Дипломати, универзитетски професори и граѓански активисти ги споделија своите видувања. За секој новинар најголем предизвик е разговорот со некој свој колега. Се разбира причината е посебниот агол на гледање на работите кога професионално се анализираат работите
ВОЈО МАНЕВСКИ
Причината за воспоставување на авторитарните системи се најчесто последица на неколку фактори. Еден од нив е колективната култура на уредување на односите. Тоа наследство често е преовладувачко кога се работи за функционирање на државата како заедница.
Втор фактор е постепеното губење на средната класа во последните триесеттина години. Брзината на технолошките промени во економијата бара и побрзо прилагодување на организациските форми и начинот на донесување на одлуки. Појавата на мултимилијардери и концентрацијата на светскиот капитал во сѐ помал број на личности го дели граѓанството на многу богати кои се сопственици на мултинационални компании и сѐ поголем број на граѓани кои живеат само од плата. Концентрацијата на финансии неминовно доведува и до концентрација на моќ.
Третиот фактор, посебно во земјите каде нема силна демократска традиција е недоизграденоста на институциите. Притоа мислам на демократски институции засновани на демократски вредности и со силна одговорност кон заедницата. Колку тие се недоизградени или се недемократски, толку е поголем просторот за изградба на авторитарни режими. Притоа авторитарноста се појавува како принцип во донесување на одлуките не само во државниот врв туку и во пониските органи, па дури и во органите кои не би смееле да се врзуваат со извршната власт. Судовите стануваат подложни на влијание од разни центри на моќ кои својата авторитарност ја спроведуваат преку органите на правосудството. Притоа имаме појава кога авторитарно се однесуваат и судските органи, а притоа не се почитуваат основните правни постулати, па дури ни важечките закони. При такви состојби не се почитуваат ниту законските одредби за надлежностите, туку решенија се донесуваат според авторитетот на некои од носителите на правосудни функции. Таа своја моќ тие ја црпат од авторитетот на политичарите со кои најчесто се во разни врски или од положбата на некои економско финансиски субјекти кои коруптивно делуваат за да остварат свои цели. Притоа начелото на правично судење, па дури и водењето на процеси според важечките закони се занемарува. За убедливоста на фактите и да не станува збор. Војната е посебна состојба и на свеста на поединците и на заедницата. Нејзините последици се раст на автократијата и авторитарноста и повлекување на демократските вредности.
Ова се само некои од заклучоците кои ми останаа во меморијата од панел дискусијата која беше организирана од граѓанската организација Цивил и Медиа Дијалог од Северна Рајна, СРГ. Меѓународната конференција беше со наслов „Одбрана на демократијата и човековите права во услови на војна, национализам и авторитаризам“. Четирите дебати на темата одбрана на демократијата презентираа низа на размислувања за моменталните опасности за демократијата и демократската иднина на Европа.
Дипломати, универзитетски професори и граѓански активисти ги споделија своите видувања. За секој новинар најголем предизвик е разговорот со некој свој колега. Се разбира причината е посебниот агол на гледање на работите кога професионално се анализираат работите. Во третата панел дискусија за спротивставување на авторитаризмот учествуваше Mika Bеuster, германски новинар и претседател на Асоцијацијата на новинари на Германија. Од неговото кажување разбравме дека тоа здружение брои околу 25.000 членови.
Разговорот не нѐ одведе за темите околу организацијата на новинари и нивната положба во општеството, туку конкретно разговаравме за недостатокот на демократија и нефункционирањето на правниот систем и недоволната заштита на правата на граѓанинот како поединец, кога се судрува со последиците од искривен правен систем.
Му претставив на кратко еден случај од „функционирање“ на нашето судство. За тој предмет, Фокуснет против Телеком, пишував веќе неколку пати и е еклатантен пример на влијание на авторитарноста. Веднаш добив остроумен заклучок – „Ако тој случај траел 22 години, тогаш граѓанинот кој ја бара правдата сигурно е во право. Ако не бил во право тогаш одамна системот ќе го елиминирал. Вака бараат разни процедурални измислени причини граѓанинот да изгуби трпеливост и случајот да заврши без последици за нарачателите и судиите кои ги штитат нивните интереси“.
Морав да прашам дали се можни такви случаи и кај нив? „Не сум слушнал за такви случаи, но и ако ги има тогаш последиците се големи врз прекршителите на правата на граѓаните“. Посебно тоа е случај кога се загрозуваат правата на имот или права кои произлегуваат од сопственоста. Целиот систем кај нас е заснован врз заштита на сопственоста и правата кои произлегуваат од нив.
Бидејќи во конкретниот случај се работи за домашна компанија која е во доминантна сопственост на германска компанија, тој малку се замисли, а потоа одговори – знаете, профитот е главна водилка на компаниите, ама се сомневам дека во конкретниот случај се работи за инволвираност на менаџментот од Германија. Кај нас и најголемите компании не сакаат да бидат вмешани во судските процеси надвор од законите. Тие плаќаат скапи адвокати да ги штитат нивните интереси, но никако не сакаат да потпаднат под сомнеж дека влијаат врз судските одлуки. Системот е така поставен што цената на сомнителните судски одлуки на крај се плаќаат со големи суми кога се стигне на врвот на правосудната пирамида. Посебно ако со тоа се наруши сликата за компанијата како општествено одговорна. Во тој случај и нивните коминтенти ги напуштаат ако се сомневаат дека на пазарот се однесуваат коруптивно. Има такви случаи кога крајниот износ е со стотици милиони евра отштета за граѓаните.
Јас не сакам да донесувам заклучоци без подлабока анализа на случајот, но ако тоа се однесува за германски компании и нивниот углед тогаш и нашата јавност има право да знае. За вакви случаи кога се наштетува на вкупниот углед на Германија јавноста е особено заинтересирана.
Така ние се бориме за нашите граѓански права. Демократијата секогаш е во опасност од интересите на моќните, но системот мора да има алатки да ја заштити и да го заштити обичниот граѓанин. Инаку кога се судрат моќните и обичните граѓани и тие не можат да ги остварат своите права, тогаш која е смислата на демократијата? Ете токму за ова зборував кога реков дека авторитарноста на било кое ниво ја загрозува демократијата и владеењето на правото како нејзина одбрана. Не правото како поим или како збир од закони, туку право донесено врз демократски начела кое е суштина на демократското општество. Инаку секој е само член на заедницата, ама не е граѓанин со таков статус. Единки со права кои се еднакви токму според правата и обврските кон државата.
Едноставно – си помислив, новинарски јасно кажано. Ако не сме еднакви пред државата и ако тие права не ги остваруваме пред нејзините институции не можеме да се наречеме граѓани, туку поданици на авторитетот кој ни ги одредува тие права. Нема демократија ниту правна држава ако нашиот менталитет вели дека имаме состојба каде „кадија те тужи, кадија те суди“, ама тоа е не сме моќни ништо да смениме.
Мислев да му речам: ПАТУВАЈ ЕВРОПО БЕЗ НАС ако немаме храброст самите да се избориме за демократија и човечко достоинство, ама нека остане темата за следната средба.