Писателите повторно не обезбедија кворум на Собранието на ДПМ. Сите тие одлагања доведоа и до битнио смален интерес за претседателската функција
Пропадна и вториот обид за продолжување на Вонредното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија откако повторно во саботата, на 27 јануари, немаше кворум.Од ДПМ информираа дека продолжението на седницата на Вонредното изборно собрание закажано во 11 часот не се одржа поради немање кворум.
Вонредното изборно собрание претходно требаше да се одржи на 25 ноември 2023 година, но исто така не се одржа поради немање кворум за работа.
За оваа седница останува важечка кандидатурата на писателот Мирче Нешовски за претседател на ДПМ.
Повикот за кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ беше објавен на 20 октомври минатата година, а рокот за доставување на кандидатурите беше до 4 ноември, при што со кандидатури се јавија шест кандидати.
Од четворицата кандидати за претседател на ДПМ, досега се откажаа тројца. Блаже Миневски, на 22 јануари, Живко Грозданоски ја повлече својата кандидатура на 20 ноември лани, поради друг личен ангажман, а Гоце Ристовски се откажа на 13 ноември, поради разединетост на членството.
Писателот Блаже Миневски преку соопштение образложи дека ја повлекува кандидатурата поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста.
Тој додаде дека Писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите 77 години се наоѓа на чекор од самоукинување. ДПМ, како што вели, мора да фати приклучок со новото време, излегувајќи од бездната во кое е фрлено свесно или несвесно во изминатиот период.
За претседател на Собранието на ДПМ, кандидатурите ги повлекоа Стефан Марковски и Иван Антоновски.
Писателот Иван Антоновски образложувајќи ја својата одлука за повлекување на кандидатурата, соопшти дека се надева оти ќе успее да спречи заедничките заложби за консолидација на ДПМ да бидат вовлечени во евентуални натамошни случувања што би немале правен легитимитет и дополнително би му наштетиле на Друштвото.
И писателот Стефан Марковски изрази жалење што внатрешните поделби, ниските конфронтации за добивање позиции по секоја цена, а со тоа и влијание, дури и буквална злоупотреба на потписите на дел од членовите дополнително го деградираат реномето на ДПМ.
Како гром од небо во писателската фела одекна веста дека седум членови на Претседателството на ДПМ поднесоа неотповикливи оставки. Без да ги потенцираат причините, тие му се заблагодаруваат на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022 година, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакуваат плодна и успешна работа.
Дел од нив се истакнати автори и професори како Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, а оставки си дадоа и членовите Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска . Во Претседателството уште членуваат и Бранко Цветкоски, Васил Тоциновски како секретар за внатрешни односи и активности и Марина Мијаковска како секретар за меѓународна соработка.
Ова е преседан во историјата на постоењето на Друштвото на писателите кој што ги афирмира македонските автори дома и во светот, и се случува во мандат на писателот Христо Петрески како претседател, избран на редовните избори во мај 2022 година.
Неофицијално дознаваме дека оставките се последица од незадоволството од актуелниот претседател Петрески кој во неколку наврати го нема консултирано Претседателството за бројни одлуки кои ги донел на своја рака. Затоа, членовите кои поднесоа оставки, не сакаат да бидат поврзувани со некои одлуки и решенија зад кои не стојат и не се консултирани.
По соопштението од ДПМ за оставките, денес попладне на социјалните мрежи, за да нема нејаснотии и простор за манипулации, членот Бранко Цветкоски ја објави својата оставка, приложена на седницата на Претседателството на ДПМ на 4 октомври. Во неа се вели:
„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградација на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството“.
Според познавачите на состојбите во ДПМ, по ваква, за прв пат, случка во историјата на Друштвото, претседателот треба да си поднесе оставка и да распише избори. Дознаваме, дека тој одбива да го стори тоа, и ќе кооптира нови членови на местото на досегашните кои си дале оставки.
На 13 февруари 1947 година, осум писатели: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов, поставија уште еден камен темелник за културниот развој и афирмација на македонската држава. За прв претседател на ДПМ е избран Блаже Конески.
Во изминатите неполни 8 децении, над 500 писатели и нивните дела, преку нивните книжевни вредности, на македонски и на другите јазици на кои пишуваат и говорат членовите на ДПМ, го дадоа, и сѐ уште го даваат, својот значаен придонес за растежот на македонската литература и се изборија за сопствено и автентично место во европската и светската литература.