На неодамна одржаната он лајн трибина за имунизацијата од страна на лекарската комора, свое излагање имаше и д-р Александра Грозданова. Најцитиран дел од тоа излагање е секако сознанието дека досега немало ниту еден случај на животозагрозувачка реакција како последица на вакцините против ковид-19 во нашата земја. При тоа се повикува на МАЛМЕД, Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД),.
„Вакцините се ефективни во спречување на хоспитализација и тешка форма на болест и по појавата на Делта сојот, но може да бидат помалку ефикасни во спречување на инфекција или развивање на поблаги симптоматски заболувања. Причините за помала ефикасност најверојатно вклучуваат опаѓање на имунитет со текот на времето, појавата на Делта варијанта и различниот одговор за повозрасната популација и имунокомпромитираните пациенти. Несаканите сериозни реакции се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД не сме имале ниту еден случај на животoзагрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против Ковид-19 е на високо ниво“, вели Грозданова.
Понатаму, таа кажа дека комбинирањето на вакцините дава можен поширок имунолошки одговор.
„Во однос на комбинирање на вакцините кое се јавува како прашање и од аспект на безбедност и на ефикасност, давањето на различна прва во однос на втора доза или различна буст доза дава можен поширок имунолошки одговор и појак бустер ефект. Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на Астра Зенека и Фајзер, комбинирање на Астра Зенека со Спутник, како и комбинација на Фајзер со Џонсон и Џонсон. Вакви искуства веќе имаат и Канада, Франција, Данска, Норвешка, Данска, Шведска кои заради забраната за давање на Астра Зенека на помлади, по примена прва доза од оваа вакцина како втора даваа Фајзер или Модерна“, вели таа.
Заради падот на ефективноста на вакцините се даваат препораки за бустирање на имунолошкиот одговор со трета доза на вакцина. Националната комисија за имунизација препорача вакцинација со трета доза на вакцина кај ризични групи: здравствени работници, независно од возраста, пациенти на дијализа, трансплантирани пациенти и имунокомпромитирани, лица над 60 години. Вакцинацијата со трета доза се спроведува со вакцините на „Фајзер“, после поминати 6 месеци од примањето на втората доза.
Во земјава во мигот доста стагнира бројот на лица кои се вакцинираат со некоја од достапните вакцини. Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.162 дози вакцини, од кои 994 се аплицирани како прва доза, 3.114 се ревакцинирани, а 54 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 30 септември вкупно се вакцинирани 788.058 граѓани, ревакцинирани се 729.794, а трета доза примиле 235 граѓани. 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирании, а 32% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација, е 47,2% , а со две дози опфатени се 43,6% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со КОВИД-19, во период од 06 август заклучно со 30 септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 06.08 до 30.09.2021 на територија на државата 35.531 граѓанин од тестираните, се позитивни на КОВИД-19, од нив 23% биле целосно вакцинирани, односно 8.233 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со КОВИД-19. Според статистика за изминативе недели, 27.298, граѓани, односно 77% од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79%, додека само 21% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 30.09.2021 на територија на државата починале 1162 лица со КОВИД-19, 987 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 15% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.