ФАТМИР БЕСИМИ
Она што е многу важно да се истакне е дека во изминатиот период се донесоа многу системски решенија во поглед на утврдувањето на минималната плата согласно порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата, како и кај пензиите. Исто така, беше договорено системско решение за исплатата на плати во јавниот сектор согласно методологија која ќе стапи на сила од 2025 година, а вратена е и исплатата на К-15.
Во поглед на вработувањата во јавниот сектор донесено е правилото да не се вработуваат нови лица, освен за пополнување на места на пензионирани лица или одлив по друг основ. Процесот на вработување во јавната администрација од догодина, исто така, ќе биде помалку бирократизиран, а со поголема одговорност за одговорните лица од институциите, со што ќе се подобри и ефикасноста и ефективноста. Ова e системска промена во процесот на вработување во јавниот сектор, при што тој ќе се врши врз основа на одобрен годишен план за вработување во буџетскиот корисник или институцијата и врз основа на изгласаниот Буџет во Собранието, надополнето со изјава од страна на раководното лице на институцијата за обезбедени средства за вработување за која сноси одговорност.
РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ Во поглед на реформите во јавните финансии, годинава направен е напредок кон спроведување на Законот за буџети. Пред се, ќе истакнам дека е избран составот на Фискалниот совет, независен орган, кој е веќе оперативен и ќе почне да го надгледува спроведувањето на фискалните правила, како и стратешките документи и извештаи поврзани фискалните и макроекономски политики.
Направени се и чекори понатаму кон обезбедување на финансирање и понатамошно спроведување на интегрираните системи во јавните финансии, односно Интегрираниот информациски систем за финансиско управување во Министерството за финансии – ИФМИС, потоа Информациски систем за управување со државна помош – САМИС, како целосно нов информациски систем за управување со државна помош кој ќе биде лоциран во Кабинетот за заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, како и целосно нов Информациски систем за управување со даночните приходи на Управата за јавни приходи (ИДИС). Преку дигитализацијата на јавните финансии ќе се придонесе за промовирање на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста во управувањето со јавните финансии и обезбедување подобри услуги за граѓаните.
Би сакал да истакнам дека Законот за буџетите воспоставува современ концепт на среднорочно буџетско планирање, согласно ЕУ директивите и најдобрите меѓународни пракси. Тој поставува рамка на одржлива фискална политика, висока буџетската дисциплина и транспарентост. Со овој закон во наредниот среднорочен период, се очекува фискалната политика да биде насочена кон консолидација на јавните расходи, преку постепено намалување на нивото на дефицитот, согласно воспоставените фискални правила. Во наредниот период, со меѓународна поддршка, Министерството за финансии ќе продолжи да работи на изработка на подзаконски акти за операционализирање на Закнот.
НАЦИОНАЛНИ РАЗВОЈНИ СТРАТЕГИИ Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 се темели на следните приоритетни области: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество, и 6. Зелена трансформација.
Според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6% во базичното сценарио и 4,7% според интегралното сценарио, односно со примена на реформите според стратешките приоритетни области од стратегијата. Со интегралното сценарио како преферирана опција во 2044 година во однос на 2024 година ќе оствариме побрз раст на животниот стандард (БДП по глава на жител ќе биде за 70% повисок), позначајно ќе се намали нивото на сиромаштијата (од 6,1% на 0,4% лица со дневен доход од 2.15 УСД), приходите во буџетот ќе достигнат ниво од 43,5% од БДП, што е значително повисоко во однос на сегашната проекција за 2024 година на ниво од 31,7% од БДП. За да се постигне побрза конвергенција со земјите на ЕУ во однос на новите земји членки (Хрватска и други), нашиот економски раст ќе треба дабиде над 5%. Нешто повеќе што ќе ни го обезбеди епитетот на „економско чудо на Балканот“.
