ЛИЛЈАНА МАЗОВА
На Драмски театар – Скопје никако да му тргне со репертоарот. Главно се играат претстави „по желба“, а вредните се симнати од репертоарот – недоиграни. Во мај годинава беше премиерата на одличната претстава „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, меѓутоа и сосема е јасно (барем засега) дека една ластовичка не ја чини пролетта.
Најновата претстава е „Луди за љубов“ на текст на ценетиот Сем Шепард (1943-2017, САД) и во режија на Дејан Дамјановски, со актерите Јана Стојановска/Благица Димитровска (Меј), Филип Трајковиќ (Еди), Криситијан Светиев (Мартин) и Анастас Тановски (Старецот).
Веднаш го издвојувам Анастас Тановски, во ликот на Старецот. Тој е единствениот што целосно владее со ликот, со времето, со она што треба да се случува на сцената.
Ја гледав изведбата со Јана Стојановска како Меј, а следната по неа беше изведбата со Благица Димитровска. Не е праведно, но тешко е да се очекува дека колку и да е, условно, подобра Благица како Меј, дека можела да се извлече од штуриот режисерски концепт.
Проблемот е во режијата и поделбата/играта. Меј е претежок залак за Јана Стојановска. Викајќи и трчајќи по сцената се губат не само нејзините, односно емоциите на Меј. Се стеснува просторот и за Филип Трајковиќ како Еди и на Кристијн Светиев како Мартин, иако тоа се актери од поголрм формат. Особено Филип Трајковиќ.
Дејствието е универзално: осамениот поединец и неговата потреба од љубов – од припаѓање. И другата мајсторски срочена вистина на Шепард – проашеноста на нивните животи. Токму тоа е мајсторски прикажано кај авторот: колку и да траат несогласувањата, повеќе бегањата еден од друг, секоја нивна нова средба е полна со страст. И исто суштинското: доказ за празнината со која се соочени и потрагата по идентитетот. Оттука е сосема неоправдана неможноста на режисерот барем да го следи текстот и да создаде дури и хит претстава во Драмски.
Музиката е на Миодраг Неќак, сценографијата на Ѓорѓи Ѓорѓиевски, а костимите на Елена Вангеловска. Се игра на Малата сцена на Драмски.
Драмски театар – Скопје сега има ново раководство, со наследен репертоар и најверојатно наследен предлог репертоар за идната 2019 година. Битно е дека Драмски театар и низа години наназад е главно со репертоар по желбите на директорите/актери. Конечно не е така и конечно секој негов почитувач (стар или нов) може да се надева на „враќање“ на миленикот Драмски на неговиот колосек на успешност, на театар кој има одлична актерска екипа од различни генерации што е и вистинска можност да се создава успешен репертоар/театар.