Хамас му ги предаде четирите израелски заробенички на Црвениот крст во Појасот Газа. За едната од нив имаше обид да се врати како девојка со македонско потекло, но тоа не вроди со плод
Израелката со македонско потекло, Наама Леви по 477 дена поминати во заробеништво беше ослободена од Хамас и се врати во Израел. Леви беше дел од групата од четири заложнички кои беа ослободени во саботата од милитантната група Хамас. Таа беше киднапирана на 7 октомври 2023 година за време на упадот на припадниците на Хамас во Израел.
„Возбудена сум. Знаевме дека овој момент ќе дојде. Не се сомневавме. Помина долго време. Очекувавме тоа да се случи и претходно. Но, ова е тоа, тие се враќаат дома“, изјави роднина на ослободената заложничка.
По ослободувањето, Наама Леви и останатите заложнички беа пренесени со хеликоптер на израелската армија, каде што први ги пречекале нивните најблиски роднини. Во видеото објавено од израелската армија, Леви на табла напиша: „Конечно дома“, на англиски и хебрејски јазик.
Македонската врска на Леви е преку нејзината чукун баба, Грасиа Бивас, која била родена во Македонија во 1893 година. Како девојче, Бивас заминала за Израел каде што основала семејство.
Претставници од еврејската заедница во Македонија, како и роднини на Леви, бараа помош од македонските власти за нејзино ослободување, повикувајќи се на нејзиното македонско потекло.
Наама Леви, денес има 20 години. Информацијата за Гласот на Америка на македонски јазик ја потврдила Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и која е вклучена во напорите за ослободување на девојката.
– Ми се јави господинот Шаул Леви, кој има корени од Македонија, и побара да помогнеме на кој било начин да се ослободи неговата внука. Таа е активист за мир, но била киднапирана и однесена во Газа. Има докази и видео од нејзе – изјавила професорката Друмер за Гласот на Америка.
Според податоците што ги испратиле роднините на девојката, нејзината пра-прабаба Грасиа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејство на Хаим и Сара Бивас. Бабата, како девојче, околу 1900 година, заминала во Израел каде што низ годините основала семејство. Девојката Наама Леви е една од нејзините потомци.
– Но, киднапирана е, има слики дека е жива, но се гледа и дека била силувана. Се бара помош, да се види дали преку тоа што има македонски корени да се направи нешто. На тоа работам сега – реече професорката Друмер.
Малку е чудно дека киднапираната девојка Наама Леви беше претставена како дел од мировната организација „Раце на мирот“, чија мисија била да ги поттикне младите од Израел, Палестина и од Америка да станат промотори на мирот. Но сега, при ослободувањето, заедно со три други девојки е објаснето дека се работи за припаднички на армијата на Израел!
И Ал Џезира така ја опишува ослободената девојка, како припадник на армијата! Палестинскaта милитантна организација Хамас во саботата предаде четири жени изаелски војници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Појасот Газа, објави Al Jazeera.
Според претходно објавениот список, станува збор за војниците Лира Албаг, Наами Леви, Карина Ариев и Даниела Гилбоа. Тие биле распоредени во базата Нахал Оз во близина на границата со Појасот Газа и беа заробени од палестинските милитантни групации кои ја заземаа нивната база за време на напад предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година.
Израелската војска соопшти дека се поставени места за прием каде што четирите жени ќе добијат првична медицинска нега и поддршка, пред да бидат однесени во болници и повторно да се соединат со нивните семејства кои емотивно го следеа во живо нивното ослободување
Повеќето македонски граѓани кои се наоѓаа во Израел, како и во Газа, беа евакуирани и пристигнаа во земјава преку специјални хуманитарни летови.
Израел ослободи група палестински затвореници, нив 200. Се очекува меѓу нив да бидат членови на Исламскиот џихад, Хамас и Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP), од кои некои отслужуваат доживотна казна затвор.
Оваа планирана размена ќе биде втора откако започна прекинот на огнот во неделата, а Хамас предаде тројца израелски цивили во замена за 90 палестински затвореници.