ВМРО би можело да го искористи референдумот за да ја избегне судбината на слични партии кои го промашија историскиот момент.
ОЛИВЕР БРАНКОВИЌ
Влезот во НАТО е круна во зачувувањето и изградбата на сопствената државност и го забрзува патот на Македонија кон ЕУ, а ВМРО може да го искористи референдумот за да ја избегне судбината на сличните партии кои го промашија историскиот момент, смета Душан Јањиќ во интервју за МИА. Јањиќ, оснoвач и претседател на Форумот за етнички односи во Белград, важи за еден од најпознатите српски аналитичари, кој своите впечатливи ставови и видувања за разни политички аспекти редовно ги изнесува во највлијателните медиуми и дебатни собири во Србија.
МИА во Белград разговараше Јањиќ за престојниот референдум во Македонија, договорот со Грција и зачленувањето во НАТО и ЕУ, како и за неговото значење за регионот. Тој смета дека не може да се зборува дека влезот на Македонија во НАТО ќе има негативен ефект врз Србија, но „може да се говори за тоа дека се намалува просторот за манипулација на проруските и протурските политичари во Србија, на Косово и во БиХ.“
Господине Јањиќ, во Македонија на 30 септември ќе се одржи референдум што е поврзан со зачленувањето во НАТО и ЕУ, со промена на името, согласно договорот со Грција?
– Треба да констатираме дека самиот факт што се оди на референдум со кој ќе се донесат низа одлуки со кои ќе се потврди или отфрли клучното решение околу името, ни говори дека Македонија е на патот на стабилизација. Сите оние очекувања, реалните закани дека Македонија ќе се заглави во некои 10 до 15 години на политички и социјални судири-не се остварија. И тоа е многу важно.
Од гледната точка на политиката, бидејќи се надминува една блокада, која објективно трае од 2001 година, од оној момент кога Кина суштински ја казни Македонија поради обидот на тогашната Влада да го признае Тајван, од тогаш директно или индиректно Македонија ја следат проблеми. Имаше по некоја добра вест, па статус на кандидат, па отварање на преговори, па застој… Објективно целиот проблем беше во 2001-2002 година со обидот на Кина и на Русија да ги исфрлат НАТО трупите од Македонија, што беше и најава за вооружените судири со УЧК во регионот…така да се висеше на конец. Мене многу ми е драго што може да констатираме дека со исклучок на 2001 година Македонија не ги губеше своите луѓе во војни и во етничките судири и што секогаш изнаоѓаше начини да остане на ниво на политиката и на договорот. Мислам дека тоа ќе се потврди и на референдумот.
Околу излезеноста на референдумот. Тоа е работа на мотивација на самите партии и на граѓаните. Што се однесува до граѓаните, без сомнение дека тие сакаат мир, стабилност, дека сакаат да живеат подобро. Сепак во нашата перцепција Западот го презентира тоа најдоброто. Знаете, можеби некој ќе ја сака Турција, некој ќе ја сака Русија, меѓутоа во современото доба луѓето бегаат на Запад по работа и по подобар живот. А кога ќе влезе Македонија во тој клуб на ЕУ и на НАТО, тоа ќе значи и дека граѓаните помалку ќе бегаат од себе-кон себе. Тоа печалбарство, кое ги следи Македонците и Македонија секако дека ќе се намали.
Знаете, едно е кога Вие патувате како рамноправен член на држава која е во ЕУ и статусно и според платите, а друго е кога патувате од некоја земја од периферијата на земјите од трета категорија, како што се сегашните балкански земји.
Тоа е прво, а второ е НАТО. Македонија веќе ја доби поканата за НАТО и затоа е важен резултатот од референдумот, за целата процедура да се приведе до крај. Влезот во НАТО значи влез во еден поширок систем на стабилност. Ако се земе примерот со приемот во НАТО на „една мала“ Црна Гора, која е прва држава која е формирана во 19 век на Балканот, уште пред Србија да стане држава, тогаш можете да видите што ова значи за Македонија која дури сега се бори да ја заврши својата државност. Влезот во НАТО е круна во зачувувањето и изградбата на сопствената државност.
Делува апсурдно на прв поглед, доколку ја пратите кампањата на ВМРО, што тие мислат дека се губи нешто. Да изгубите нешто што сте немале – е невозможно. Може само да се добие. Успева само широк систем кој подразбира владеење на правото и помалку корупција и кражби,кој подразбира внатрешна стабилност со која успешно се справувате со ризици од типот на тероризам, временски непогоди и сл. Но, најважно од се е тоа што влезот во НАТО го забрзува патот на Македонија кон ЕУ.
