Ова се вторите по ред избори кои се одржуваат според променетите правила: Кампањите на партиите ги плаќаат граѓаните од буџетот
Телевизиите Сител и Канал 5 ќе земат најголем дел од парите. Но, вистинскиот хаос е во сферата на онлајн медиумите. ИРЛ открива дека партиите избираат да трошат во своите табори, се даваат пари на портали блиски до партиските раководства и нивните европски сојузници, се финансираат „кликбејт медиуми‘, а некогашните лица на пропагандата, како Драган Павловиќ Латас, повторно вртат десетици илјади евра во трите недели колку што трае кампањата.
НИКОЈ НЕ ИЗВЕСТУВА ЗА ТРОШОЦИТЕ Партиите си скусија од годишното финансирање од буџетот од околу 4 на 1 милион евра. За ова кратење се договорија во предизборието. Во медиумите се создаде врева откако почнаа обвинувањата дека некои партии не биле солидарни и не сакале да се откажат од парите среде пандемија. Сепак, на крајот, со уредба на Владата, парите се намалија, но партиите не се откажаа од сите средства. Партиите добиват пари од државната каса по три основи: за годишното финансирање на редовните партиски активности, за нивните аналитичко-истражувачки центри и за изборните кампањи. Со исклучок на малите независни редакции, како Призма, речиси никој не известуваше за трошоците за време на КОВИД-изборите. Најголем дел, или повеќе од 80 проценти од парите за изборите, односно околу 3 милиони евра, се платија за партиското рекламирање.
За да разберете како и зошто граѓаните ги финансираат партиско медиумските непринципиелни коалиции погледнето го видеото:
Пари за пријатели и непрофесионалци, фактура за народот
Порталот Бриф и годинава, исто како и минатата, влезе во регистарот на ДИК за платена изборна политичка пропаганда. Според доставените фактури од претседателските избори, кај нив се рекламирала единствено кампањата на СДСМ и коалицијата со кандидатот Стево Пендаровски. Издавач на овој портал е фирмата „Бабински ДООЕЛ“, во сопственост на синот на поранешната советничка на екс премиерот Зоран Заев – Ленче Николовска. Таа беше и висок партиски функционер којшто ја водеше Комисијата за земјоделство во СДСМ.
Пред формално да влезе во политиката, таа работеше како новинар. Во 2008 година ја водеше политичката кампања на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, а од колегите беше критикувана и дека ја користи телевизијата за промоција на гледиштата на одредени политички центри на моќ. Во 2011 година формално влезе во политиката, но Бриф продолжи да функционира со нејзиниот син. За 20 дена лани зеле 137 илјади денари од кампањата на СДСМ.
МИЦКОВСКИ ЧЕСТИ, ГРАЃАНИТЕ ПЛАЌААТ Веб-сајтот Јавно.мк е познат во круговите на новинарите иритирани од нелојалната конкуренција и злоупотребата на медиумскиот простор за приватни и партиски војни наместо за јавниот интерес. Компанијата издавач е „Њу Медиа Адвертајзинг“, а сопственик е Даниел Јакимовски, истакнат партиски член на ВМРО ДПМНЕ од Крива Паланка и брат на Емил Јакимовски, висок партиски функционер, кој неодамна беше приведен и се гони кривично за онлајн вознемирување и закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска. Во високите политички кругови, Емил Јакимовси се сметаше за еден од важните луѓе кои ги спроведуваа партиските дигитални стратегии на ВМРО ДПМНЕ. Минатата година тие зелe 182,134 денари за реклами на Гордана Силјаноска. Ако се спореди нивната годишна финансиска сметка доставена во УЈП, излегува дека нивен единствен приход била фактурата испратена во ДИК за договор за рекламирање со ВМРО ДПМНЕ. И годинава фирмата „Њу медиа Авертајзинг“ се пријавила и влегла во регистарот на ДИК.
Ненад Фидановски, пак, е анонимен дури и за најревносните истражувачи на онлајн медиумите. Тој е сопственик на фирмата „Глобалнет“. Годинава зел 20.000 евра за кампања од ВМРО ДПМНЕ. Минатата година од истата партија добил 11.800 евра. Во фактурите како свои медиуми ги има наброено следниве: Индиго.мк, Среќа.мк, Виситскопје.мк, Екран.мк, Лејди.мк, Градина.мк и Бизнисвести.мк. Овие медиуми спаѓаат во таканаречените ’кликбејт медиуми‘ и не произведуваат оригинална содржина, односно немаат вистински редакции и новинари.
НЕЗАОБИКОЛИВИОТ ЛАТАС На Драган Павловиќ – Латас многумина му предвидоа лош крај по падот на Никола Груевски. Контроверзниот новинар и долгогодишен уредник на телевизијата Сител беше дел од сите валкани кампањи на минатата власт, управувајќи со најгледаната телевизија, која собираше и најмногу пари од владини реклами. Неговата компанија „Макс Медиа“ оваа година фактурирала речиси 12.000 евра за реклами на ВМРО ДПМНЕ за порталот Вечер.
„Трипле“ и „Лаб ДОО“ не се познати медиумски издавачи во земјава. И тие годинава се пријавиле во регистарот на ДИК. Фактура уште не доставиле, но минатата година зеле 1.200 евра. Со името на оваа компанија се сретнавме разгледувајќи ги извештаите од кампањите на ВМРО ДПМНЕ, кои се издавачи на сајтот www.iii.mk. Во 2019 година на претседателските избори биле финансирани од кампањата на Силјановска и ВМРО ДПМНЕ, а оваа година се пријавени во ДИК за користење државни средства од маркетинг услуги. „Трипле“ и „Лаб ДОО“, односно ИИИ.мк, воопошто не е комерцијален веб-сајт, туку страница на фирма којашто нуди одредени дизајнерски или софтверски услуги, а не е баш ни јасно кои се тие услуги.
(продолжува во следниот број)
Пишуваат: Маја Јовановска и Сашка Цветковска
Илустрации: Лука Блажев
Дополнително известување: Лила Караташева и Дајана Лазаревска
Оваа содржина ја изработи Истражувачката репортерска лабораторија во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата Само прашај, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје. Опремата во ова продолжение е на Глобус