Ревизорскиот извештај на Државна ревизија за 2017 (Годишен извештај 2017) година укажува дека средства што граѓаните месечно ги издвојуваат на име на улично осветлување се повеќе од 2 милиона евра на сметка на ЕВН, односно повеќе од 27 милиони евра годишно не се трошат транспарентно
АЛЕКСАНДАР ПИСАРЕВ
Повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме толкување на ваквиот став на ЕВН од Дирекција за заштита на лични податоци и го добивме следниот одговор, потпишан од директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци Горан Трајковски: „Во врска со вашето барање – толкување ’дали во случај ако ЕВН го достави на општините бројот на претплатници тоа би било нарушување на Законот за заштита на лични податоци’, Дирекција за заштита на лични податоци Ве известува за следното:
Согласно член 1 од Законот за заштита на лични податоци ( Службен весник на Република Македонија бр 7/05, 103/08, 124/10, 135/11, 43/14, 153/15, 99/16 и 64/18) со овој закон се уредува заштита на лични податоци како основни слободи и права на физички лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци.
Оттука Ве известуваме дека Дирекција за заштита на личните податоци оценува дека: Во тој контекст, податокот – број на регистрирани корисници на електрична енергија во одредена општина, не е информација, односно индикатор врз основа на кој би можело конкретно физичко лице – субјект на лични податоци да се идентификува според прописите за заштита на лични податоци“, вели во своето писмено известување директорот Трајковски.
Едноставно кажано, ЕВН не може да се сокрива и да се правда дека потадоците кои општините и ЗЕЛС ги барат се тајна со чие откривање би се нарушила приватноста и би се прекршил Законот за заштита на лични податоци на граѓаните. Дирекцијата јасно објаснува дека со откривањето на бројот на корисници на електрична енергија (бројот на струјомери), кои според Закон за комунални такси го плаќат уличното осветлување, нема да се наруши ничија приватност и да се прекрши Законот за заштита на лични податоци. Според Дирекцијата, ЕВН е должен тие податиоци да ги даде, и тоа не само на ЗЕЛС или општините, туку и на секој кој ќе ги побара преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Повреда на заштита на лични податоци би била само во случај ако општините барат име и презиме кој претплатник се „крие“ зад секој струјомер, но тоа не го бараат.
Како што велат во ЗЕЛС тие податоци дури би требало да бидат јавно објавени на веб старницата на ЕВН, бидејќи со нив не се открива идентитетот на корисниците, туку само бројката на регистрирани потрошувачи на електрична енергија на територија на секоја општина.
Сакаме увид во нашите пари
Општините се крајно коректни кон ЕВН, моментално ни една општина нема долгови кон ЕВН за потрошена електрична енергија за улично осветлување.
„Ние остануваме на нашиот став дека ЕВН треба секој месец да ни достави преку договорениот софтвер точна информација колку граѓаните им платиле комунална такса за улично осветлување, а ние тие податоци да ги дистрибуираме до сите општини во државата. Така најтрансперентно и ние како Заедница која ги застапува инетерсите на општпните и општините кои ги штитат гинтересите на граѓните би имале точен увид во прибраните средства“, велат во ЗЕЛС.
Најеклатантен пример на нетранспарентно однесување на ЕВН е општината Крива Паланка.
„Според прецизната евиденција која ја водиме за прилив на средствата од ЕВН кои се строго наменски за одржување на уличното осветлување се гледа дека сумата која ни ја префрла ЕВН се разликува од месец до месец. Со оглед дека општината има стабилни потрошувачи на електрична енергија и дека нивниот број е практично непроменет со години, а наплатата на потрошената електрична енергија од страна на ЕВН е буквално стопрецнтна, би требало секој месец да добиваме иста сума пари. Меѓутоа, еве на пример за месец мај, ЕВН за нашата општина има префрлено наменски средства за улично осветлување кои се наплатени од граѓаните на име комунална такса 934.674 денари, а во јуни месец 924.610 денари, во месец јули 1.000.282 денари, а во месец август 907.996 денари, во септември 899.463 денари, и во октомври, минатата година, 999.817 денари“, вели Драгица Митровска од одделението за финасии и буџет на Општина Крива Паланка.
„Вакви осцилации во висината на префрлените средства, во услови на константен број на корисници, ЕВН не може да ги оправда со ништо. Поради тоа ние инсистираме и тоа би било најправедно, најтранспарентно и најчесно и ние, како и ЕВН да имаме евиденција на бројот на корисници на електрична енергија односно бројот на обврзници (струјомери) на територија на нашата општината. Со вакво нетранспарентно работење, ЕВН отвора сомнеж дека средствата кои ги добиваме на општинската сметка не се реални“, вели Митровска.
И Валандово е една од општините каде ЕВН има скоро стопроцентна наплата на потрошена електрична енергија. Но како единица на локалната самоуправа, можат само да претпоставуваат колку има приближно регистрирани струјомери на нивна територија, односно корисници на електрична енергија кои според регистрираните струјомери плаќаат комунална такса. И тие како членка на ЗЕЛС бараат ЕВН секој месец да им достави податок колку бројила се регистрирани во нивната општина и колку се врз таа основа наплатени средства на име комунална такса.
„Само на тој начин секоја општина може да си планира инвестиционен циклус за подобрување и одржавање на уличното осветлување“, додава Перишиќ. Таа нагласува дека општините не можат да го прифатат образложението на ЕВН дека се работи за тајност на податоците со чие откривање би се повредиле нечии лични податоци.
(продолжува во следниот број)