Онлајн медиумите на Унгарците „најмрсно“ фактурирани! Врз основа на доставените извештаи за медиумско рекламирање, ИРЛ направи топ-листа на медиуми каде што трите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои имаа свои кандидати за претседател, потрошиле најмногу пари за реклама. Од исплатените околу 3.7 милиони евра, над 80 отсто, или над 3 милиони, се потрошени на рекламирање во петте национални телевизии, четирите кабелски национални, како и во најголемите регионални и локални телевизии. Помалку од еден милион поделиле радијата, печатените медиуми и порталите
За медиумската кампања за Стево Пендаровски, СДСМ потрошила 37.000 евра во 1 ТВ. Во тој период сѐ уште не се наѕираше дека телевизијата чиј неформален сопственик беше шоуменот Бојан Јовановски ќе биде згасната. По неколку месеци, Јовановски заврши во притвор заедно со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, кои сега се осудени на затворски казни во случајот „Рекет“.
56.000 евра од СДСМ и ДУИ за весници
ДУИ и Блерим Река се рекламирале само во еден весник, и тоа на албански јазик, и таму само за три недели кампања се исплатени 30.000 евра. 24.000 евра во весникот и 6.000 евра за реклами на онлајн изданието на весникот. Сопственик на Коха е новинарот Лирим Дулови.
СДСМ се огласувале во четири весници, за што потрошиле вкупно 22.200 евра. Најмногу добил Фокус, и тоа по две основи. 7.500 евра за печатеното издание и 4.000 евра за онлајн верзијата на Фокус. И за Пендаровски имало реклами во весникот на албански јазик Коха, во вредност од 5.200 евра. А, пари добил и Вечер – 5.200 евра, како и сега згаснатиот Независен весник, којшто од кампањата инкасирал 4.200 евра.
Онлајн медиумите на Унгарците „најмрсно“ фактурирани! Врз основа на доставените извештаи за медиумско рекламирање, ИРЛ направи топ-листа на медиуми каде што трите политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои имаа свои кандидати за претседател, потрошиле најмногу пари за реклама. Од исплатените околу 3.7 милиони евра, над 80 отсто, или над 3 милиони, се потрошени на рекламирање во петте национални телевизии, четирите кабелски национални, како и во најголемите регионални и локални телевизии. Помалку од еден милион поделиле радијата, печатените медиуми и порталите.
Петте национални телевизии вкупно добиле околу 2 милиони евра. Од таа сума најмногу добила ТВ Сител, околу 564 илјади евра, Канал 5 и Алсат-М добиле по околу 400 илјади евра, Телма околу 250 илјади, а најмалку има Алфа, околу 150 илјади евра.
ВМРО-ДПМНЕ за телевизиско претставување на Силјаноска најмногу пари дала во Сител телевизија 312.000 евра, потоа во Канал 5 184.000 евра, следува АЛФА ТВ со 130.000 евра, па ТВ 24 со 99 илјади евра, а најмалку пари од кампањата на Силјаноска добила Телма, или 96 илјади евра.
ВМРО-ДППМНЕ ја рекламирало Силјаноска и на повеќе радија. Најмногу на Сити радио, кое добило 28.000 евра, потоа Фортуна со 13.000 евра, Клуб ФМ од буџетот зело 9.700 евра, Метрополис 9.400 евра и Скај радио 8.300 евра.
Од порталите најмногу пари зела фирмата „ЕМ-МЕДИА“ издавач на Курир, Денешен, Лидер, Вистина, односно 31.000 евра. Потоа следува „Макс медиа“ на Драган Павловиќ Латас, кој е сопственик на три интернет портали Вечер.мк, Весник.ком и Вести.мк и добил 17.500 евра. Толку пари добила и „Прва република“, издавач на порталот Република.мк. Потоа „Некст левел солушн“, фирма која стои зад сајтот Макпрес.мк, добила 15.000 евра и „ЦИА ДООЕЛ“, или сајтот Инфомакс, којшто од државниот буџет зел 14.500 евра.
