМАИ, за осовременување на 48 училишта од 10 општини, потребни се околу 20 милиони евра. Во Македонија има вкупно 1100 основни и средни училишта, па лесно е да се сфати дека за да се реновираат сите, потребни се неколку стотици милиони евра. Како би се обезбедиле тие средства, дали преку прогресивни даноци, како во нордиските земји?
Предложената концепција сама по себе нема да биде доволна. За таа да може да се реализира, ќе треба значајно да се зголемат државните вложувањата во образованието, да се направи сеопфатен план за реновирање на сите училишта во земјата, да се подобри квалитетот на наставниците и да се зголемат нивните плати. Без тоа, сè ќе остане само на добри намери.
Долг е, и трновит, патот до квалитетно образование. Прашањето кое треба да си го поставиме сите е – дали воопшто и сакаме да тргнеме по тој пат? Ако да, мора да прифатиме дека ни се потребни крупни, коренити промени во образованието. А Владата мора да прифати дека ќе биде потребно повеќе од предложената концепција за основното образование.
(КРАЈ()