Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДA СЕ ПРОЖДЕРЕ ИЛИ ДА СЕ СТАНЕ

November 12, 2025 Filed Under: Колумни

EМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

Како да дошло времето да се одговара на прашањето на Ерих Фром: Да се има или да се биде? Да се прождре сѐ дури се може, или да биднеме заедно нешто?

Морам прво да објаснам овде, поттикната од интересното прашање на Ацо Лукароски, за кој назив да се употребува за секојдневна употреба кога ја референцираме ВМРО-ДПМНЕ (9 букви, многу нефлуентни согласки).

Додека ја референцираме како партија, треба да сме свесни дека зборуваме и за специфична општествена појава, матрица од непишани постулати и – локална мрежа која секој временски интервал го користи за продолжување на својот живот во следниот временски интервал. Дека се општествени појави важи, всушност, и за СДСМ, ЛДП и ЛП, но само во ограничено времетраење како субјекти, бидејќи играта на секвенционално продолжување на животот како субјекти е некомпатибилна со моралниот универзализам на кој овие се (или беа) базирани според вредностите.

Мора да се признае дека е супер-тешко секвенционално да се продолжува сопственото постоење кога си уверен дека неограниченото постоење природно ти следува и добро знаеш дека тоа уверување не може да е погрешно, но затоа, пак, иако либералните се сведени на минорни субјекти, сепак се знае што значат нивните кратенки. За социјалдемократскиот, преку СДСМ, за кој денес сите се секираат или квазисекираат што и тој субјект почна да се намалува, исто така точно се знае што е „социјал” (можеби не е јасно толку „демократски”, оти сите партии си го вметнуваат тоа во називот). За ВМРО-ДПМНЕ, пак, сѐ е лажно или контрадикторно во називот, ем е О, ем е П, а и ем е Р, ем е Д, па уште и Е згора на тоа, а М се повторува небаре е можно едното да не е М, итн. Суштински, ништо не е од тоа, па иако изгледа дека со тоа натаму се шири измамата, во недостаток на друг, чесен назив, ќе го викам субјектот „вмро” сосе изведената придавка и множина.

Деновиве ги презрев плачките – од кога сме биле кандидати за членство, па ЕУ е виновна, неправедна, ни прави повеќе пречки отколку на другите, нас нѐ шутка, другите ги фаворизира пред нас, а ние сме биле пред нив… Па, на вмровци не им паѓа на памет да работат на владеење на правото, на ефективна администрација или транспарентно тендерисување. Овие „работи”, најнеправилно можно сработени се храна за стадото, од оној тип – ден за ден, лепче. Небитни се критериуми, мерити, правда, фер, а скраја транспарентно или по ред. Секогаш има нови души на кои не им пречи да се туркаат во општеството, слично како туркањето да се влезе во автобус, само што ова не се гледа со очи, туку се открива и дознава. Исто е во принцип: Мрежата на вмро е дословно – турканица во мрежата, со илузија дека се добива нешто повеќе од меритот. Некои, да, добиваат и повеќе, но повеќето пресметуваат дека и помалку им е ок, оти нема да бидат на ачик.

Она што не е храна туку има смисла на живот или „живеалиште” за оваа мрежа е нерешавањето на целокупната национална ориентација кон некој поголем сојуз. Не се вмровците толку залулкани во својата припадност во своја локална мрежа, туку, намерно ја конфронтираат таа локална вмровска мрежа со секаква друга ориентација, а дури и агресија кон другите локални вмрежувања ориентирани поопределено кон голема мрежа, од нив.

Тоа е така бидејќи прво го избегнуваат тоа што националната припадност кон поголема мрежа би ги детронизирала олигархиските и политичките темиња на вмровската мрежа, а второ, добиваат продолжеток на животот како мрежа, со бесконечно продолжување на националната неповрзаност (дезориентација) кон поголем сојуз, тежнеејќи да останат отворени стратегиски прашања додека вмровските политички темиња божем се мачат, трудат и борат да ги затворат, а всушност тоа не доаѓа предвид ниту за олигархиските мрежни темиња, камоли за политичките како нивни компањони и слуги. Но, ете, пропагираат дека сѐ надвор од таа вмровска мрежа е така страно, небезбедно, ризично, поарно натуркајте се во вмро, во пештерче, настискани, топличко, не на ачик и надвор.

