БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Скопскиот џез фестивал е место на кое луѓето полесно можат да разберат дека загадената политика, загадените медиуми и загадената култура, не се достојни на вниманието со кое ги опсипуваме.
Џез фестивалот се одржува во исто време со ЕУ самитот од кој очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската унија. Од Тулуз стигнаа обесхрабрувачки вести, но од Скопје вестите се супер.
Белопета, Шурбе и малата екипа што со децении се се занимава со организацијата на овој фестивал, годинава ќе ни овозможат најмалку три работи: првата е, се разбира, врвната музика, ексклузивната селекција на најдоброто од светот на џезот, второ, со тоа богатство ќе ни овозможат да се потсетиме дека во некои области ние интензивно ги живееме европските и светски стандарди и трето, ќе ни овозможат најблагородно можно олабавување на жестоките напрегнатости во врска со фамозниот датум. И не само со датумот, Скопскиот џез фестивал е место на кое луѓето полесно можат да разберат дека загадената политика, загадените медиуми и загадената култура, не се достојни на вниманието со кое ги опсипуваме.
Почетокот е утре со двајца познати гитаристи од САД, Дејвид Торн и Фред Фрит Трио. Торн важи за еден од најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во изминатите 40 години, а Фред Фрит е иноватор, композитор и импровизатор со неговото трио. Втората вечер гостуваат два квартети, прво грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос, а потоа и Ануар Браем кој се смета за волшебник на инструментот ут.
“Art Ensemble of Chicago“, третата фестивалска вечер, ќе го одбележи педесет годишниот јубилеј на ЕЦМ рекордс. Истата вечер, настапува и норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание.
На последниот фестивалски ден, 20 октомври, ќе настапи најпоетичниот пијанист на денешницата норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.
Ќе има и низа пропратни манифестации.
Не е лошо и годинава да се потсетиме дека инфраструктурата, од сали, до опрема, е многу под нивото на програмата.