Новинарите кои пишувале за Евровизијата како настан и известувале од некој од натпреварите генерално жалат заради фактот што нашата естрада ја нема на најпрестижниот фестивал од овој вид
ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Зад нас е 68. по ред избор на песна за Евровизија, организиран од Европската радиодифузна унија (ЕРУ), а домаќин беше Шведската телевизија. Натпреварот се одржа во локалната Арена во градот Малме, благодарение на победата на Лорен на Изборот за песна за Евровизија лани во Ливерпул со песната Tattoo ( „Тетоважа“ ). Ова беше седми пат по ред натпреварувањето да се одржува во Шведска, а трет пат натпреварувањето да се одржува во Малме (еднаш во 1992 година. А втор пат во 2013 г.).
ПОВРЕМЕНО ОТСУСТВУВАЛЕ И ДРУГИ ЗЕМЈИ На натпреварот годинава учество земаа 37 земји. Луксембург се врати во натпреварувањето по прекинот од 1993 година, додека Романија се повлече од натпреварувањето поради финансиски проблеми. Ние веќе неколку години по ред не учествуваме, а МРТ која ја има лиценцата за учество на Евровизија, се откажа од овој натпревар бидејќи нема – пари. Регионално учество не земаа и Босна и Херцеговина и Црна Гора како што се наведува поради финансиски проблеми. Србија ја претставуваше Теодора Павловска ( Теја Дора ) со песната „Рамонда“, Хрватска Марко Пурушиќ ( Бејби Лазања) со песната „ Рим Тим Таги Дим“ , а Словенија ја претставуваше Сара Бришки Цирман со песната „Вероника“.
Со постапката на МРТВ што последниве две години нѐ исклучи од Евровизија, музички настан кој го следат над 200 милиони луѓе, изгубивме досегашна привилегија, посебно значајна за малите земји. Учеството несомнено беше присутно и за домкашната публика ама и кај естрадата. Постои податок во кој се укажува на тоа дека името на земјата – учесник на Евровизија и на изведувачот, се спомнува повеќе од 100 пати во новинарските извештаи во европските медиуми што го третираат настанот. Зборуваме за период од 4-5 месеци, од националниот избор до учеството на самата манифестација. На самиот настан се истакнува и знамето, се зборува за земјата, преку прес конференциите на делегациите и интервјуата на изведувачите. Уште поголем бенефит е и кога ќе се обезбеди влез во финалето..
Повеќето досегашни коментатори на Евровизијата кои ги контактиравме не ја оправдуваат оваа постапка на нашата национална телевизија.
МРТВ ТРОШИ ПАРИ, ТРЕБАШЕ И ТУКА ДА СЕ ПОТРОШИ Постапката на МРТВ не ја оправдува ниту новинарката Соња Алексоска Неделковска, која била директен известувач од десет Евровизии. Според неа една куќа која што троши многу пари, пред сѐ државни и мора нешто да прифати на своја сметка нема реални мотиви за исклучување и дека не го признава само грубото соопштение во кое се истакнува дека немаат пари.
– Имало години кога МРТ била навистина во голема финасиска криза, но сме имале евровизиски претставник. Не ги оправдувам што на поискусните автори и пејачи им ја треснаа вратата на Европа пред нос. Им ја зедоа шансата и надежта да застанат на големата еврозвизиска сцена, а можеби и да победат. Им ја скратија можноста на некои млади, талентирани автори и изведувачи да добијат шанса да ја претставуваат својата земја на најголемиот музички натпревар. Низ песна да порачаат нешто за својот идентитет и вредностите зад кои стојат. Кој не бил таму не знае колку тоа е голема работа. А тимовите од МРТ тоа добро го знаат – потенцираше Неделковска.
Дека евровизиската сцена сѐ уште може да се искористи како шанса за промоција на македонскиот музички идентитет, на модерен начин и покрај сите контроверзни трендови кои се поврзуваат со Евровизија смета и Јасминка Павловска, новинарка.
– Учеството на Евровизија, колку и да било прашање од „национална важност“, шанса за интернационална промоција на македонската музика и музичари, сепак не била клучно важна за развојот на македонската забавната музика, или воопшто за македонската музика. Понекогаш е здраво да се изрази став со неучество на Евровизија, но колку и да ѝ се предвидува „пропаст“ на оваа музичка манифестација, факт е дека таа продолжува да трае. Македонската музика, сепак не треба да се исклучи од тие европски музички текови, какви и да се – рече Павловска.
