Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) годинава востанови ново фестивалско признание, награда Златен медал, а прв со новото одличје на ИФФК „Браќа Манаки“ се закити филмскиот критичар Благоја Куновски Доре

Одлуката на ДФРМ токму Благоја Куновски Доре да го добие златниот медал за особен и долгогодишен придонес кон ИФФК „Браќа Манаки“ се темели на факти, а факт е дека Куновски 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот, вршејќи повеќе фестивалски функции (долгогодишен селектор и уметнички директор на фестивалот).
Како млад филмски критичар и новинар во Радио Скопје сведочи на раѓањето на фестивалот, а веќе следната година е ангажиран како водител на тркалезни маси кои се одржувале во рамките на фестивалот. 1995 година била клучна во оваа заедничка приказна на ИФФК „Браќа Манаки“ и Благоја Куновски Доре.
Во таа година станува селектор и уметнички директор на фестивалот и оттогаш професионалното другарување трае до денес. За Куновски фестивалите се мисионери за поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме. А токму приказната на ИФФК „Браќа Манаки“ не би била толку голма и успешна доколку не беше огромниот влог на Куновски Куновски (1946) беше долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ, основач е на киното „Фросина“ во скопскиот Младински културен центар (МКЦ) и на Фестивалот на европски филм Синедејс.
Член е на Меѓународната федерација на филмски новинари-ФИПРЕСЦИ и беше долгогодишен претседател на Македонската секција на федерацијата. Куновски е член и на Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари „ФЕДЕОРА“ (FEDEORA- Federation of the European and Mediterranean film critics), и автор е на илјадници прилози, критики, есеи, фестивалски извештаи, портрети и интервјуа во македонските и светските медиуми. По негова иницијатива на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во Битола продефилираа најзначајните кинематографери на преминот на двата века: Свен Никвист, Јиржи Војчик, Вадим Јусов, Мирослав Ондричек, Тонино Дели Коли, Данте Спиноти, Мирослав Ондричек, Валтер Карваљо, Вилмош Жигмонд, Крис Менџис, Јаромир Шофр, Пјер Лом и десетици други.
Сите овие години посветеност, Куновски ги вгради во кариера исполнета со многу возбудувања, а како што самиот ќе рече, особено е горд што е дел од нашиот фестивал кој го смета за еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура.




