Заев во Дојран влезе во предреферендумска битка за заживување на договорот со Грција. Ципрас, по поминување на гласањето за доверба и завршување на битката со кредиторите помирно го чека расплетот кај нас
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Исправени сме пред историско прашање за иднината на земјата и јас сум убеден дека заедно на 30 септември ќе донесеме правилна одлука со која ќе ја потврдиме иднината на европска Македонија и ќе му порачаме на светот кој силно не поддржува дека сме цврсто определени за интеграција со ЕУ и НАТО, рече викендов во Дојран премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев кој учествуваше на митингот на коалициајта „Излези за европска Македонија“.
Зборувајќи за договорот со Грција, премиерот Заев истакна дека токму Дојран е местото каде со јужните соседни е договорено признавањето на македонскиот јазик.
– Со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во текот на мај токму тука на паркингот во Дојран постигнавме договор за признавање на македонскиот јазик. Тоа се случи пред тогашниот Самит на ЕУ кога двете страни требаше да направиме исчекор и со тоа покажавме на членките на ЕУ дека сме подготвени на компромиси за постигнување договор, истакна Заев.
Преку постигнатите договори со Бугарија и Грција веќе немаме проблеми со признавањето на нашата земја, народот, идентитетот и јазикот, нагласи Заев.
– Добивме пријатели кои убеден сум дека силно ќе не поддржат на нашиот пат и определбата за европска Македонија. Нашата интеграција во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на договорот со Грција е многу важна за Македонија и затоа сум убеден дека на 30 септември ќе донесеме храбра одлука, потенцира Заев.
Дојран, рече Заев, треба да се гордее затоа што е нашата најевропска општина, тука на тромеѓето меѓу Македонија, Грција и Бугарија и искрено се надевам дека дојранчани ќе бидат горди и на резултатот од референдумот и одлуката што ќе ја донесеме на 30 септември.
За европска иднина на Дојран граѓаните на референдум ги повика и градоначалникот Анго Ангов кој истакна дека со 1,250 милион евра од ИПА-фондовите моментно се реализираат три проекти од прекуграничната програма и дека по успешниот референдум тие средства ќе бидат двојно поголеми.
На трибината во Валандово Заев истакна дека е убеден оти после цели 27 години по независноста од 1991 година овој септември ќе ја исправиме Македонија и ќе ја зацементираме нејзината иднина, стабилност и интегритет.
-Тогаш ја добивме, а сега треба да ја обезбедиме иднината на Македонија со квантен скок во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот за името со Грција. Без договор со Бугарија ќе беше загрозен и договорот со Грција. Со овие два договори сега имаме подадена рака од сите. Грција доби ерга омнес за името, а ние добивме ерга омнес идентитет, порача Заев.
Недозволувајте, додаде Заев, да ве лажат дека го губиме идентитетот. Напротив, секој може да го прочита договорот со Грција и да види во член 7 точка 2 дека повеќе не постојат дилеми со нашиот идентитет и јазик.
Може да се реече дека колегата на Заев од другата страна на границата – Ципрас, барем засега главното одмерување со противниците на договорот го имаше во јуни. Последното одмерувањето на силите во грчкиот парламент заврши во полза на владата на Алексис Ципрас. 153 пратеници тогаш, да се потсетиме, му дадоа доверба на неговиот кабинет, додека 127 беа против.
Конзервативната Нова Демократија со барањето да се изгласа недоверба на владата сакаше да го спречи договорот за решение на спорот за името, со кој треба да му стави крај на спорот со Македонија кој трае долго време.
Пред парламентот тогаш со часови демонстрираа околу три илјади луѓе. Дел од нив се обидоа да влезат во парламентарната зграда за да извршат притисок врз пратениците да му изгласаат недоверба на Ципрас. Да се направи демек некоја реприза на нашиот 27 април! Секако, со многу помалку луѓе спремни на таква авантура. Тие го обвинуваа премиерот дека во спорот за името направил лош компромис.
Деновиве, потсетувајќи се на договорот во Псорадес (Нивици) Алексис Ципрас пред пАртиските другари рече дека „кај македонското прашање, со многу големи напори успеавме да стигнеме до историски договор според националната линија и зачувувајќи го националниот интерес, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи за ’Грција во новата ера’. Таа тема беше на дневен ред на неговото обраќаањето на состанокот на централниот комитет на Сириза.
Ципрас зборуваше за постигнатите успеси на партијата во изминатите три и пол години колку што е на власт, се осврна и на надворешната политика, а упати и остри критики до опозициската Нова демократија, без директно да ја спомене.
– И во ова големо прашање, некои останаа со подотворени усти, откако едно 20-ина пати променија позиција. Понеделник, среда, петок сложено име и линија од владата на Караманлис. Вторник, четврток, сабота националистички делириум и аргументи од Златна зора, рече грчкиот премиер пред членовите на Централниот комитет на Сириза, упатувајќи критики до најголемата опозициска партија.
Ципрас објасни дека во изминатите години инвестирале во активна, повеќедимензионална надворешна политика, „со отворени канали, но и со целосен приоритет во обезбедувањето на суверените права“.
– Знаеме дека позицијата што ја одбравме има и политичка цена, секако привремена, бидејќи според резултатите, завршува секогаш во корист на националните интереси, рече Ципрас за надворешната политика што ја следи актуелната грчка влада.
На тој состанок Алексис Ципрас го претстави неговиот предлог за нов секретар на партијата. Како што е познато министерот за внатрешни работи Панос Скурлетис беше кандидатот за секретар на Сириза, а на гласањето доби 126 од 144 можни гласови. Очевидно дека претседателот на партијата стоел зад него.
Грчкиот премиер во речиси 50 минутниот говор пред неговите сопартијци, акцентот го стави на новата ера во која влегува земјата по завршувањето на последната програма со финансиска поддршка. Рече дека во 2015, на последните избори, грчкиот народ ѝ дал мандат, време и сила на владата за битка, а владата успеала да ја заврши тешката мисија – излез од меморандумите, со што почнува нова ера за земјата.
– Нашата визија за Грција по и од искуството со големата битка за излез од меморандумите веќе е посилна и пофункционална. Грција треба да стане и ќе стане современа, прогресивна, европска земја со протагонисти живите сили на општеството, порача грчкиот премиер.