ЛИЛЈАНА МАЗОВА
„Партија реми“ во Драмскиот театар – Скопје го чествува актерот Ѓокица Лукаревски. Во претставата Лукаревски го игра ликот на Велер Мартин, а партнерка му е Маја Вељковиќ-Пановска како Фонсија Дорси. Првата констатација е дека Драмски направи голем (а нормален, ама речиси заборавен) гест, почит, грижа, благодарност кон актерот Ѓокица Лукаревски кој сиот свој работен век од 40 години го помина токму во овој театар и заминува во пензија.
Големината на гестот расте и со фактот дека и со оваа нова претстава и со други кои се на репертоарот, Ѓокица и натаму ќе биде на сцената, ќе го има и во други нови претстави. Се потврдува и најголемата вистина за актерот дека сцената е негова сè додека тој може. Можеби и ја поништува праксата актерот, по истекот на официјалниот работен век решението за пензионирање да го добие на портирницата на службениот влез.
Сето ова го препозна и публиката на премиерата на „Партија реми“. Со внимание и почит го следеше актерот Лукаревски на кој одлична партнерка му е Маја Вељковиќ-Пановска. Претставата е работена по текстот на Доналд Ли Кобурн, добитник и на Пулицерповата награда за најдобар драмски текст (1978).
Драмата уште 1981 година е преведена и играна исто на сцената на Драмски, со бардовите на македонското глумиште Милица Стојанова и Илија Џувалековски, во режија на Димитар Станкоски. Играна е и на многу други сцени во светот – секогаш кога театарот има двајца актери со капацитет и докажан квалитет, созреани за искрена и зрела игра на ликови во таканареченото трето доба.
Ѓокица Лукаревски, актер со искуство во најразлични жанрови, со моќен глас точна подвижност, одличен/несебичен и неумислен а често во своите ликови/сцени бил и столб на претставата. Особено во ликовите во комедии или сатири. Точно знае да го смести ликот во контекстот на другите/претставата и сепак да остане свој. Секогаш на задоволство на публиката (и во други вонтеатарски прилики и настапи) прифатен со/по моќта да навлезе во суштината на ликот, да го разработи и одигра сиот предаден на играта, со претходна длабока разработка на она што сака/може да го направи. Можел и може многу.
Маја Вељковиќ-Пановска многу помлада од Лукаревски, е актерка која отсегогаш има силна моќ за трансформација, сенс а партнерска игра. Таа е актерка која кај и да ја сместиш и во каков и да е лик, е дисцплинирана и посветена на секоја реплика/збор од текстот, актерка која впива и шири позитива, иако често ја гледаме и во ликови на затворени, осамени, измамени жени…
Заедно, во „Партија реми“, тие се двојка која меѓусебно се надополнува, си дава еден на друг енергија, се сплотува во приказна за која се потребни многу модулации. Збор е за два лика, реков во таканареченото трето доба, кои се запознаваат, откриваат и ги играат состојбите/настаните и причините како сега кога останале сами, а нивните одамна престанале да мислат на нив – се разделилите, не им требаат и не покажуваат ниту интерес ниту грижа за нив, за совест и не станува збор. Се запознаваат/откриваат/зближуваат во дом за стари лица. Низ партиите/играта со карти реми.
Поставуваат многу битно прашање (се разбира без одговори): дали животот е среќа или стратегија. Низ секоја нова партија реми, низ секоја поделба на шпилот со карти, без разлика во чии раце е џокерот, е метафора за тоа како разноразни настани од животот на човекот на крајот, низ дијалогот меѓу нив двајца, се сведува и на прашањето, повеќе суштина на живеењето: дали и колку човекот ги користи шансите или тие редовно глуво поминуваат покрај него.
Двајцата актери Ѓокица и Маја играта (на премиерата) многу поизразено ја подигнаа во вториот дел. Јасно е дека „стегите“ доаѓаа од недоотворените режисерски назнаки/пропусти, од пренатрупаната сцена со сè и сешто (Доротеа Ѓорѓиевска), од главно погрешните костимски решенија (Лидија Георгиева), едноличниот избор на музиката иако станува збор за позната популарна стара песна. Како и решението назнаките/иднината на сета приказна да се открие во првата сцена и потоа во следните актерите да ја дополнуваат.
Кога состојбата на услови ќе ја надминат (што воопшто не им е лесно), Ѓокица и Маја најискрено се разигруваат. Ги „делат картите“ и себе со своето искуство, зрелост, талент и потреба да остварат игра низ вистината како ги минувале своите животи. Барајќи ја новата шанса за живот речиси на крајот од животот.
Нивната силина, смелост отворено да си ги анализираат животите води кон нова – нивна заедничка шанса за живот. Од сцената блика нивниот отворен став кон ликот – двата лика – енергијата, искреноста, моќта на актерот да ја подигне играта и да ја зема во свои раце. Така и ја досоздаваат сликата за себе како актери кои секогаш имаат нов предизвик, нова сила за нова сценска игра/состојба. Во оваа претстава таа само ќе расте. Тогаш кога че стане само нивна, извадена од нивните таленти, способности, карактери, души.
Токму поради бескрајната моќ на актерот за нов почеток во секоја нова претсава, сега е збор за Ѓокица Лукаревски, но не помалку од него многу помлада Маја Вељковиќ-Пановска, „Партија реми“ е претстава на двајца зрели актери кои знаат/умеат од ликовите во одличниот текст, да создадат и одлични ликови и претстава која ќе се гледа со задоволство.
Поводот е 40. годишниот јубилеј на Ѓокица Лукаревски. Ѓокица да ти се множат ликовите. Маја, ти си одличен партнер и актерка/партнерка која дискретно и искрено му се радуваш и на јубилејот на Ѓокица и создаваш уште еден твој стамен лик.
Честитки и до Драмски театар кој одбра да направи претстава во чест на актерот, со верување дека ќе продолжи да си го почитува секој свој актер, со ваков повод. Убав пример кој треба да го преземат и другите театри иако, на пример, Битолскиот театар речиси секогаш бил на страната и славата на својот актер.