БРАНИМИР ЈОВАНОВИЌ
За да можете утре да ги вратите овие 600 милиони евра кои ќе ги позајмите за да ги реализирате меркиве, воведете сериозен прогресивен данок, нема да имате подобар момент за тоа од сега
Да, треба да бидеме солидарни во кризава. Да, треба финансискиот товар од кризата да го поделиме сите. Ама тоа не значи дека целиот цех треба да го платат работниците и сиромашните, а олигарсите, бизнисмените, богаташите и големите компании повторно да останат поштедени. Солидарноста значи дека товарот од кризата треба да падне токму на вториве, затоа што тие се богатеа изминативе години кога немавме криза, и затоа што тие повторно ќе се богатат кога ќе заврши сево ова.
Ако сакате да бидете солидарни, забранете отпуштање работници и намалување плати додека трае кризата, за сите фирми. Не смее профитот на компаниите да биде поважен од луѓето. Доколку некоја фирма не ја почитува забраната, државата да може да ја национализира фирмата. Национализацијата е секогаш легитимна опција во време на вакви кризи, со право ја спомна и Заев денеска, а е сериозна тема периодов и во држави како Италија, Франција, Германија и Америка.
Ако сакате да бидете солидарни, тие 200 евра помош по вработен кои државата ќе им ги дава на фирмите (120 милиони евра вкупно, ако добро слушнав), не смеат да бидат подарок од државата за компаниите. Фирмите мора да имаат обврска да ги вратат тие пари по завршување на кризата, за да може државата утре пак да им помага, но и за да има пари за инвестиции во здравство, образование, и сè друго што е потребно.
Доколку сакате да пратите симболична порака дека и јавниот сектор треба да сноси дел од товарот на кризата, ок, намалете ги платите. Ама не на ниво од минималната плата, туку за одреден процент, кој ќе зависи од висината на платата. На пример, за плати до 30.000, 5% намалување, за плати од 30-50.000, 10% намалување итн.
Јавниот сектор не се џаболебари, не се паразити. Јавниот сектор се наставниците кои ги образуваат и вашите деца и додека трае кризава, пожарникарите кои можат да затребаат во секој миг, инспекторите кои треба да следат дали профитерите ги качуваат цените и отпуштаат луѓе од работа, стручните луѓе во министерствата кои ќе треба да ги пишуваат уредбите кои сакате да ги донесете. Јавниот сектор се луѓето кои ќе треба да ги погледнете во очи утре кога ќе одите на работа, луѓе кои чесно си го заработуваат лебот, кои одвај крпат крај со крај, кои имаат сметки за плаќање, долгови за враќање и семејства за хранење.
Конечно, за да можете утре да ги вратите овие 600 милиони евра кои ќе ги позајмите за да ги реализирате меркиве, воведете сериозен прогресивен данок, нема да имате подобар момент за тоа од сега. Укинете ја максималната основица кај придонесите, која ги привилегира оние со плати над 10.000 евра. Воведете прогресивен данок на личен доход, со минимум три стапки (третата од минимум 25%). Воведете и прогресивен данок на добивка, на пример, за добивка над 1 милион евра, данок од 18%.
Кризите секогаш се и шанса, особено големиве како оваа. Сега е шансата да почнеме да градиме солидарно, хумано, праведно општество. Од вас зависи.