Досега не е продаден ни половина од имотот што е конфискуван. Наскоро оглас за просдажба на 20 стана, гаражи, деловен простор и градежно земјиште во три општини
ФРОСИНА ФАКОВ СЕРАФИНОВИЌ
Новата директорка на Агенцијата за управување со одземен имот Ирена Илиевска за многу брзо време најавува јавен оглас за продажба на останатиот имот на Мијалков – 20 стана и 8 гаражни места на Водно, на улицата „Славејко Арсов“, два апартмана во хотел „Панорама резиденс“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид, градежно земјиште во Радња, Центар и во Богородица, како и деловен простор на улица „11 Октомври“ во Скопје.
Повеќе од 20 милиони евра треба да бидат вратени во државниот буџет од продажбата на конфискуваниот имот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, но дури откако Агенцијата за управување со одземен имот ќе го продаде целиот имот што му го заплени Обвинителството во случајот „Империја“ за кој тој се спогоди и одлежа неколку години во отворениот струшки затвор. Јавноста почна пак да пресметува колку тежи Мијалков за да може со црвено „ферари“ да се луксузира во ресторан во Монако со три мишелин ѕвезди каде што одат најголемите холивудски ѕвезди.
– Вкупниот проценет недвижен имот изготвен од Министерство за правда – Биро за процени е во износ од 21.450.000 евра, што значи дека во Буџетот на државата ќе се префрлат најмалку во тој износ – велат од Агенцијата во одговор за „Слободен печат“.
Од целиот имот што беше запленет со правосилна судска пресуда уште во јули 2022 година, досега се продадени два апартмана во Охрид и градежно земјиште во селото Радња (меѓу Демир Капија и Кавадарци) вредни 250 илјади евра и три стана и една гаража во износ од 332 илјади евра, или во буџетот се вратени речиси 600 илјади евра.
Но, овие три стана и гаража што се споменуваат и се наоѓаат на Водно, всушност пред точно една година ги купи фирмата „Бест веј инвестмент“, која е во сопственост на синот на Мијалков, Јордан Мијалков. Овој имот беше продаден во ноември на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пред продажбата тогашниот директор Бесим Небиу обелодени дека биле заплашувани од сопственици на имотот при обидите за продажба.
На јавното наддавање децидно е забрането учество на осуденото лице, но Мијалков како што ги изигра законите и пред издржувањето на затворската казна го смени местото на живеење од Скопје во Охрид за да ја издржува затворската казна во отворен затвор, така и тогаш си ги врати преку фирма на синот.
По промената на власта во Агенцијата беше назначена нова директорка, Ирена Илиевска, која за многу брзо време најавува објавување јавен оглас за продажба на останатиот имот и тоа 20 стана и осум гаражни места на Водно, поточно на улицата „Славејко Арсов“, два апартмана во хотел „Панорама резиденс“, два апартмана во хотелот „Парк“ во Охрид.
Ќе се продава и градежно земјиште во Радња, Центар и во Богородица, како и деловен простор на улица „11 Октомври“ во Скопје.
Што му заплени Обвинителството?
Во случајот „Империја“ Мијалков беше осуден на казна затвор од три години и се спогоди со Обвинителството, призна вина и беше прогласен за виновен за злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање имот. Всушност, Обвинителството го товареше дека дејствата ги извршувал со другите осомничени во предметот, меѓу кои и бизнисменот Орце Камчев, преку правни лица односно фирми основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и офшор компании во странство.
„Приходите стекнати со пренос на капиталот обвинетиот не ги пријавувал во анкетните листови, иако за цел период опфатен со истрагата извршувал јавна функција. Покрај изречената казна, со спогодбата му се конфискува имот вредност од 5.476.653,00 евра што ги надминува приходите што обвинетиот С.М. законски ги остварил и за кои дал лажни или непотполни податоци. Исто така, бидејќи не е можно конфискување удел од 46% во вредност од 3.546.778,00 евра во правно лице ДПТУ „Дивелоп груп“ ДОО Скопје, 19.580 акции во вредност од 732.260,00 евра издадени од ЗК „Пелагонија“, 8.150 акции во вредност од 249.933,00 евра издадени од „Бетон Штип“ АД што ги поседува правното лице ДПТУ „Ексико“ ДООЕЛ и недвижен имот – куќа во вредност од 947.682,00 евра, се конфискува од обвинетиот друг негов имот во вредност од 5.476.653,00 евра и тоа парични средства во износ од 336.814.160,00 денари од банкарската сметка на правното лице ДТУ „Макпоинт“ ДООЕЛ Скопје на кое единствен сопственик е обвинетиот С.М. Исто така, се конфискува и недвижен имот и хартии од вредност пренесени на трети лица“, соопшти Обвинителството во јули 2022 година.
