АНА ЧУПЕСКА
Што да се прави, за да еволуира општествената свест на една група население, популарно наречена народ? А при тоа, тој народ да може да ги ужива придобивките од сопствениот напредок?
Убедена сум дека прво, ќе треба да се еманципира; да се само-освести, особено, vis a vis својата положба во контескот на светот околу себе. Но, таква операција, овде не е направена. Сè уште не.
Сите што се колнеле во народот, први го издале.
Еманципацијата никогаш не била доволно важен политички проект (како на пр. што било случај во рамките на работничкото движење). Од причини јасни како бел ден, а поврзани пред се со лукративните мотивациони енергии на оние кои првобитно го акумулираа капиталот и полека ги окупираа институциите. Присвојувајќи ги за свои, политичките елити, никогаш не потегнаа таков еманаципаторски проект. Ниту, нешто со слично. Да речеме, сенароден проект за прогресивна иднина, како оној во поствоена Југославија, со сенародното описменување. Тие, речиси секогаш, во скутовите на олигархиските екипи, имаа дебела корист тоа да не се случи. Потоа народот, логично, се сведе на “гласови” и се десубјективизираше, па западна во идентитетска криза.
Да имаше еманципациски проект овде, немаше Уставот да се третира како конспирација, а вредностите кои тој ги содржи ќе беа врежани длабоко во свеста на совремните државјани на земјава.
Да имаше таков проект, немаше да има плитки сеќања, за длабоки успеси (тажни ОРД прослави). Немаше да има ниту антиквизација, ниту параноја од албанизација и бугаризација, и сл. Немаше да доживуваме постојано цивилизациски назадувања, културолошки црвјосаници и демократски дисконтинуитети.
Прогресивната интелектуала (што ли и да значи тоа!), меѓувремено, од разни причини, не успеа, да се наметне и етаблира како јавна сила/свест. Оние “похрабите”, пак, што се обидуваат нешто да направат на оваа тема, кога ќе ја изнесат болната вистина за состојбите, не е реткост да бидат јавно сатанизирани; прислушувани; институционално изолирани; систематски и тенденциозно остахирани. Не се конформирале со суб-медиокритецијата, де.
Па “Нека цркнат”.
Така, најголемата и непоправлива штета и зло, што е извршена врз населението овде, ниту е “продажбата на името”, ниту е “бугарскиот диктат”, ниту е “албанизацијата”, туку е неговото тенденциозно “отупавување” (евидентирано и во сериозни истражувања). Или свесното, нанесување на “несвесна ситуациона хабитуалност”, би рекла.
А ако се нема рамнотежа во свеста, неизбежно е и емоциите да стануваат деструктивни.
Таквите емоции работат против нивниот соптвеник, несвесниот субјект, кој неминовно се претвора во објект. Или, доколку луѓето се во состојба на континуиран и не до крај формативен поредок, со недефинирани системи на вредности, тешко дека воопшто ќе се развие свеста како таква, а уште помалку па во облик на самосвест. Еманципацијата, од овој локус, е на ниво на Mission Impossible.
И обратното е важечко: свеста се стимулира во раст (преку еманципација и процеси на соочување) и во состојбата на активна интелигенција (механизам за еволутивна адаптација заради опстанок).
Интелигенцијата, на пример, може да предизвика емоција на сочувство. Консеквентно, онаму каде што нема сочувство, нема ни интелегенција (за Другоста, за невродивегентноста, за ранливоста, за дискримираните, за остарените, за хендикепираните, за различните итн….)
ДА СЕ ЗАПРАШАМЕ СЕГА КОЈА Е ДОМИНАНТНАТА ЕМОЦИЈА ВО НАШИОТ НАРОД?!
Сочувствителноста или омразата? Од каде се овие емоции? Кој ги поттикнува? Дали се инженираат? За каква цел и во чиј интерес?
Одговорот е јасен, мили мои, а колку и да сакаме да релативизираме, факт е дека иако некои мисли може да си останат приватни, сепак, ДЕСТРУКТИВНИТЕ ЧУВСТВА ВО НАШАТА СТВАРНОСТ СТАНАА ЈАВНИ. Тие станаа параметар на релевантност. Што подеструктивен, тоа побитен си.
Јавните емоции во нашата/вашата држава на овој начин разбрани, фактички се неинтелиегентни. Ова, особено ако се однесуваат на цели групи (етноцентризам/шовинизам).
Јавно искажаните зборови и дела, затоа, се од особено значење. Тие може или да помират и да еманципираат или да деструираат и да делат.
Не може, на пример да повикувате на обединување, а држите инфламаторни говори против цели групи на граѓани.
Не може да тврдите дека ќе донесете напредок, а истовремено да ширите лажни вести со кои ја дестабилизирате свеста на луѓето, која потоа ќе роди деструктивна емоција (омраза на пример)
Свеж пример е инцидентот на еден скорешен фудбалски натпревар.
Не следам фудбал, но, ова за мене беше шокантно сознание. И повеќе политичка, одошто, спортска вест. Натпреварот помеѓу Брера АП и Шкендија во Струмица, има навивачката група, замислете што се вика БАЛИСТИ ?!. Како и друг пат, тие истакнале албанско знаме,а делегатот решил, да ги отстрани навивачите од стадионот. И пазете сега, ВЛЕН (политичкото движење, кое е дел од моменталната власт) излегува со поддршка на управта на Шкендија и на навивачката група БАЛИСТИ, која го нарекува инцидентот како акт против Албанците, кои цитирам: “се сметаат за граѓани од втор ред во СЛОВЕНСКАава”. Запрашан за настанот, ПРЕМИЕРОТ, прво, исправно се огради и посочи кон ФФМ како надлежна да се произнесе за инцидентот, но, сепак не додржа да си каже дека и за ова има генијално решение, а тоа е ДА СЕ ЗАБРАНИ ПРИСУСТВО НА НАВИВАЧИ НА ГОСТИНСКИТЕ ТИМОВИ НА СТАДИОНИТЕ!???
Чекајте малку, сите комплет, од прв до последен.
Па нели го развиваме спортот? Нели и Министерство за спорт формиравме? Нели спортистите се примери за децата за идните генерации? И каква е тука пораката од овој натрпревар – до сите, независно на потеклото? Нели соживотот и преку натпреварите се негува?
Има ли овде нешто од тоа што треба да има?
Мислам дека не!
Но затоа има најдолно политикантсво, придружено со јавна стимулација на деструктивни емоции, без притоа да се размислува на последиците од кои се потешко ќе може да се оправуваме.
Сакам да кажам, доста е со популизмот, ќе ни се удри од глава.
Мора да се отпочне еден проект на еманципација на населението, што ќе подразбира сериозна само-освестувачка, тешка, но и благородна цел, а ќе има долгорочна корист за напредок, кое ќе поттикне конструктивност и реален прогрес , во согласност со позитивните цивилизациски придобивки.
Конечно, таквиот проект мора да се обмисли, а да биде предводен од она сè уште не-кооптирано а прогресивно јадро, кое долго време наназад е во резигнација и нема свој адекватен одраз во јавноста. Во парламетот па уште помалце.
Пријатели, мора да прашам, до кај сме со иднината?