Во меѓувреме, вмровските мрежни политички темиња сервираат плачки-рички на нацијата, а вмровската мрежа светнува од задоволство колку е среќна какви „јаки бранители” на националната гордост има, агресивно претендирајќи така за национална мрежа. Но, не е и никогаш нема да биде национална, не за инает, туку затоа што таа мрежа не може, а натаму уште помалку ќе може да го свари парадоксот на идентитетот кој го наметнува и јаде во исто време. Мислам, парадоксот, вака глаголски, е евидентен, но прво да видиме конкретно, а потоа да ја видиме индукцијата.

Во најконкретна форма моментално парадоксот се изразува како безобразна измама, како што сведочиме: Вмро е преплавено со бугарски пасоши, но, ваму, никако „Бугарите во уставот”. Сепак, ако ги споредиме овие две, навидум спротивни работи подетално, ќе видиме дека се тотално конгруентни: „Бугарите во уставот” е фалш, недоречена фраза, таа е спротивна на значењето што го зрачи бидејќи, додавање на било кое малцинство во делот за малцинствата во Уставот автоматски превенира тоа да нема висечки статус за конститутивно. Конститутивниот дел има само едно поле, а тоа е македонскиот народ. Но, интересот на вмро е друг народ (порано албанскиот, сега бугарскиот) да виси за добивање дефинитивен слот во нашиот устав. Никако не смее, според нивните потреби, тоа прашање да се затвори, оти ќе снема лепче за секого од целата вмровска мрежа, па таа, како оригинално само локална, ќе мора да се прибере, никогаш повеќе да не си ја пружа чергата да се преправа или, чувај боже, чесно да претендира за национална мрежа.

Ако се допише бугарското малцинство кај малцинствата, готово, вмро го изгубило фрижидерчето, пештерчето, не затоа што не одбранила национален интерес, туку затоа што затворила прашање што ја држело во живот. Бугарскиот пасош, пак, е посебен ЕУ-вип третман за себе, во туркачките принципи на вмровската мрежа, односно, можен е само ако претходно знаеш дека веќе си измамник по националност, а си, со припадноста на вмровската мрежа, која, да повториме, ја негува олигархијата за да се исхрани како мрежа, а ја јаде нацијата со незатварање на нејзините егзистенцијално важни прашања.

За затварање национални прашања досега СДСМ била главна, не секогаш и единствена мрежа (порано заедно со ЛДП и ЛП) кои во своите принципи задолжително имаа социјалност како колективотворен капацитет кој најблиску може вистински (не со измама) да се приближи до форма на национална мрежа, а либералноста беше присутна колку да ги амортизира апсолутистичките алчности (од вид националистички како антиалбански, антибугарски, антигрчки, антиевропски, но и продиктаторски) во плурализмот, парадоксално, колевката на вмровската мрежа.

За жал, организираната либералност е одамна апсорбирана од вмровската мрежа и во неа можеме да ја видиме таа апсорпција како мутација во контрапункт на либералноста. Но не во илибералност, туку во ослободување од одговорноста за нацијата, ослободување за измама, ослободување на моралниот релативизам на краткоста на „моето” време.

И тука, во секој нареден временски интервал, парадоксот на идентитетот од и на вмровската мрежа прави сѐ поголеми дупки во неа, бидејќи идентитетот не може да е идентитет без морален универзализам. Имено, како нескриено се радуваа кога вмровската морална матрица се спојуваше со мага-матрицата од голема, важна нација, самоуверувајќи се дека моралниот релативизам на кој тие матрици се базирани, е универзален! Поточно – универзалниот. Како да си применува третман со заборав – дека е локална мрежа и дека мами во простирањето за национална, па „верувајќи во себе” може и ќе стане национална.