Го спомнавте ВМРО-ДПМНЕ, кое се уште го нема изнесено ставот за референдумот. Во Македонија има опструкции и повици на бојкот за престојниот референдум?
– Прво, треба да се прави разлика од она историско ВМРО со ова сегашно ВМРО, бидејќи историското ВМРО имаше важна улога во градењето на свеста за национален идентитет и во борбата за државност. Но, тоа не е овој современ ВМРО-ДПМНЕ, кој преку каналите на приватизацијата, корупцијата и големото влијание на турските пари и на чудната комбинација на руско-кипарските пари, упадна во една вид економски колонијализам, кон непознати сопственици.
Второ, јас не им го опорувам правото да се борат и мислам дека тие ќе направат се што е во нивна можност, да ги повикааат своите избирачи…И тука е проблемот. Проблемот е во тоа што тие немаат одлучено за која опција ќе ги повикаат избирачите. Ако ги повикаат на бојкот, а за референдум се доволни 51 отсто излезеност, јас мислам дека ќе има излезеност, верувам дека тоа ќе биде нивен потполен пораз. Ако ги повикаат граѓаните да излезат на референдум и да гласат против, тие тогаш ќе ја засилат власта во победата на еферендумот. Значи ВМРО има многу компликувана состојба, во која било кој потег да го повлечат-немаат добра приказна. Јас лично не верувам дека ВМРО може да ја урне приказната за референдумот. Но, дали тие ќе го искористат овој период да се престават како алтернатива, навистина не знам.
Вие не можете повеќе себе си да се ставате вон контексот на НАТО и ЕУ. Вие не можете повеќе да зборувате за Русија, Турција или било кој. Дали ВМРО сето ова ќе го искористи за една излезна стратегија, да се престави во смисол дека „ние да ја водевме државата, нема вака ефтино да влеземе, ние ќе бевме вистински државотворци….“.?
Не е невозможно, доколку имаат мудрост, оваа кампања да ја искористат и да се приближат кон она прво или историско ВМРО. Знаете, во политиката властите се менуваат, претседателите, премиерите траат одреден период и ВМРО би можело да го искористи референдумот за да ја избегне судбината на слични партии кои го промашија историскиот момент.
А, за ВМРО да успее мислам дека ќе мора многу побрзо да се ослободи од руското влијание, отколку што тоа реално го прави, бидејќи Русите и руската врска нив ги третираат, го цитирам оригиналот од Москва -„како слепо црево на четвртата линија на федералната руска служба.“
Русите нема да се борат за нив, како што не се бореа до крај ниту во Црна Гора, а и нема причини да се борат. Но, од друга страна на Русија и одговара да има силен партнер во НАТО, да има проруски партии и групи. Затоа мислам дека ВМРО ќе оди пред се во кампања да се докаже дека се подобри кога се на власт, дека ќе бидат „цврсти партнери“ на НАТО. Тие повеќе би требало да се престават како ЕУ и НАТО скептици, отколку како Антинато и Антиевропска партија. Доколку се решат за друга опција, тоа ќе биде крај на една убава приказна, на она ВМРО од деведесетите години.
Какво е значењето за регионот и кој ќе биде ефектот од одржувањето на референдумот што произлезе од Договорот со Грција, за членство во НАТО и во ЕУ?
– Ефектот е веќе јасен со постигнувањето на деблокирачкиот договор со Грција, кога стана јасно дека регионот тргна во правец на евроатлатските интеграции. Тоа се совпадна со договорот за Сирија и договорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за Грузија, со кој таа не доби виза за влез во НАТО, но затоа Западниот Балкан доби виза за влез во Алијансата. И ова е додатен фактор. Така да сега ја имаме Црна Гора во НАТО, брзото зачленување на Македонија во НАТО, решавањето на прашањето за безбедност на Косово, вклучувајќи го создавањето војска…тоа е една серија на потези од година до година пол дена, кои де факто ќе го прекршат и мислењето на јавноста во Србија во правец на нејзина ориентација кон НАТО. Но, тука постојат ризици затоа што од Македонија тие сега се селат во центарот на кризата, во Србија. Ризикот за српската власт е сличен со ризикот на ВМРО. Доколку српската власт се однесува како Антинато и Антиевропска, тогаш ќе загуби, како кај своите граѓани-така и кај своите партнери.