Мијалков одлежа затворска казна само за случајот „Империја“, и тоа многу помалку од три години затоа што доби условен отпуст, иако против него се водеа вкупно шест предмети, меѓу кои и предметот за масовното прислушување. Јавноста дозна дека Мијалков е слободен човек и слободно може да се шета по улиците на Монте Карло откако таму беше снимен пред луксузниот ресторан. Апелација му ја прифатила жалбата и наместо да биде на условен отпуст до 25 април 2025 година, тој е ослободен без никаков услов од денот од кога излезе од затвор.
– Претходно Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, на 29.3.2024 година, го уважи барањето за условен отпуст поднесено од директорот на КПД Струга, за условен отпуст на С.М. со што решението е тој да се отпушти од издржување на затворската казна на 25.12.2024 година, според кое решение Условниот отпуст трае до 25.4.2025 година, при што осудениот е должен да ги исполнува обврските што ќе му бидат определени од пробациски службеник во подрачна Пробациска канцеларија на Управата за извршување санкции при Министерството за правда – велат од Кривичниот суд за „Слободен печат“.
Но, Мијалков се жалел на ова решение, па Апелацискиот суд ја усвоил жалбата со што решението го преиначил и Условниот отпуст почнал да важи од 23 мај 2024 година, кога излезе и од затвор.
Како Мијалков стана слободен?
Пасошот му бил земен во случајот „Трезор“, но и оваа мерка му била укината по позитивно мислење на Обвинителството.
– Во однос на прашањето за патната исправа, со решение на Кривичниот совет од 26.4.2024 година, а по добиено позитивно мислење од надлежното јавно обвинителство, укината е мерката за претпазливост – Времено одземање на патната исправа и патната исправа е доставена на надлежно чување во надлежното МВР – велат од Кривичен.
Апелација само ја потврдила оваа одлука на Кривичниот суд.
-Мерката Привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова патна исправа претставува мерка за обезбедување присуство на обвинет во текот на постапката која против обвинетото лице Сашо Мијалков била определена со одлука на Апелациониот суд Скопје, истовремено со прифаќање и гаранција исто така како мерка за обезбедување присуство на обвинет во текот на постапката. Првостепениот суд ја укинал мерката Привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова патна исправа, но останала во сила определената гаранција во вкупен износ од 11.106.501,00 евра или во денарска противвредност 683.025.797,00 денари, во корист на Република Северна Македонија, до правосилно завршување на постапката. Ваквата одлука на првостепениот суд е потврдена од страна на Апелациониот суд Скопје, велат од Апелација за „Слободен печат“.
МВР пак му го вратило пасошот со судска одлука.
– Во врска со патната исправа на лицето за кое прашувате, ве известуваме дека врз основа на веќе донесена одлука од надлежен судски орган во која забраната за патување во странство и издавање на патна исправа е избришана, од страна на МВР беше спроведено донесеното судско решение, при што формално му беше вратена патната исправа – велат од МВР за „Слободен печат“.
Мијалков беше обвинет за масовното прислушување во предметот „Таргет- тврдина“ кој застари со измените на Кривичниот закони, му застари предметот „Титаник 2“, во кој заедно со Мендух Тачи беше обвинет за изборни нерегуларности, ослободителни пресуди доби за случајот „Тортура“, односно за апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, за набавката на опремата за потребите на Петтата управа, „Трезор“ исто така беше ослободен, за „Плацовите на Водно“ доби условна казна, за „Империја“ среди со спогодба и менување на местото на живеење од Скопје во Охрид.
Поранешниот директор инаку беше и меѓу првите функционери кој се најде на „црната листа“ на САД, а бил вмешан и во корупција за застарување на масовното прислушување, случај што ги стави на истата листа поранешниот вицепремиер, Артан Груби и судијата Енвер Беџети.
(Слободен печат – легендите се на Глобус)