Според искуствата, не само наши, македонски од учествата на Евровизија, како европско музичко натпеварување, „самоисклучувањето“ од него, не е од трајна природа и не е засекогаш. Обично кога националните радиодуфузери, членки на ЕБУ го откажуваат своето учество на Евровизија, со тоа покажуваат одреден став кон манифестацијата – незадоволство од третманот, од резултатите, од програмската политика, па конечно и од музичкиот стил, естетиката, пораките и тенденциите што се промовираат во тие евровизиски денови, како на сцената, еднакво и зад сцената. Последните години од учеството на Македонија на Евровизија, во македонската јавност (која секогаш имала голем интерес за оваа манифестација – и кога сме учествувале, и кога не сме учествувале), имаше изразено незадоволство и од начинот на избор на претставниците, на песната… и конечно од начинот на кој „избраните“ ја претставуваа земјата на овој европски музички собир.
ПОРАНО НЕ ИМЕНУВАЛЕ КАКО ФИРОМ, СЕГА СМЕ БАРЕМ МАКЕДОНИЈА „Во таков амбиент на незадоволство на домашната јавност, можеби и добро е да се направи пауза во учеството на Евровизија, но тоа да не биде трајно решение. Се надевам дека во МРТВ, за време на оваа две-три годишна пауза се размислува за подобрување на начинот за избор на песна и изведувач во иднина, кои достојно, професионално и квалитетно би ја претставувале Македонија“ – истакна Павловска.
Името Северна Македонија секако не се смета за причина (политичка) поради што оваа раководство се откажа од настапите на Евровизија. Ние веќе настапивме под тоа име, кое веќе е официјално за нашата земја во цел свет. И можеби сега уште повеќе нѐ именуваат со Македонија отколку порано, кога сите нѐ нарекуваа ФИРОМ.
– Најголема прпомоција на името Северна Македонија се случи кога наш претставник беше Тамара Тодевска, во Тел Авив Израел во 2019 година. Доби најголем број на бодови од жирито од сите учесници. Повеќе од 15 пати презентерите го завршуваа јавувањето со зборовите „ и на крај 12 поени добива Северна Македонија“. Следниот учесник беше Васил Гарванлиев – истакна Соња Алексоска Неделковска.
Овогодинешната Евровизија се одржа во екот на две војни, едната на Блискиот Исток, другата помеѓу Русија и Украина која трае повеќе од две години. Организаторите постојано повторуваат дека има простор само за музика, не и за политика, но реалноста ги демантира. И така со децении се поставува прашањето дали изборот на песна за Евровизија е политички или не. Оваа дебата го следи најголемиот европски музички настан иако во статутот на Европската радиодифузна унија стои дека изборот на песна за Евровизија е потполно аполитичен и дека политичките пароли се забранети.
– Изборот на песна за Евровизија е политички, но во скриена и ненаметлива форма, иако ЕБУ има правила со цел да и даде приоритет на песната, а не на политиката. Да не се враќам на примери од минатото. Ќе се осврнам на годинешната Евровизја. Мое лично мислење е дека холандскиот претставник го исклучија од финалето, не само поради инцидентот со камерманката од организацијата која ја нападнал, како што се вели во соопштението. Причина плус е и неговото однесување на заедничката прес конференција на вторите финалисти, кога при обраќањето на пејачката од Израел ја покрил главата со знамето. Дел од евровизските фанови го критикуваа овој потег. Но, можеби грешам – рече Алексоска – Неделковска.
Колку и да сме „музички фанатици“, не може да се избегне политичкиот контекст на оваа европска музичка манифестација смета и Јасминка Павловска.
– Од пораките во песните, до начинот на гласање, па и изборот на победникот. Понекогаш тоа политичко влијание е „невидливо“ и дискретно, но се почесто отворено и директно – пред сѐ како политичка порака, заземање страна за некои актуелни (гео)политички ситуации и состојби. Вербата дека музиката навистина ја победила политиката на Евровизија, може да биде потврдена, за почеток, ако барем наредната година и понатаму се паметат победничката песна и изведувачот кој победил минатата година – потенцираше Павловска.
ШВЕЃАНИТЕ ОДЛИЧНИ ДОМАЌИНИ: Сакав да победи Хрватаска, многу, од срце и Евровизија после 17 години повторно да се пресели на Балканот. Ја следев Евровизија во 2000 година во Стокхолм и 2013 во Малме. Швеѓаните се одлични домаќини и организатори. Се следат светските музички правци но, имаме и копии на оригиналот. Има и вистински евровизиски песни, наменски за тој избор. Но, има и одлични, издржани теми како годинешните на Франција и на Италија. Многу победнички песни можеле да бидат на секоја светска топ листа. Но, некои од нив заслужено заминале во заборав – тврди Соња Алексоска Неделковска.