За успешна реализација на Националната развојна стратегија неопходни се и секторски стратегии и програми со акциски планови. Значајна улога во ова ќе имаат и имплементацијата на новите стратегии по области и приоритети кои се ревидирани и подготвени во последните две години, и тоа: Стратегијата за развој на човечкиот капитал, Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за унапредување на извозот, Стратегијата за одржлив развој, Стратегијата за развој на енергетиката, Стратегијата за дигитализација и сајбер безбедност, Стратегијата за локален и регионален развој Стратегијата за управување со јавните финансии, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и стратегии во областа на развојот на земјоделството и безбедноста на храна, стратегии во областа на социјалната заштита, здравството, образованието, културата, туризмот, поддршката на млади и спорт, безбедноста и одбраната.
Интензивно работиме на развојни стратегии во соработка со други меѓународни институции и Европска Унија, меѓу кои би ги издвоил: Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан 2024-2027 во износ од 6 милијарди евра за цел регион, од кои околу 900 милиони евра ќе бидат за нашата економија, како и Рамката за партнерство со Светска Банка 2024-2028 проектиран во износ од околу 900 милиони евра за развој на нашата економија.
ПРОСПЕРИТЕТНА И ЕВРОПСКА ИДНИНА Посебно би сакал да се осврнам на Планот за раст на Западен Балкан, кој е голема шанса дадена од Европската унија за земјите од регионот за побрза конверегенција и присоединување кон ЕУ. Овој План практично им овозможува на земјите од регионот да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки. Преку негова реализација, целта е да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, а со тоа и нивното приклучување кон Унијата. Планот во вредност се состои од четири столба: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст.
Покрај значајната финансиска поддршка која како земја ќе ја добиеме преку овој План, дополнително добиваме можност да ја забрзаме реформската агенда, да се приближиме повеќе до ЕУ и како што често пишувам, „да ја донесеме ЕУ дома, пред да станеме дел од ЕУ“. Реализацијата на планот, кој е трае четири години, треба да започне веќе догодина и треба да бидеме подготвени максимално да ја искористиме оваа подадена рака.
ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС И ДОГОВОР Иднината е тоа што им припаѓа на идните генерации, а таа зависи од нашите одлуки во сегашноста. Од тие одлуки зависи и опстанокот на нашето битие. Затоа е клучно да постои меѓугенерациски општествен договор. Всушност, договор што се докажал како најнапредна форма на општествена свест што бил клучен за развојот на човечката цивилизација и неспорно тоа што го разликува човекот од сите други живи суштества во нашата планета. Пренесувањето на „штафетата на достигнатото ниво на знаење“ од една на друга генерација нѐ направи најинтелигентните суштества што би ни завидувале и највредните пчели кои целиот свој трудољубив живот го посветуваат во хармонија со природата за креирање на мед за себе и останатите. Тие се така програмирани биолошки и нивниот животен век е ист за секоја пчела и секоја генерација. Нивниот животен циклус е идентичен за секоја генерација. Затоа што тие, за жал, ја немаат интелигенцијата и колективната свест којашто ја поседува човекот.
За да бидеме „економското чудо на Балканот“ потребен е еден општествен консензус за стратешките приоритети, еден општествен отворен дијалог за сите клучни прашања. Потребно е лидерство коешто ќе ја одрази колективната свест за подобра иднина и меѓугенерацискиот договор дека оваа генерација ќе обезбеди подобра иднина за идната генерација тука, а таа ќе продолжи и ќе остане тука за да го пренесе овој аманет на наредната генерација, таа на следната и така натаму. Убеден сум дека ова е возможно. Со лидерство и јасна визија за иднината, да преминеме преку разликите и краткорочните убедувања кон постигнување на договор за стратешките приоритети. Консензус и договор за клучните развојни приоритети, поконкурентна економија, напредни технологии и одржлив развој, повисок стандард и квалитет на живеење, чиста животна средина, безбедна и просперитетна земја!
На крајот, би сакал да истакнам дека по карактер сум реалист и иако сумарно во оваа колумна провејуваат позитивни очекувања за економијата, мора да нагласам дека ризиците се сѐ уште присутни. Затоа мора да бидеме будни и внимателни, да ги користиме можностите и да преземаме соодветни мерки и политики за надминување на опасностите. Градењето на попросперитетна иднина за сите нас се заснова на добра стратегија, план за реализација и доследност и посветеност кон тој план, како и општествен консензус за стратешките приоритети. Тогаш, резултатите нема да изостанат!
Ви посака сите среќна и успешна Нова 2024 година!