Јавната презентација на новото име со реалниот успех што го имавме на овој музички фестивал, покажа јасно некои од предностите на нашата нова позиција во светот. Пред се и во фактот дека сме подготвени да влеземе во сите модерни „битки“ во светот без некои стари товари. На другата страна одново ги видовме „како на тацна“ сите опортунисти од типот „името ни го предадоа“
„Сметам дека договорот ќе ги урне нашите филозофски граници. Го отстранува зборот ’поранешна’ од нашето име, со што ние веќе не сме дефинирани со нешто од минатото. Сега сме ослободени да бидеме присутни со многу појасна и позитивна визија за нашата иднина“, изјави деновиве за „Њујорк тајмс“, Александар Донев, поранешен директор на Агенцијата за промоција на туризам, мислејќи секако на Преспанскиот оговор. Таа изјава си доби свое место во текстот во кој овој најугледен светски дневен весник ги повикува туристите да дојдат, да ја посетат нашата земја, набројувајќи ги убавите работи што тука можат да ги најдат. За таа армија на туристи – истражувачи земјава не е позната и покрај големите пари за реклами кои ги даваше претходно власта на Груевски. Но тие стари влогови, ниту малку евтини, остануваа заплетката во акронимот, што би рекла довчерашната кандидатка за функцијата претседател Силјановска Давкова, што ја степенуваше нејасноста која се крие во таа „налепница“ а која денес некој и натаму ја смета за сопствен идентитет (!).
Ако само за миг се задржиме на „Њујорк тајмс“ да споменеме дека некој ден претходно, по повод посетата на папата на земјава тој истaкна дека таа визита ја ставила земјава на мапата на светот и дека сега сме држава со сите „ќитапи“ која доживува сеопшто признание, дури и од најрелевантни фактори.
Сепак и настапот на Тамара во Тел Авив, ниту посетата на папата и другите собитија што ни се случија гледано наназад после договорот со Грција како „на тацна“ ја покажаа поделеноста на народот по „прашањето на името“, односно големата наклонетост на значаен дел од макеоднската популација да биде дел од својот робовски менталитет, да не биде барем малку способна да си гради индивидуалност и критичко расудување, туку само да остане лост во форма на агресивно однесување, водено од една точка (владина зграда, партиска палата, некој хотел во Будимпешта…). „Досега видовме: бојкотирам референдум, бојкотирам избори, бојкотирам папа, бојкотирам Евровизија… Следно? – се запраша не без лутина колешката Фросина Димеска на својот Фејсбук профил.
Социјалните мрежи беа навистина преполни со жолчност, со шокантна себеомраза, со желба за „понижување на Северна“ со поставување на некоја невидлива граница меѓу она „вчера“ и она „денес“, без објаснување за таа шизофренија кога станува збор за хроносот.
„Може ли земјината топка да се врти наназад? Прашањето е наивно, празноглаво и бесмислено, исто колку и одговорот. Штом Никола Груевски може да се прогласи за спасител, предводник на „нова ера“ на благосостојба во Македонија во која ќе живеат среќни и задоволни граѓани, може и планетата Земја да се врти наназад“ напиша пред две години нашиот сега покоен колега Ристо Поповски во „Глобус“ во текстот насловен како „Заробен ум“, според делото на Чеслав Милош.
Позицијата на груевизмот е јасно видлива дури и при еден настап на наша пејачка, со својот извонреден тим во Тел Авив а клучот на кампањата против неа беше во фактот што земјава преку Тамара ја доживува својата до сега најизразита иницијација. Затоа и наводната честитка на Мицковски до Тамара беше цинична („Македонија вечна“).
Впрочем, многумина забележија дека груевизмот своето најтврдо упориште го имал токму во „прашањето за името“. Клучен проблем за кој тој не најде одговор, што се вели тој и неговата Фамилија, беше како истиот став да омекне, бидејќи, беше јасно дека нема да може долго да вози со нему својствениот рикверц по патот кој сепак треба да не носи во некаква иднина!
Критичарите на груевизмот знаеја да кажат дека „пастирот“ сакаше да ја одбегне одговорноста со градење на „теророт на убеденоста“, преку користење на механизмот кој требаше да го избегне механизмот на критиката кај поединицот и да го претвори граѓанинот во роб на неговата волја за моќ. Со тргањето на Груевски во бекстејџот и не потценувајќи го неговото влијание, неговите наследници, Мицковски пред се,
ќе влегува во карикаурална имитација на истиот тој механизам на месење на поединецот, со користење се поапсурдни и порадикални насоки до своите поддржувачи, кои, притиснати до ѕидот на историскиот пораз покажуваат невидена до сега хистерија, барем кога е во прашање користењето на „новото“ име, воедно покачувајќи го влогот на сопствената општествена партиципација, од Парламентот (отпорот кон реформите, на пример) се до спортските и културни настани. „Пеколот е пред вас“ – ни порачуваат.
Кога говориме за иницијација на Република Северна Макдонија на Евровизискиот фестивал, секако говориме и за повисокиот степен на одговорност кој го покажа тимот на Тамара. Токму свесноста за значајност на колективната работа, на инсистирањето на совршенство, на високиот степен на креативност и наметливост во пропагандната активност (пресови и слично) го покажува новиот стил на работа во „новата земја“, каде и музиката е нели економнија! Понатаму, самиот текст беше клучот на нашто опстојување, барем еден час таа ноќ, во самиот врв музичко-продуцентскиот Олимп, бидејќи, ние бевме трендовско присутни во зоната на човековите права, со свест која апсолутно е модерна бидејќи авторите се обраќаа на половината на човешѓтвото директно (на женскиот пол), што укажува на тоа дека сме на вистинскиот пат. Тој води се подалеку во пеколот во кој бевме толку долго држени. Според овогодишниот евровизиски лозунг и ние „имам право да сонуваме“.