Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДIИМИТРОВ ЗА BBC: БУГАРСКИТЕ ОСПОРУВАЊА НА ИДЕНТИТЕТОТ И ЈАЗИКОТ, ПРАВАТ ДА НЕ ГИ СМЕТАМЕ ПРИЈАТЕЛИ

October 12, 2021 Filed Under: Македонија

За прв пат по неколку години, ЕУ успеа да постигне консензус за да ја потврди својата посветеност кон проширувањето. На претходните Самити – оној во Загреб и тој во Софија – се зборуваше само за европската перспектива. Во таа смисла, сега барем имаме политички сигнал

ТЕШКО Работите тешко се придвижуваат пред влезот во Унијата

BBC: Со години државите од Западен Балкан напорно се обидуваат да добијат влез во ЕУ, но тоа не е едноставен процес. Земјите се ставени на тест за нивната способност да се усогласат со голем број правила и стандарди. Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, сите имаат таканаречен кандидатски статус. Но, процесот за овие четири земји е во застој во последните години и на Самитот во Словенија со лидерите од Западен Балкан минатата недела, лидерите на ЕУ уште еднаш не можеа да се согласат за да ги придвижат работите напред. Еден од најновите камења на сопнување беше спорот за јазикот меѓу земјата членка на ЕУ Бугарија и Северна Македонија. Разговарам со вицепремиерот на Северна Македонија, Никола Димитров. Прво, тој ми ги кажа своите размислувања за Самитот во Словенија.​

Димитров: За прв пат по неколку години, ЕУ успеа да постигне консензус за да ја потврди својата посветеност кон проширувањето. На претходните Самити – оној во Загреб и тој во Софија – се зборуваше само за европската перспектива. Во таа смисла, сега барем имаме политички сигнал, но тоа што ќе биде потребно за да се врати довербата кај луѓето дека тоа е всушност возможно, дека навистина постои европска иднина за нашиот регион, покрај добрите зборови, е акција. Веројатно, најголемиот пресврт за враќање на патот, ќе биде почеток на пристапните преговори со мојата земја, Северна Македонија и со Албанија.

BBC: Кои се вашите обиди по тоа прашање? Бугарија тврди дека постои јазичен проблем меѓу таа земја и Северна Македонија. Бугарија го блокира зачленувањето во ЕУ и на Албанија и на Северна Македонија, инсистирајќи дека Скопје, вашиот главен град, треба да ја признае заедничката историја и јазик. Што велите вие на тоа?

ЕВРОПСКИ ЛИДЕРИ На самитот во Брдо кај Крањ лидерите на ЕУ уште еднаш не можеа да се согласат за да ги придвижат работите напред

Димитров: Во Европа на 21 век, на кој јазик зборуваме, кој ни е мајчин јазик – за етничките Македонци во Северна Македонија тоа е македонскиот јазик; ова е прашање за луѓето во земјата. Ова не е прашање за друга земја, не е прашање за меѓународна организација. Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија, го потпишавме Договорот за пријателство во суштина велејќи – ние Владите ќе работиме гледајќи кон иднината, за да ја зголемиме нашата соработка, Бугарија ќе ни помогне на нашиот евроинтегративен пат, а за прашањата на историјата, формиравме Комисија на историчари за  да разговара за оние делови од нашата историја кои што се заеднички и кои ги поврзуваат двата народи, двете земји.

BBC: Зборувавте за Договорот за пријателство, сè уште ли чувствувате дека сте пријатели со Бугарија?

Димитров: Искрено, тие тоа го прават многу тешко. Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели.

BBC: Го покренав ова прашање, зашто вие самиот го посочивте. Системот во рамките на ЕУ е таков што една земја членка може да го блокира проширувањето на Унијата, или приклучувањето на одредена земја. Значи, треба да ја убедите Бугарија за ова, a во моментов се чини дека сме некаде далеку од тоа.

Димитров: Најприродната состојба би била нашите соседи да бидат нашите најголеми поддржувачи. Ние се обидуваме да ги убедиме нашите бугарски соседи во тоа, зашто решението на ова прашање мора да биде европско.

BBC: А што станува со поопштите загрижености? Можеби не толку гласни како Бугарија, но земји членки како Франција или Холандија стравуваат дека земјите како вашата не се подготвени да се приклучи, дека има уште  многу работи за да се исполнат европските критериуми во области како правото, на пример. Што велите за тие грижи?

Димитров: Не му приоѓаме на ова со леснотија, разбираме дека не сме центарот на универзумот, разбираме дека ЕУ е погодена од голем број последователни кризи. Прашањето на тие лидери е легитимно. Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија? Другата перспектива е, ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. ¾ од трговијата на регионот е со Европа, ¾ од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ. Мигрантската криза преку балканската рута покажа колку нашиот регион е од клучно значење за безбедноста на самата Европа. Значи, ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа.”

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet