СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Димитров најтранспарентно ја потценува државната политика на Македонија, како и интелигенцијата на граѓаните, па и повеќе – им прави психолошки профил
Ангел(от) со јастребски крила повторно напаѓа. Осилен од можноста ГЕРБ да се врати на власта, претседателот на бугарскиот дел од Историската комисија , Ангел Димитров, тргна во политичка офанзива. Неговиот проблем е што сега има механизам кој точно кажува како да се пријавува говор на омраза и што неговите настапи стануваат не само тема за Македонија и за Бугарија, туку нив ги гледа и ги следи Европската унија.
Веќе сега неговото последно интервју треба да биде повод за шефот на дипломатијата Бујар Османи да испрати известување до бугарското МНР и да соопшти дека Димитров шири омраза кон Македонија и кон нејзините граѓани и да ги потсети дека таквото однесување не е прифатливо за никого, а не пак за прв човек на комисија на историчари кои треба да зборуваат за факти, а не за политики.
Одамна Ангел Димитров е главниот трујач на односите со Македонија кој кај нас, од времето кога беше амбасадор, јасно се доживува како прототип на живковизмот и на бугарската недобронамерност кон нашата држава. Тоа што упорно „не го давааат“ и што, наспроти сите укажувања дека е пречка да се постигне договор околу историските прашања, покажува дека без оглед која партија во Бугарија е на власт, без оглед која е нејзината идеологија, без оглед какви програмски цели има, тој е вечен, т.е. останува, како да е целта проблемите да се зголемуваат со Македонија, а не да се решаваат.
А, бившиот потврден соработник на бугарските служби, кој е нападно задоен со омраза кон нашата држава, се надмина себеси во последното интервју. Иако е многу видливо дека во Бугарија никој не ја употребува веќе Македонија за политичка пресметка без оглед што се среде предизборна кампања, и иако никој не сака да долева масло на вжештената политичка сцена во нашата држава пред да ги испорача уставните реформи за преговорите со ЕУ, Димитров се однесува како да е од друга планета.
Па така, има мислење за претседателот Стево Пендаровски, има мислење за улогата на Борис Трајковски, има мислење за авионската несреќа во којашто загина, има мислење за Отворен Балкан, се грози од нашата наклонетост кон Србија, се грози од бивша Југославија, јасно навива за расипување на нашите односи со Србија место за подобрување на тие со Бугарија, му пречи регионалната соработка, а нема високо мислење ни за граѓаните кои, според него, ги интересирала само пропагандата по 1944 година. Имено, како да е политичар а не историчар најтранспарентно ја потценува не само државата политика на Македонија, туку и интелигенцијата на граѓаните, па им прави и психолошки профил. А, во протоколот што го потпишаа двете влади јасно стои дека членовите на Историската комисија треба да расправаат за историја, а не за политика и треба да се водат од докажани факти,а не од емоции. Како тргнал, во очите на граѓаните, а се поочигледно и на историчарите од наша па и некои од бугарска страна почнува да наликува на мал Путин во бугарско издание.
Настрана од тоа што шири говор на омраза што е санкциониран со договорот за добрососедство, тој константно ја омаловажува и работата на Историската комисија со постојаните тврдења дека – ништо не се постигнало, ништо не се договорило, ништо не се сменило… иако веќе се објавија усогласени позиции за заеднички славења и за учебници, па и на последната средба биле договорени неколку прашања. Во интервјуто тој демонстрира тенденција да излезе од рамката што е договорена околу работата на Историската комисија, да притиска околу роковите што се јасно зацртани и да го шири обемот на учебниците во кои би требало да бидат внесени промените, ако ги договорат историчарите од двете страни. Како јастреб му пречат поткастрените крила на преговарачката маса, бидејќи јасно е запишано во документите на ЕУ до каде може да оди со притисоците врз Македонија и дека нема простор за нови дополнителни барања, така како што ги ширеа претходно во Софија на дневна основа. Народски кажано, страшно му е намален просторот да ги труе повторно односите со Македонија и тоа нема да се смени, кој и да се врати на власта во Софија.
Како човек кој цел живот потрошил само на наметнување на бугарската вистина на Македонија и кој методите за тоа ги учел од старата советска школа, Ангел Димитров е гневен бидејќи е прегазен од историјата за која тврди дека е најстручен. Време му е да се пензионира, бидејќи џабе знае историја кога не ја сфаќа реалноста – дека тоа што го работи веќе четврта деценија не само што не дава никаков резултат, туку е и контрапродуктивно за неговата држава.
Како копретседател на Историската комисија тој е промашена инвестиција пред сѐ за Бугарија, бидејќи со своите интервјуа прави Србија да изгледа најголем наш пријател, а сите опции за иднината на Македонија да изгледаат многу попривлечни ако во нив нема воопшто место за Бугарија. И секако, толку е успешен што успеа и Албанците повеќе да ја ценат Србија од неговата држава. А, политиката, пак, на тие што сѐ уште веруваат на неговата „експертиза“ и квалитети како историчар толку е успешна во однос на Македонија што ЕУ за првпат сериозно отвора дебата да го смени начинот на гласање за проширување на Унијата. Сѐ успех до успех…
(nezavisen.mk)