Овој случај е илустрација како владеачката партија преку своите функционери шири безвластие
„Сашо Дранго, заменик директорот на Македонија пат и претседател на унијата на ветерани во Демир Хисар, во слободно време не само шо убива мечки, но ете убивал и кучиња. Една од неговите жртви е и Кафенко, во с. Бабино. Сведоците, но и сопственици на кученцето се плашеле да сведочат против него, оти „јак” човек да ти бил Сашо, оти од шо е толку „јак” ете зема пушка и тепа наоколу, кои закони кои глупости, Сашо е над законите оти негова партија е на власт, никој не му може ништо. Таква е психологијата на бедните човечиња и кукајци во душа, на кои моќта од власта и парите не ги расипуваат но само им го покажуваат нивното право лице.
До кога ли жална Македонијо вакви болни умови на функции ќе ти биваат само и само затоа што одработувале за партијата? Не ти бега младина заради материјален порив, ти бега од овие и вакви болни ликови кои со години ги толерираш та и со функции наградуваш. Нужни се сериозни психолошки тестови пред да поставуваш некој човек на државна функција, и повеќе од нужни!
Отворените непријатели не се страшни, страшни се ваквите квазипатриоти, кои за да народ заведат се расфрлаат со патриотски флоскули, а потоа во своја држава дивеат и го сквернават името ВМРО. Традицијата не е да убиваш недолжни битија, иднината не е во варваризмот и злоделата плод на нечии душевни изместувања, моја земјо Македонијо“ – пишува на својот Фејсбук профил Климкент Арнаудов..
Да се потсетиме дека ТВ Телма пред една недела објави вест дека заменик директорот на Македонија пат и претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, бил фотографиран со мечка што ја застрелал во декември 2024 година. Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането по закон.
Фотографиите, до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго, откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј. Ова не само што го отсликува неговото спорно хоби, туку и ја разголува неговата неодговорност како јавен функционер. На социјалните мрежи се појавуваат и други фотографии на кои Дранго позира со различни убиени диви животни, што ја продлабочува загриженоста околу неговите дејствија.
– Како втор човек во хиерархијата на јавно претпријатие, Дранго треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела. Овој случај отвора сериозно прашање дали Дранго е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку често се случувале вакви монструозни дела во неговата кариера, велат од „Анима мунди“
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години.
Анима Мунди ќе поднесе кривична пријава против Дранго и ќе бара негово разрешување од функцијата. Јавните функционери треба да бидат синоним за одговорност и почитување на законите, а не да користат оружје за да убиваат заштитени животни и да избегнуваат одговорност. Овој злочин против природата, кој доведе до смртта на скапоцено животно, треба да биде санкциониран со највисоката казна предвидена со закон стои во дописот испратен од Анима Мунди
Основното јавно обвинителство од Битола инаку експресно отвори предмет за случајот со застреланата мечка и фотографијата на која позира Сашо Дранго, заменик-директор на „Македонија пат“ .
Од Обвинителството во Битола, вечерва за „Независен“ потврдуваат дека веднаш оформиле предмет.
„По објавата по медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило. Обвинителството ќе се обрати до Здружението ‘Анима мунди’ да ни ги достават нивните материјали како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции“, изјави за „Независен“ обвинителката Оливера Нечаковска.
Дранго за дел од медиумите денеска изјави дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, па тој и вработени во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.
„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во ‘Македонија пат’ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста Ротино, битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави тој за медиумите.
Меѓутоа, наши извори од СВР Битола велат дека, сообраќајката на патот Битола-Ресен се случила на 4 ноември лани, меѓу селата Цапари и Ротино, и дека сообраќајката ја предизвикало мече, а не мечка како што е на фотографијата на Дранго.
Гизела Бошковска од Анима мунди за Телма изјави:
„Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта. Исто така, ни кажаа дека имало и обид да се пријави, но тоа било скриено дури и од лица кои работат во МВР. Уште пострашен е фактот што се работи за носител на јавна функција, заменик-директор. Јас очекувам дека надлежните институции сериозно ќе се занимаваат со ова, добро ќе го истражат настанот и тој ќе одговара како што налага Кривичниот законик“, изјави Гизела Бошковска.
Во членот 11 од Законот за дивеч и ловството пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик во членот 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.