Рускиот парламент ќе бара од своето министерство за надворешни работи да му забрани на Дојче веле да работи во земјата поради наводно прекршување на законите и политичка необјективност. ДВ ги отфрла обвинувањата
Рускиот пратеник Василиј Пискарев изјави дека парламентарната истрага пронашла докази дека германскиот државно финансиран меѓународен радиодифузер ги повикувал руските граѓани да учествуваат на непријавен протест летово.
Надзорниот одбор на Дојче веле ги отфрли сугестиите за мешање и пристрасност.
„По консултациите со директорот и внатрешно спроведената истрага, бордот заклучи дека известувањето на ДВ од Русија е беспрекорно. (…) Отфрламе било каква сугестија дека ДВ се мешал во внатрешните работи на Руската федерација“, се наведува во изјавата од Берлин.
Претседателот на Надзорниот одбор, католичкиот бискуп Карл Јуестен, вели дека ДВ очекува од руските власти да им дозволат на сите дописници во Русија „да известуваат слободно и без ограничувања“.
Пратеникот Пискарев вели дека парламентарната истрага ќе го опфати и известувањето на британскиот ББС и на американската Слободна Европа, кои наводно, исто така го прекршиле рускиот изборен закон.
Москва претходно ги користеше законите со кои се регулира сопственоста на медиумите за да им се заканува на странски медиуми со исфрлање од земјата како одмазда за односот на странски држави кон руските медиуми.
Интендантот на ДВ, Петер Лимбург, ги отфрла обвинувањата дека ДВ се меша во внатрешните работи на Русија. На медиумската куќа со програма за странство, Дојче веле, ѝ се префрла дека во еден твит повикувала на учество во забранети демонстрации. Во твитот ДВ јавува за недозволени демонстрации во Москва и цитира повеќе демонстранти. Во дописот од ДВ до Думата се вели: „Нашиот начин на известување ги почитува правилата на балансирано новинарство. Тоа исклучува мешање во внатрешните работи на некоја земја.”
Директорот Лимбург, повикувајќи се на претседателот на истражната комисија Васили Пискарјов вели: „Секогаш сме подготвени за разговор и го поканивме господинот Пискарјов, но треба да се дефинираат рамковните услови за дијалог. Нивната ‘распитна покана’ секако не е вистинскиот пат за размена на ставови. Заканата со одземање на акредитацијата го покажува карактерот на таквата покана. Ние сме независен јавен сервис и не дозволуваме да бидеме уценувани. Инаку постојано појаснуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на Русија и дека ниту во иднина нема да го правиме тоа. Исто така не сме повикале преку твит на демонстрации, туку само го цитиравме организаторот на протестите. Тоа е толку очигледно што не можеме да разбереме чуму целата возбуда. Обвинувањето дека сме прекршиле руски закони е тотално апсурдно.”
Инволвирани се и министрите за надворешни работи Мас и Лавров
Комисија на Безбедносниот совет на руската Дума актуелно истражува во колкава мера најновите опозициски протести во Москва би можеле да се поддржани од странство.
Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, уште на средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров во август годинава категорично ја отфрли таквата можност. Претседателот на истражната комисија Пискарјов повторно побара ДВ да се појави пред парламентарната комисија. Според информации на новинската агенција Интерфакс, тој се заканил дека доколку не се појават на повторната покана, на одредени соработници или на ДВ во целост може да им биде одземена акредитацијата за работа во Русија. Во Москва со недели демонстрираат бројни лица против исклучувањето на повеќе опозициски кандидати од изборите за градскиот совет кои ќе се одржат в недела. Илјадници беа во привремен притвор, меѓу нив и соработник на ДВ. Медиумот потоа во свој став на Русија ѝ префрли дека користи „методи на полициска држава”. Пред истражната парламентарна комисија е повикан и американскиот амбасадор во Москва, Џон Хантсман. Амбасадата на својата интернет страница објави безбедносни упатства, а со тоа и карта од маршрутата на опозициските демонстранти. Тоа руските политичари го толкуваа како повик за приклучување кон демонстрациите.
Властите во Белорусија доста порано (авгист 2018) го уапсија новинарот на Дојче веле Павлук Биковски во главниот град Минск. Властите досега не дадоа ниту една причина за апсењето.
„Кај мене дојдоа од истражувачкиот комитет“, напиша Биковски во средата на својот Фејсбук профил. Неговата сопруга, Воља Биковскаја подоцна за ДВ потврди дека полицијата од нивниот стан ги однела компјутерот, таблети, телефони, стикови и банкарски картички. „Претресот траеше околу два часа“, вели таа.
ДВ упати протест до белорускиот амбасадор во Берлин и побара итно ослободување на новинарот. Во него се наведува дека владеењето на правото мора да важи за акредитираните новинари.
Притисок врз новинарите
Освен Биковски, беа уапсени уште најмалку четворица новинари кои работат за популарни информативни медиуми. Новинарите се обвинети за незаконски пристап до вести од државната агенција БеИТА. Сопругата на Биковски се сомнева дека обвинувањата се параван за нов напад врз независните новинари во Белорусија.
Германското министерство за надворешни работи го повика Минск да ја почитува слободата на печатот и да се воздржи од непропорционални напади против новинарите.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Десир изрази сериозна загриженост поради апсењето на новинарите во Белорусија.
„Крајно непропорционалните мерки преземени од властите против две независни новински агенции отвораат сериозна загриженост за почитувањето на независните медиуми во Белорусија“, соопшти тој.
Поранешната советска република која ја предводи Александер Лукашенко ги засили нападите врз новинарите по големите анти-владини протести минатата година. Повеќе од 100 новинари беа уапсени во текот на 2017 година, според Репортери без граници. Повеќето биле новинари кои се сметале за блиски до опозицијата.
„Загрижен сум што владата се пресметува со новинари од почитувани и широко прифатени медиуми како ДВ“, вели Јохан Бир, шеф на канцеларијата за источна Европа и централна Азија на Репортери без граници. „Овие апсења ќе имаат застрашувачки ефект врз другите критични новинари“.
Бир смета дека е неприфатливо што властите запленувале компјутери и други уреди на новинарите.
„Тие ја компромитираат доверливоста на новинарските извори. Се плашам дека информациите сега ќе бидат пресретнати и анализирани од полицијата, што е големо нарушување на новинарската слобода“.