Новата партиска програма на ДУИ засега е само имитација на лекција која во светот е стара најмалку 60 години. Јасно, таа е и резултат на испитувања на јавното мислење кое веројатно покажало дека програмите базирани на одбрана на националните програми не може веќе да ги полни избирачките кутии. Новите генерации си заминуваат вон земјата токму затоа што не можат веќе да ги истрпат говорите на таквите застарени и истрошени знаменосци
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Нема сомнение дека во штабот во Мала Речица одлучиле својот 19-годишен роденден да си го самочеститаат со тоа што покрај тоа што ќе се нарекуваат лева партија (!), тие да станат и зелена партија. Бидејќи, лидерот на партијата својот саботен говор го замислува како „обраќање на народот“ излегува дека промената на политичката програма е некаква форма на октроирана волја, практично во стилот ако ние ја менуваме свеста – менувајте ја и вие.
„Зелената агенда станува дел од ДУИ, истакнувајќи дека тој и неговите соработници веќе се фокусираат целосно на квалитетот на животот, условите за живот, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и животна средина… Младите бараат услови за живот како нивните врсници на запад, работни места како и модерна животна средина, рече Ахмети, а на почетокот од своето обраќање, присутните ги поздрави на македонски јазик.
Иако од овој дел на говорот се гледа дека тој се обраќа на избирачкиот сегмент кој го губи (младата средна класа), иднината на секое општество, која секаде во либералната деморкатија се смета за централна и еманципирана цел, тој ова политичко салто мортале го преврте на грб и го објасни во стилот „постигнавме се, се концентрираме на нови цели“. Има и такви коментатори кои тврдат дека еколошката мутација на Ахмети сака да ги порази екологистите од НВО-ата во албанскиот кампус кои му стануваат главни непријатели во неговиот кампус!
„Воспоставивме еднаквост преку целосна имплементација на Охридскиот мировен договор, легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност, интеграција во НАТО, добивањето зелено светло за членство во ЕУ, заедно со многу други предности на нашите граѓани”, рече Ахмети.
Факт е дека Ахмети одржа лекција за улогата на пропагандата во политиката со најавата за нешто големо што треба да се случи во земјава, што предизвика лавина од предвидувања (како избор за градоначалник на Скопје – Албанец) и тоа пак како одраз стана тензија која апсолутно ја потресе политичката сцена до момент на вриење на експрес лонец. Ова го натера премиерот Заев, коалиционен партнер на ДУИ да „голтне кокошја нога“, што би рекол народот, и да каже дека знае за што се работи, ама тоа не е заради името на идниот кандидат за градоначалник за Скопје! Реално, најавата најдобро ја претстави градоначалникот на Струга – Мерко, еден ептен валкан играч на политичкиот ринг, кој истакна пред камерите дека – да поедноставиме – ќе стане добар, како да е тоа врзано за некаква механика, вртење на сијалицата во нејзиното лежиште, на пример.
Зелената агенда на Ахмети има директна врска со локалните избори и тоа сите го забележаа. Посебно заради катастрофалните резултати на многу места каде ДУИ има свои градоначалници. Втората приказна е врзана за фактот дека домашната политичка прагма многу доцни зад светските текови. Треба ли да потсетиме дека еден Јошка Фишер, претставник на зелените во Европа многу влијаеше на собитијата во Германија, како дел од кабинетите на поглемите партии. Всушност, како што се вели во еден од учебниците по социологија од Филозофскиот факултет во Загреб Бранка Галиќ, односот кон природата станала „политичко прашање“ во 60-тите години на минатиот век, кога конвенционалните политички институции не беа особено приемчиви за еколошките проблеми, Во орбитата на новите теми тие прашања ги донесуваат невладините движења. За нив сочувањето на природата еднакво важно на прашањата на стандардот кога се говори за квалитетот на живеењето. Со поттикнување на нивото на еколошка свест во јавната сфера, тие НВО влијаеја и на унапредување на таа свест во рамките на разни научни дисциплини. Како последица на интердисциплинарните, поврзувачки еколошки прашања, поставени од социјални научници за односите меѓу човечкото општество во био-културно-политичкиот комплекс, се појави дисциплината политичка екологија, која всушност само го продолжува интердисциплинарниот развој на заедничките основи каде сите овие различни дисциплини – култура, политика, економија, екологија и биологија – се сечат.
Верувајќи во надминување на одделните димензии на повеќе животни структури, како што се екологијата и политиката, политичката екологија се обидува да оживее холистички пристап кон мислата и делувањето преку промовирање на нова еколошка политичка култура заснована на откритијата на физичките науки од првото полувреме на 20 век. Овој концепт на екологија подразбира воведување на комплетно нови димензии во политичката култура на кои општеството ќе треба да одговори со поинаква структура на влијанието на политичката и социјалната моќ
Истражувањата на науката покажуваат колку е значајно поврзувањето на прашањата од екологијата и од стандардот, кои се испреплетуваат посебно кај посромашните земји (ние не сме далеку од нив!). Изградбата на националните паркови во Африка доенсе туристи, но генерално ја намали можноста земјоделците и сточарите да се самоиздржуваат. И обратно – претераното кортсење на земјштето доведе до осиромашување на нејзиниот квалитет и послаб род, практика која своевремено довела и до масовно селење на народите (како што се Словените).
Тие парадокси не се едноставни за совладување, па ДУИ, ако срриозно започне да се бави со тие и такви проблеми, ќе мора да најде нови и образовани кадри, а не само да напишер програма на хартија.