Во периодот 2006-2017 година, домашната економија не успеала да создаде дополнителна нова вредност ниту до нивото на вкупното надворешно задолжување. На едно евро надворешен долг е создадено 0,88 евра нова вредност
АНЕТА ДОДЕВСКА
Задолжувањата кои ќе завршат за проекти со додадена вредност и кои ќе го поттикнат економскиот раст се оправдани, во спортивно, ќе имаме продолжување на економските политики кои само го „хранеа“ популизмот – коментираат дел од економистите по објавувањето на новата Фискална стратегија 2019-2020 година, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Со овој нов документ се предвидува раст на вкупниот Јавен долг до ниво од скоро 54 отсто. Сепак, економистите предупредуваат на внимателност при менаџирање на јавните финансии со оглед на тоа што очекуваните стапки на економски раст се уште се движат околу 3,5 отсто.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА ВНИМАТЕЛНОСТ Заклучно со првиот квартал од годинава, Јавниот долг изнесува 47,2 отсто а нивото на државниот долг, во кој се вклучени заемите на централната Влада, јавните фондови и општините, изнесува 39,7 отсто. Во однос на состојбата од крајот од 2017 година, кога Јавниот долг изнесувал 47,6 отсто, во првото економско тромесечје од 2018 година е регистрирано намалување за 0,4 проценти. Во апсолутен износ Јавниот долг, според последните расположливи податоци изнесува 5,08 милијарди евра, што преставува досега највисоко ниво.
Според сегашните параметри, македонската економија се уште е во групата на ниско или умерено задолжени земји, но со новата Фискална стратегија 2019 – 2020 година, Владата планира раст на вкупниот Јавен долг до ниво од 53,8 отсто. Овие проекции, за дел од економистите се очекувани во состојба кога со тековните приливи не може да се финансираат поголеми јавни инфраструктурни инвестиции.
„Сосема оправдано Владата за период 2018-2020 година е да проектира раст на јавното задолжување, свесна дека од постојните фискални и други приходи не може да обезбеди доволен износ на средства за финансирање на значајни инфраструктурни и други проекти, кои во суштина го поттикнуваат економскиот раст. Секое задолжување кое е во функција на зголемување на производниот капацитет на домашната економија е економски оправдано, доколку, маргиналниот доход (новосоздадена вредност) е поголема од маргиналните трошоци од задолжувањето. Во спротивно, доколку ефектите од задолжувањето не се проследени со соодветен раст на БДП, тогаш таквото задолжување е економски неоправдано, од причина што, повратните ефекти од задолжувањето се недоволни да ги покријат трошоците на задолжувањето“ – вели универзитетскиот професор Сами Бислими.
Во новиот документ кој ги поставува контурите на фискалната политика во претстојниот период, Владата наведува дека задолжувањата ќе растат , но и дека ќе бидат строго контролирани.
ЛИМИТ НА ВКУПНИОТ ЈАВЕН ДОЛГ „Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот нивото на вкупниот јавен долг на среден и долг рок да не надминува 60 отсто од БДП“ – пишува во Фискалната стратегија во која се наведува дека клучна причина за раст на долговите ќе биде интензивирање на темпото на остварување на капиталните инвестиции.
„На среден рок се очекува умерено зголемување на вкупниот јавен долг до 54,8 отсто од БДП во 2020 година, и потоа намалување на 53,8 отсто од БДП во 2021 година, што е значително под утврдениот лимит за среднорочно и долгорочно ниво на јавниот долг. Во 2018 и 2019 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата. Заради тоа се очекува зголемување на состојбата на гарантираниот долг, и се утврдува
лимит за максимално нето задолжување по основ на гарантиран долг во 2019 година до 250 милиони евра“ – се посочува во документот на Министерството за финансии.
Економистите потсетуваат на досегашните практики, кога се земаа кредити за да се финансираат тековни буџетски трошења, како оние за плати и пензии.
Каква е нашата реалност? Во периодот 2006-2017 година, дополнителниот – маргиналниот раст на БДП ( во апсолутен износ) изнесува 4,594 милијарди евра, додека маргиналниот раст на вкупното надворешно задолжување изнесува 5,207 милијарди евра, што значи дека, во периодот 2006-2017 година, домашната економија не успеала да создаде дополнителна нова вредност ниту до нивото на вкупното надворешно задолжување. На едно евро надворешен долг е создадено 0,88 евра нова вредност. Тоа е индикатор дека, во сиот тој период средствата од задолжувањето не се инвестирани во зголемување на производните можности, во зголемување на производниот капацитет на домашната економија“ – вели професорот Бислими и порачува :
„Доколку Владата е решена да го зголеми нивото на Јавниот долг ја охрабрувам, но, само за поддршка на проекти кои би биле во функција на економскиот развој, во примената на нови знаења и технологии, во проширување на производните можности, што би довело до зголемена продуктивност, зголемена домашна понуда на стоки и услуги, конкурентски настап на домашниот и на надворешниот пазар, во спротивно задолжувањето би било во функција на „шминкање“ на стварноста а тоа нема да води никаде“.
КОН ДОМАШНИ ЗАДОЛЖУВАЊА Според сегашната стратегија за задолжување, Владата планира да се сврти кон задолжувања на домашен терен пришто се очекува да расте рочноста на внатрешните долгови.
Според податоците за моменталната структура на Јавниот долг, 3, 48 милијарди евра е износ што се должи кон странство а 1,60 милијада евра се долг кон домашните кредитори. Во април годинава, на домашен терен, за прв пат беше издадена државна обврзница со рок на доспевање од 30 години. Дома, најголеми владини кредитори се пензиските фондови, банките и осигурителните компании. На меѓународниот пазар, најголемите обврски на Македонија се по основ на издадени Еврообврзници но и кредити, како оној за изгрдаба на автопатите, зад кои како гарантор е државата. Само последната Еврообврзница, што беше издадена на почетокот на годинава, тежи 500 милиони евра.