По падот на Берлинскиот ѕид, Македонија била втора по развојот меѓу 16 држави од источна Еропа. Сега е последна. Остана оаза на жалопојки! На пат да не надмине, е и една бедна Молдавија! На нашето лудило помешано со инает му нема крај
МЕРСЕЛ БИЉАЛИ
Офицер од Гестапо го посетил студиото на Пикасо во Париз. Внимание му одзела една слика од страдања на деца, старци и болни од шпанската граѓанска војна поради германските бомбардирања. „Вие ли го насликавте ова“? – праша германскиот офицер. „Не јас, туку вие“ – одговорил Пикасо!
Aпропо таквата тажна анегдота, еден странец ми прераскажа една футуристичка црна приказна за Македонија. По сто години се реинкарнирал овдешен човек и страшно се зачудил кога видел и слушнал како овдешното население е од друга раса и зборува некој ориентален јазик! А некои дури и бугарски! Се изначудил човекот па веднаш дотрчал до една европска амбасада за да праша што се има случено! „Вие ли го направивте ова“?! – прашал нашинецот! „Не, туку вие“ – му одговори странецот. И продолжил – тука пред стотина години живееле едни народи кои се хранеле со лаги и заблуди, додека светот се движел напред. Биле меѓу првите во регионот, но стасале до последни. Се исселиле оти наместо да се посветат на економијата, тие станале робови на секакви предрасуди, инаети и стереотипи. Завршиле во колективна беда па морале сите да се исселат. Како што гледате тука сега има едни други народи кои многу напорно работат за да создадат нормален живот и здрава држава.
ШТО КЛЕТВА НЕ СЛЕДИ?! По падот на Берлинскиот ѕид, Македонија била втора по развојот меѓу 16 држави од источна Еропа. Сега е последна. Остана оаза на жалопојки! На пат да не надмине е и една бедна Молдавија! На нашето лудило помешано со инает му нема крај. Лудило е цело време да повторувате исти работи за да добиете поинкави резултати. Лудило е да го гасите огинот со бензин. Па затоа, секој ден гледаме навидум нормални фаци, кои користат ненормални зборови за да продуцираат нормални дела! Секој ден гледаме врвни мајстори за правење и продавање отрови од кои сите се труеме! Луѓето ќе се бугаризирале! Јазикот ќе се загубел. Идентитетот ќе исчезнел! Нешто што не успеело ниту 500 години под турско, кога најбрзо превозно средство биле магарињата, а ќе успеело денес со екраните во џеб! Денес младите имаат сосема други приоритети. Тие не сакаат мртвите да им диктираат како ќе живеат.Тие кубурите и камите одамно ги имаат заменети со ајфони!
Па затоа, нормалноста одамна е исселена од тука и продолжува да се исселува. Луѓето се сити од длабоки лаги на плитки умови што им создаваат плитки џебови. Сфатија дека тука и надежта е убиена. Па затоа бегаат на сите страни свесни дека насекаде ќе им биде подобро отколку во нивната татковина. Секој ден се помалце луѓе има тука, реалност што не може да ја покрие ниедна статистичка лага.
ВМРО РАБОТИ ЗА ДУИ! Главна мантра на ВМРО против својот опонент е дека ДУИ ја води државата! Дека кога тие ќе дојдат на власт, водството на таа партија ќе заврши во затвор. И најново сега, дека можат во широка коалиција ама без ДУИ, но дека после изборите гласачите ќе си кажале дали ДУИ ќе биде дел од власта. Изгледа ДУИ е родена под среќна звезда. Не случајно е толку долго на власт. Тие не треба ни кампања да прават за избори, оти наместо нив опонентите деноноќно работаат. Еднаш СДСМ, а сега ВМРО. Рај за ДУИ! Тешки милиони да фрлат не може да дојдат до ваква позиција! А потоа среќни и весели заедно ќе си наздравуваат за новата коалиција!
Што е уште поапсурдно, пораките што ВМРО ги праќа против ДУИ наликуваат на отровни стрели против Албанците. Во стилот и логиката „други станале газди во нашиот дом“. А тие „другите“ се туѓ непожелен елемент. Па затоа во ДУИ оправдано ги тријат рацете оти чекмеџето друг им го полни.
Се сретнале двајцата клучни политички актери на држаата во Клубот на пратениците и како да договорија нешто. Но, не помина ниту 24 часа за да слушнеме дека не биле договорени како што се договорија. Веројатно на едните што голата власт им значи повеќе од воздухот останале без здив од страв дека долгата лага ќе им биде убиена! Уште еднаш се докажа дека кај нас изгледа зборот не вреди пет пари. Рака на срце, најтешко е да си шеф на опозицијата, оти гладни грла за власт жив ќе те распарчат ако си кажал нешто нормално, оти мора кажаното да биде толку ненормално за да изгледа сосема нормално.
Стравот кај нив е опрадан оти јавноста тука веќе подолг период е навикната да и пречи нормалноста, да ја мрази вистината, да ја презира правдата, да не мисли на прогресот. Низ години живееме само од лелекања и драматизирања. Го драматизиравме првиот устав, локалната општинска поделба, образованието на мајчин јазик, Охридскиот договор, Преспанскиот договор, пописите и конечно договорот со Бугарија! Па кој нормален сега може да не смета за нормални?! И кога се нуди мед и млеко, тука се доживува како лук и вода!
Деновиве дознавме дека најголемата европска сила во координација со најголемата светска сила се спрема да прави тоа што никогаш порано го нема направено, па пак некои усти – „Па ние немаме проблем со Германија“. Тука и Севишниот да гарантира, пак некој ќе рече – „Па ние немаме проблем со Господ“!
ИМА ЛИ ЧАРЕ! Чарето е во тоа да го правиме тоа што не го правиме и обратно. Да ги изведеме уставните измени пред крајот на скринингот, и да почнеме со првиот кластер. Која знае да чита, нашата јасна гаранција – ние суштински навлегуваме и преговорите се тоа, што децидно се наведува во преговарачката рамка. Таму пишува дека со усвојувањето на уставните измени добиваме автоматски втора меѓувладина конференција. Поинаку, наскоро ќе не условува секоја соседна држава кои за седум години ќе стаса во Брисел. А ние ќе продолжиме кон Либан или Авганистан. Или пак што е многу повозможно тие ќе ни дојдат тука. А ние сите ќе отидеме во Европа, ама поединечно.
Треба да се користи последниот воз додека се води војна во нашата близина. Ако ни замине и овој воз, другиот не се знае дали воопште ќе дојде. Среќа е што приемот на западен Балкан во ЕУ стана безбедносно и геополитичко прашање. Штом тоа заврши ние ќе бидеме заборавени. Ваква состојба сигурно дека веќе нема да се повтори, а со тоа ниту нашата шанса. По некој долг период пак ќе дојде некоја друга шанса за Македонија, ама таа ќе биде за други луѓе и народи кои ќе живеат во неа. Конечно треба да престанеме да се гледаме како таа луда мачка по име Херкулес, која пред илузорните огледала мислеше дека е силен тигар.