Доколку Србија се задржи на руската приказна, а реков веќе дека постои договор по повод Сирија што има импликации врз Балканот, тогаш српските власти се во голем ризик да бидат продадени. На пример, Русија во нивно име на НАТО да им го продаде аеродромот во Ниш, како што ја продаде Слатина кај Приштина. Со тоа српските власти и партии ќе бидат претставени како „опушок од турско луле, отфрлена количина на непотребен тутун.“ И тука е сега таа драма. Ние веќе ги гледаме првите ефекти на политичката криза. Приказната за поделбата и разграничувањето е руска приказна, а помалку и турска, кога е во прашање Санџак. Нејзиното форсирање од страна на Александар Вучиќ и на Хашим Тачи има два елемента. Едниот е да се покаже дека „еве се боревме, ама не можеме“, а вториот е да се направи некој излез од сето ова. Значи, не може да се говори за негативниот ефект од влезот на Македонија во НАТО по Србија, но може да се говори за тоа дека се намалува просторот за манипулација на проруските и протурските политичари во Србија, на Косово и во БиХ.
Зошто го велам ова? Затоа што балканските политичари се принудени да работат на кус рок. Турција на Ердоган не може да го напушти НАТО, бидејќи тогаш нема повеќе да егзистира Ердоган. Но од друга страна, ердогановата Турција сака да го употреби членството во НАТО за да остане во лична сопственост на Ердоган. И тука е проблемот кој ќе трае еден период од две-три години, во кој се доведува во прашање опстанокот на Ердоган. Јас очекувам да имаме помалку проблеми, отколку што ги имавме. Ќе има повеќе тероризам отколку што имавме порано, но и повеќе притисок од Турција врз мигрантите отколку што имавме порано. Но, во суштина некоја поголема дестабилизација нема да има, бидејќи ширењето на НАТО значи дека таа евентуална дестабилизација ќе прерасне во внатрешен проблем на НАТО, кој тие нема да го трпат. Имаат механизми и знаење, имаат техничка помош и ресурси како тоа да го решат.
Еве на пример оној трагичен грд “циркус“ во Куманово на употребата на т.н. тероризам против сопствениот народ и јавноста, таа драма не би можела да се случи. Доколку ова се случеше во една НАТО земја, нејзините организатори одамна би биле осудени, ако ништо друго поради тоа што ги имаат убиено своите платеници. Тоа во НАТО не се дозволува. НАТО земјите се уредени држави кои се грижат за безбедноста. НАТО не дозволува употреба на платеници за тероризирање на сопствениот народ за да ги ликвидираат потоа.
Тоа е и еден од мотивите, не само во Македонија, бидејќи ние тоа го имаме со убиството на Оливер Ивановиќ, зошто многумина се заинтересирани нивните држави никогаш да не влезат во НАТО, бидејќи таму постои владеење на правото. Знаете, не може јавно да се излезе и да се каже „ја барам подршката на НАТО и го кревам народот против НАТО, за да не одговарам за ликвидација на терористи, кои јас ги имам платено“. Тоа е невозможно.
И да завршам. Потребна е жестока кампања за зачленувањето во НАТО, нешто како што го направи Словенија…На Македонија жестоката дискусија не би требало да и оди на штета, особено доколку се тргне во правец на размислување за сегашниот државен и национален интерес.
Сето ова е овозможено со историскиот договор меѓу Македонија и Грција. И Грција со него го решава својот проблем. Договорот не е едностран, ниту пак Грција има попуштено. Напротив. Со оглед на состојбата во која се најдоа, Грците беа премногу препотентни и премногу ја злоупотребаваа долгогодишна блокада кон Македонија. Тие не беа фер соседи. Така да добро е што со договорот проблемот се делбокира. Тој можеби и можеше да биде многу поедноставен со кој многу помалку материјал би и се дал на опозицијата, отколку што е случај со овој договор, но и тој е добар поради атмосферата на оптовареност на Грција со минатото и егзистирањето на националистичката демократија кај нив.
Ова би го објаснил со приемерот кој порано ми го кажа Јоргос Папандреу помладиот, за тоа дека Воислав Шешељ да живееше во Грција, со своето препознатливо шовинистичко дејствување, за разлика од останатите грчки политичари, тој би важел за еден „умерен политичар“. Грчката јавност е премногу фрустрирана со хеленското минато и со грчко-турскиот судир, поради што таму владе еден вид на националистичка демократија и зато не може да им префрлите што се согласија на ваков договор, бидејќи и овој договор предизвика жестоки отпори на десницата, а во Грција се уште има реална опасност од монархо-фашистичкото движење.
А во Македонија, етничките заедници ја најдоа формулата, која е формула на мирот, така да сигурен сум дека луѓето така и ќе гласаат на референдумот.
(миа)