Сител телевизија е на врвот на листата и на СДСМ. Таму лани за кампањата на Пендаровски се слеале 243.000 евра, потоа во Канал 5 188.000 евра, скоро исто и во Алсат 187.000 евра. Во Телма влегле 132.000 евра и во ТВ 24 78.000 евра.
СДСМ потрошил помалку пари од ВМРО-ДПМНЕ за кампања на радијата. Најмногу во Канал 77, или 6.200 евра. Пари зеле и Метрополис, Антена Радио Ват и Супер радио од Охрид.
Во онлајн медиумите, за реклами за Пендаровски најмногу добила „Клип медиа“ – 5.100 евра (издавач на Макфакс, Репортер, Грид). На второ место е фирмата „Актуеле“ , со 4.500 евра. Потоа „Спорт инфо медија“ – 4.150, „Флака инфо“ – 4.100 евра и „Медиа плус“ – 4.000 евра.
Кандидатот на ДУИ Блерим Река најмногу се рекламирал на Алсат ТВ, каде што од буџетот се исплатени 178.000 евра, потоа на ТВ 21, каде што влегле 153.000 евра, во Клан ТВ 116.000 евра, ТВ Коха 50.000 евра и во Канал 5 37.000 евра. Од онлајн медиумите најмногу добила „фирмата Некст левел солушн“ (Макпрес.мк) – 14.500 евра и „МЕДИА РС“ од Куманово – 8.300 евра.
Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите минатата година формираа регистар на професионални онлајн медиуми со цел медиумскиот интернет простор преку саморегулација да ѝ помогне на јавноста да ги разликува професионалните медиуми од оние кои шират пропаганда и лажни вести.
„За бизнисмените ќе значи заштита од уценувачите и непрофесионалните медиуми. За граѓаните, за публиката, многу полесно да ги препознаат оние што шират стандарди наспроти пропаганда и лажни вести, да знаат кому можат да му веруваат, а чии информации ќе ги примат со резерва. Најпосле за политичарите – еве шанса да покажете дека си ја сакате земјата со новинарски стандарди кои новинарот го прават седма сила во општеството – а не приврзоци на некоја политичка партија“, рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, кога беше формирана Промедиа.
До 2018 година, политичките партии од свои пари ја плаќаа медиумската кампања за избори. Кога политичарите решија да го сменат ваквиот начин на финансирање, договорија медиумското рекламирање да го плаќа државата. За првпат ова правило се примени минатата година за претседателските избори, на кои имаше само тројца кандидати и за медиумско промовирање беа потрошени 3,7 милиони евра. Оваа година, за парламентарните избори од државниот буџет во медиумите ќе се искешираат околу 3,6 милиони евра. Само трите големи партии од власта и опозицијата, СДСМ, ВМРО и ДУИ, за медиумско рекламирање од буџетот добија околу 2,4 милиони евра. Сите други 12 коалиции и партии, учесници на изборите, заедно можеа да потрошат околу 360 илјади евра. За истата намена коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива добила само 36 илјади евра. Буџетот за оваа година ќе се намали за сумата од околу 800.000 евра предвидени за БЕСА, бидејќи оваа партија на изборите настапи во коалиција со СДСМ. За распределба на парите во ДИК се пријавија 44 телевизии, 52 радиостаници, 12 печатени медиуми и рекордни 235 портали.
„Голем дел од нив воопшто не ни известуваат за прашања кои се од јавен интерес. Сметам дека сите портали треба да имаат импресум, да ги почитуваат етичките стандарди и да известуваат релевантно, затоа што сепак се финансирани од јавни пари. Без тоа, онлајн медиумите ќе продолжат да ги злоупотребуваат финансиите, а за возврат нема да имаме вистинито и навремено информирање“, изјави за ИРЛ директорот на ЗНМ Драган Секуловски.
Пишуваат: Маја Јовановска и Сашка Цветковска
Илустрации: Лука Блажев
Дополнително известување: Лила Караташева и Дајана Лазаревска
Оваа содржина ја изработи Истражувачката репортерска лабораторија во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје. Опремата во ова продолжение е на Глобус
(продолжува во следниот број)