Но, прождрливоста е ентропична, па во консумацијата на националното ткиво заедно со претензијата за национална ширина вмровската мрежа неизбежно си остава празнини, невозможни вакууми за сопствената матрица од „вредности”. Затоа секогаш ќе се јавуваат велфер социјалистички или социјалдемократски „сингуларитети” кои природно, базно ги преплавуваат овие растргнатини. Но, не само тоа. Ако овие навистина се социјал-ориентирани, тогаш дисконтните коефициенти од лагите и големата национална измама во вмровската мрежа не можат да пораснат назад и да ѝ го вратат стариот еластицитет само со верувања на сопствената измама.

Оставам дека е можно некои стари стратези да ги создале овие два баланси – социјал-либералната за конструкција, преземливост и затварање на прашањата по националните стратегиски интереси, додека вмро е замислен како репелент (или „бубакил”) на надворешни влијанија. Наместо таа замисла за вмро, добивме чудовиште што прождира сѐ, го зафаќа просторот што го прождрел и пука по шевови додека и само себе се консумира, а наместо страната со „социјал” во името, дел по дел мутира во филијала на чудовиштево.

Но, за последново, иако чудовишната мрежа ликува, не значи дека социјалдемократијата, социјализмот, социјалистичноста и социјал-либералноста се слаби, дека ги нема или се невозможни. Обратно е, поконкретно, обратно станува. Идентитетите поединечно стануваат колективни на колективен природен социјален идеал како солидарноста, комуналноста, свеста за заедничките ресурси, а квазиидентитетите базирани на моралниот релативизам за сеопшта консумација на сѐ што може во ограниченоста на сопствениот живот – стануваат сѐ погорчливи. Сѐ се гледа, сѐ се снима, сѐ се проценува со нормалниот универзален морал, и покрај паралелните фрејмови и спинови на вмровската мрежа. И кој мисли да се ослови со велфер и социјал-, нека гледа да не испари под таа скрутина.

Како да дошло времето да се одговара на прашањето на Ерих Фром: Да се има или да се биде? Да се прождре сѐ дури се може, или да биднеме заедно нешто?

(Текстот е објавен на Фејсбук профилто на авторката)

Filed Under: Колумни

ПЕНДАРОВСКИ: НИТУ ЕДНА ЗЕМЈА ШТО СЕ ЗАТВОРИЛА НЕ СТАНАЛА ГОЛЕМА, ИЗОЛАЦИЈАТА НЕ Е ДОБРА
ГРАЃАНИТЕ НА КОЧАНИ ПРОТЕСТИРААТ СО МОЛК, ДРЖАВАТА ГИ ОДАНОЧУВА ДОНАЦИИТЕ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА ЖРТВИТЕ ОД ПОЖАРОТ!
ДОМИНО ЕФЕКТОТ НА ИЗРАЕЛСКАТА ВОЕНА СТРАТЕГИЈА
СТАРТУВАШЕ АНИМИРАНАТА СЕРИЈА „БУКВОЖДЕР“ – НАСЛЕДНИК НА „БУШАВАТА АЗБУКА“
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (152): ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО „ЗОНАТА НА СМРТТА“ КАЈ ПОКРОВСК

Најново

  • ПЕНДАРОВСКИ: НИТУ ЕДНА ЗЕМЈА ШТО СЕ ЗАТВОРИЛА НЕ СТАНАЛА ГОЛЕМА, ИЗОЛАЦИЈАТА НЕ Е ДОБРА
  • ГРАЃАНИТЕ НА КОЧАНИ ПРОТЕСТИРААТ СО МОЛК, ДРЖАВАТА ГИ ОДАНОЧУВА ДОНАЦИИТЕ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА ЖРТВИТЕ ОД ПОЖАРОТ!
  • ДОМИНО ЕФЕКТОТ НА ИЗРАЕЛСКАТА ВОЕНА СТРАТЕГИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet