ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Новата претстава „Крал Иби“ е драматуршко/режисерски колаж во кој, освен драмата на Алфред Жари, режисерот Васил Христов ја прави и адаптацијата на текстот. Всушност, Жари користи и ликови од драмите на Шекспир со кои и тој и Христов, го изоструваат конфликтот: лудилото на времево/лудилото на времето – секогаш, секаде. Во режијата на Христов токму ова е стожерен елемент на претставата.
Од друга страна, режисерот и играта на актерската екипа на гледачот во салонот му овозможуваат да „влезе“ во дејствието/претставата како активен „учесник“ во лудилото – конфронтации и противречности со кои се живеело, се живее и ќе се живее. Претставата соочува со суровата стварност на човековата природа. И некогаш, и сега, и тука и таму.
За изострување на актуелноста Христов најнапред создал екипа за/во која бил сигурен дека ќе соработуваат на ниво на заедништво, без поттурнување или „преземање“ на сцени или одделни секвенци во текот на дејствието. Така и ја реализирал идејата: лудилото на времево како колективна состојба. Така и се препознава низ текот на целата претстава.
Инсистирајќи на игра на/со изострен конфликт, во сценскиот простор кој Христов го создал заедно со Тодор Даевски, костимите на Розе Трајчевска Ристовска и дизајнот на светслото на Звездан Миљковиќ, се случува живот полн со противречности.
Следејќи ја намерата на Жари, нагласувајќи дека претставата е работена по мотиви од „Крал Иби“ на Алфред Жари и идејата/можноста женски ликови да играат мажи и обратно мажи – женски, Христов конфликтите меѓу драмските жанрови, настани и ликови ги издига на ниво на моќна идејна противречност.
Противречностите на настаните/ликовите функционираат во текот на целата изведба. Низ актерстата моќност низ целата игра на одличните Игор Ангелов како Тато Иби и Биљана Драгиќевиќ како Мама Иби. Нивната игра е отворена и го држи текот на дејствието. Се преобразуваат или го „живеат“ ликот низ сите очекувани или неочекувани ситуации. Двајцата се сигурни и во деталот и во крупниот план на ликот, на настанот, на намерата. Се приближуваат, оддалечуваат, судруваат и што уште не сигурни во секој збор, молк, чекор, движење…
Од друга страна, и двајцата имаат силна поддршка од актерите во другите ликови.
Никој од екипата (што е инаку честа појава) не игра само за себе. Секој е важен секому. Таа посветеност, истражување на ликот како единка и во контекстот на дејствието, за режисерот Христов е една од најбитните компоненти при создавањето на претставата. Заедно сето тоа заедништво е создадено/одиграно/доживеано.
Во таа исклучително сложна актерска екипа, покрај Игор Ангелов и Биљана Драгиќевиќ, се исто одличните во реализацијата на поединечен и крупен план и Зоран Љутков (Бордир), Сања Арсова (Бугрелав), Филип Трајковиќ (Офелија), Софија Куновска (Кралицата), Предраг Павловски (Кралот), Јана Стојановска (Болеслав), Долорес Поповиќ (Ладислав), Катерина Шехтанска Лаковски (Вештерка I), Маја Вељковиќ Пановска (Вештерка II),Емилија Мицевска (Вештерка III), Тамара Ристовска (Народот) и Игор Георгиев (Наратор).
Фактот дека режисерот Христов пред актерската екипа поставил точно обликувани ликови кои тие – актерите, така и ги доживуваат/играат.Заедништвото, да повторам, е испочитувано од сите во екипата.
Во екипата се и Димитар Илиоски (тон-мајстор), Дејан Блажевски (светло-мајстор), Душан Кардалевски (видео материјали и фотографии) и Денко Матевски (дизајн на постерот).
„Крал Иби“ е претстава што треба да се види. За да се доживее лудилото на времево. Всушност, секое време и секаде. Токму сега (а и секогаш) и кај нас толку актуелно.