Комисијата усвои препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за Цар Самоил
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/dragi-georgiev.jpg)
Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, вели дека комисијата досега усвоила препорака за заедничко чествување меѓу двете држави на Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и Цар Самоил.
Дали последните случувања помеѓу Скопје и Софија ќе бидат пречка за понатамошна работа на комисијата за историски прашања?
– Не може да останеме ние имуни на тоа што се случува во општеството и сите тие политички потреси, тензии, недоразбирања, дневно политички препукувања, кои се случуваат циклично во македонско-бугарските односи, и тие несомнено влијаат и на работата на комисијата. Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата комисија и сето тоа влијае врз атомосферата во самата комисија.
Како ги оценувате последните случувања меѓу Северна Македонија и Бугарија?
– Како да има тенденција, македонско-бугарските односи на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период. Очигледно на некого тоа му е потребно и кога ќе трае некој извесен период, тие мирни и добри односи и ќе тргне работата во вистинска насока, се случуваат инциденти, кои очигледно имајќи ја во предвид историјата на претходните инциденти, се прават смислено со однапред режирано сценарио. И ова мислам ќе деескалира, ќе се смири ситуацијата, но повторно постојат сили, кои нема да ме изненади, после два месеци, да се случи истото по било кој повод.
Можно ли е да се дојде до решение за Гоце Делчев?
– За Гоце Делчев речиси и да не дискутираме сериозно, можеби година дена. Во едни вакви услови, можеби екстремно би рекол заладени односи, со многу висока тензија, многу тешко е комисијата да работи спокојно и мирно на Гоце Делчев. Идејата на заедничко чествување на било која личност, не само на Гоце Делчев, се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување на одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Во овој момент ситуацијата мислам дека не е таква, која ќе овозможи било какво решение на комисијата, кое ќе придонесе уште повеќе да се смират односите и тргнат во вистински правец односите меѓу Македонија и Бугарија. Така да мора политичаката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и комисијата да постигне одреден напредок, пред се во однос на тие чуствителни теми како што е Гоце Делчев.
Што до сега е договорено?
– Комисијата усвои препорака за заедничко чествување меѓу двете држави за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и за Цар Самоил. Во однос на препораките за учебниците, усвоени се препораки за петти клас во бугарскиот образовен систем и за шестто одделение во македонскиот образовен систем. Следната средба е закажана на 16 и 17 февруари во Софија.
(VOA)